По една година пауза, во Охрид

Семинар за македонски јазик, литература и култура на УКИМ со Летна школа и научна конференција

По пауза од една година поради пандемијата на коронавирусот, од 15 август до 5 септември во Конгресниот центар во Охрид ќе се одржуваат 54. Летна школа и 48. Меѓународна научна конференција на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Во Охрид годинава повторно се враќаат традиционалните манифестации – Летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј" од Скопје, со настава и предавања во живо,  согласно пропишаните протоколи во време на пандемија.

На оваа издание од Летната школа, како што објави МИА, своето учество го потврдиле 40-тина нови и стари, непознати и помалку или повеќе познати семинаристи од 15 земји во светот, голем интерес што во најголем дел се должи на вложеноста на лекторите по македонски јазик во лекторатите на странските универзитети, како и на професорите/предавачите македонисти и слависти на странските универзитети.

Учесниците на годинешната Летна школа дваесетина дена ќе имаат можност да слушаат лекторска настава со вкупен фонд од 55 часа, како и 13 предавања од врвни специјалисти и познавачи на творештвото на Блаже Конески од повеќе аспекти, но и да проследат неколку културни настани.

Во рамките на 54. Летна школа, на 25 август преку платформата Зум ќе се организира и тркалезна маса на тема „Блаже Конески во наставата по македонски јазик, литература и култура на странските универзитети“ на која ќе учествуваат 15 лектори по македонски јазик на странските универзитети и универзитетски професори (странски македонисти).

Предвидени се и неколку промоции на изданија, меѓу кои „Конески на 11 јазици“, зборник со препеви на песни и преводи на прозни текстови од Конески остварени од странски македонисти, како и „Теми за македонската литература 20 век“ на академик Ала Шешкен од Универзитетот „Ломоносов“ во Москва.

Летната школа е дел од годишната програма на МСМЈЛК при УКИМ, а се остварува во рамките на богатата програма посветена на големиот јубилеј на великанот Блаже Конески, како дел од Програмата на манифестацијата „2021 – Година во чест на Блаже Конески“, под покровителство на претседателот на државата Стево Пендаровски, а во координација на Министерството за култура и во соработка со Министерството за образование и наука.

На 3 септември ќе се одржи и 48. Меѓународна научна конференција на која покрај домашни, ќе учествуваат и 20 странски излагачи. Околу 80 македонисти, слависти и балканисти ќе ги изложат своите истражувања на тема „100 години од раѓањето на Блаже Конески – стожер на македонскиот јазик, литература и култура“.

Дали и колку градовите им служат на интересите на своите граѓани (демократија) или на елитите кај кои се концентрира капиталот (авторитарност)?

повеќе

Освен тоа што муралите се моќно средство за комуникација, тие можат да бидат и предмет на манипулации, па и пропаганда, подигање тензии и продлабочување на недоразбирањата во БиХ.

повеќе

Процесот на донесување на буџетот ме потсетува на една изрека на поранешниот државен секретар на трезорот на САД, Џејкоб Лу (Jacob Lew) кој вели дека „Буџетот не е само колекција на бројки, туку израз на нашите вредности и аспирации“.

повеќе