Вакцините штитат од тешка болест и смрт

Се зголемува бројот на случаи со делта-сојот, сите заразени се невакцинирани

Од Министерството за здравство информираат за четири лица заболени од индискиот делта сој на коронавирусот. Синоќа уште два нови случаи позитивни на делта сојот се регистрирани во Жан Митрев Клиник. Здравствените власти засега не планираат мерки во однос на штитењето на границите од делта сојот, но деновиве, најдоцна до почетокот на следната недела ќе го имаат конечниот став.

Министерот за здравство Венко Филипче смета дека државите во регионот треба да имаат поорганизиран пристап во однос на ширењето на делта-сојот. Тој вчера посочи дека ќе разговара со колегите министри од земјите во регионот за да заземат заеднички ставови.

Во делот на клиничката слика, сè уште нема точни податоци дали има потешка клиничка слика како што имаше британскиот сој кога се појави. Некои публикации, укажуваат дека нема, но Филипче смета дека сè уште е рано тоа да го потврдат.

Министерството за здравство вчера соопшти дека ниту еден од ковид позитивните пациенти кај кои е изолиран делта сојот на САРС-КоВ-2 не е вакциниран за ковид-19. По направените анкети со пациентите било утврдено дека никој од нив не примил ниту една доза вакцина, односно ниту се вакцинирани, ниту ревакцинирани.

„Од вкупниот број позитивни пациенти, кај кои е утврдено присуство на делта сој, само еден е во многу тешка состојба. Станува збор за пациент што осум-девет дена откако појавил симптоми на ковид-19, одбивал да оди на лекар и бил во домашна изолација“, информираа од МЗ.

Во болниците во моментов нема притисок, ниту за прегледи. Од вчера во болницата во Битола не се лекува ниту еден пациент, а во Охрид само уште едно лице.

Според вчера објавените податоци од Институтот за јавно здравје регистрирани се 16 нови случаи со ковид-19 од 2.873 тестирања. Од нив четири во Тетово, по три во Скопје и Струмица, два во Куманово, и по еден во Прилеп, Гостивар, Охрид и Струга. Починати пациенти не се регистрирани, а оздравеле четворица.

Вкупниот број ковид-дијагностицирани лица во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 155.732, бројот на оздравени пациенти е 150.104, на починати е 5.486, а на активни случаи изнесува 142.

Од следната недела треба да почне теренската вакцинација против ковид-19. Ќе ја организира секој директор на здравствен дом, во зависност од бројот на жители во помалите места.

Во однос на ефикасноста на вакцините, Филипче нагласува дека дефинитивно штитат од потешки форми на болеста и од смрт. Оваа недела, како што соопшти вчера, се вакцинираат над 60 илјади граѓани што се пријавени за вакцинација. За сите граѓани што од сега натаму ќе се пријават, вакцинацијата ќе се закажува во пунктовите во здравствените домови и во поликлиниките во Скопје.

„Во салите ќе продолжи ревакцинацијата заклучно со последните денови од јули, за во август да функционираат пред се здравствените домови и поликлиниките“, појасни Филипче.

Во државата вкупно се аплицирани 613.219 дози вакцини, а ревакцинирани се 232.595 граѓани.

Министерството за здравство вчера реагираше на дел од објавите и пренесените ставови во медиумите дека кинеската вакцина „Синовак“ не штити од делта-сојот и од тешка клиничка слика при разболување на вакцинираните со оваа вакцина.

„Ова тврдење е апсолутно неточно, нема ниту една студија или научен доказ кој ова го потврдува. Апелираме медиумите да не пласираат непроверени тези од поединци кои не се засновани на официјални информации од меѓународните здравствени институции. Досегашните анализи и официјални инофрмации на СЗО која ја одобри оваа вакцина, покажуваат дека истата е ефикасна 51 проценти при заштита на асимптоматските случаи и штити 100 отсто од развој на тешка форма на болеста“, велат од МЗ.

Министерот Филипче вели дека се уште е рано да се каже дали ќе има одложување на почетокот на новата учебна година. Тоа ќе зависи од повеќе фактори, а најмногу од епидемиолошката ситуација во земјава.

„Најважно е дека интензивно се врши вакцинација на наставниците и оти се спремни сите сценарија за почеток на школската година“, изјави вчера Филипче.

Tреба да ја прифатиме технологијата, наместо да се плашиме од неа, а и игрите се дел од тој процес. 

повеќе

Moжно ли е стотици кандидати за градоначалници три недели да ветуваат, а никој да не каже од каде средства за таа намена т.е. никој да не го спомене зборот децентрализација кој претставува клуч за било какво ветување?

повеќе

Капиталното дело на Танас Вражиновски „Македонска народна митологија“, упатува на потребата нашата наука постојано да се враќа на извориштата на македонската култура и писменост, создавани од светите браќа Кирил и Методиј и од нивните ученици и следбеници, светите Климент и Наум Охридски. 

повеќе