Каква ќе биде оценката за онлајн наставата?

Се заклучуваат оценките за тримесечјето од месец и половина

Македонското образование ја минува корона кризата низ лавиринтите на интернетот. Иако учебната година започна пред нешто повеќе од месец и половина, на учениците неделава ќе им бидат заклучени оценките за првото тримесечје. На директорите на училиштата им е оставена одлуката дали наставниците ќе предаваат онлајн од дома наместо од наставничките кабинети.

Во согласност со здравствената состојба во земјата, кога коронавирусот се шири и секојдневно се зголемува бројот на болни во болниците, Министерството за образование и наука информира за можноста наставниците кои држат онлајн настава, во наредниот период да можат наместо од просториите на училиштата, да ја изведуваат од своите домови. Одлуката им е оставена на директорите.

„Министерката Мила Царовска на состанок со директорите на училиштата информираше за можноста работата на наставниците да биде организирана од дома со претходна согласност од самите директори. Во оваа насока, направени се и измени на Планот за организација на учебната 2020/2021 година кој е објавен на сајтот на МОН и споделен со училиштата".

Oва е одговорот од Министерството на прашањето на МКД.мк дали е завршена дебатата со градоначалниците на општините и на Град Скопје на која, како што неодамна имаше најавено министеркaта Мила Царовска, требаше да се разгледува можноста за онлајн настава на наставниците од дома со цел, покрај заштитата на здравјето, и да се заштедат средства кои се издвојуваат за струја и загревање на училниците и кабинетите, кои потоа би можеле да се искористат за други цели, на пример, за набавка на информатичка опрема.

Во меѓувреме, учениците веќе треба да се оценети за првото тримесечје од наставата. Со дописот од Бирото за образование на почетокот од ноември наставниците беа информирани дека до 20 ноември учениците треба да ги добијат оценките за тримесечjе, а заклучните за полугодие, до крајот на декември.

Доволно ли беше времето имајќи предвид дека наставата почна на 1 октомври, а терминот за оценките што беше даден од Министерството е 20 ноември, односно изминатиот петок? Или, тримесечjе за нешто повеќе од месец и половина. Се разбира, откако сме во криза поради ширењето на опасноста во земјава, ништо не е исто како пред епидемијата, па така ништо не е исто ниту во образованието. Најголемиот дел од децата се дома, наставата речиси целосно се изведува онлајн, преку компјутерите и паметните уреди.

Од Министерството за образование не сметаат дека има проблем. Навремено беа информирани училиштата за планот за оценување. Оттаму за МКД.мк велат.

„Наставните програми по кои се реализира наставата се скратени односно прилагодени на намаленото време за реализација на оваа учебна година утврдено во Календарите за организација и работа на училиштата во 2020/2021, така што и периодот од 1 октомври до 20 ноември, кој се смета за тримесечје, е доволен за совладување на истата материја и за проверка на знаењето на учениците од страна на наставниците. Инаку, МОН и БРО уште на почетокот на учебната година ги информираа училиштата за начинот на оценување, доставувајќи соодветно упатство изготвено за таа намена со јасно утврдени насоки за да се заштити квалитетот на процесот на формирање на оценката".

Но, ако се направи мала анкета меѓу наставниците и учениците, се добива впечатокот дека сите се под стрес. Во трка со времето, со наставните програми и со знаењето. За месец и половина требаше да се предадат лекциите, да се изработат домашните задачи, да се започне со реализација на проектните активности, да се испрашаат учениците...

Во некои училишта оценките се заведени, некаде преостанува да бидат потврдени на наставничките совети од понеделник. Во други училишта рокот што беше препорачан е пречекорен и според одлуките на директорите, оценките ќе бидат запишани најдоцна до среда, а до петок и потврдени како конечни.

А објективни околности за „пробивање" на рокот има многу, велат наставниците. Некаде поради коронавирусот кој навлегол меѓу наставниот кадар во некои училишта, но има и болни ученици, а не е мал бројот на ученици кои ги информирале своите наставници дека им се болни родителите од ковид-19.

„Тие деца не беа во можност целосно да се посветат на наставата, мора да се биде реален низ што минуваме сите заедно во државава и затоа треба да се биде толерантен и да не бидеме строги во секоја ситуација", вели една наставничка.

„Иако работиме според скратени наставни програми, овој период е прекус за да може да се завршат предвидените предавања по предметите, да се работи на проектните задачи и да се изведат оценки. Што е побитно - наставната програма или оценките? Подобро ќе беше по секој предмет да дадевме само заклучна оценка за прво полугодие на крајот на декември, затоа што мораме да ги имаме предвид сите проблеми и предизвици со кои се соочивме", вели наставник од средно училиште.

„Најискрено се надевам дека сѐ уште има време до полугодието, кое завршува на Нова година, ние како наставници (оти со останатите субјекти некако и не сме во конекција каква што сметам дека ваквата состојба треба да подразбере) да се потсетиме зошто сме наставници, да застанеме малку и да си направиме рестарт. На децата сега им требаме на поинаков начин. На онаков кој ќе ги заштити и ќе им помогне да се почувствуваат сигурни, во време кога се на бришан простор над кој пукаат рафали", порача преку социјалните мрежи Елизабета Секирарска, наставник од кумановско средно училиште

Друг наставник кој предава во прва година во една гимназија се согласува дека времето од помалку од два месеца е прекусо за учениците да добијат реални оценки:

„Поради пандемијата, некои од учениците ги немам видено никогаш, зашто тукушто беа дојдени од основните училишта. Со другите одвај да сме се запознале. Не можам да знам какви се како личности гледајќи се само низ камерчето од компјутерот. Образованиот процес не е само решавање на пример, на квадратна равенка. Децата се живи суштества кои размислуваат, кои имаат начини на однесување, кои треба да се воспитуваат низ образовен процес. Оценката не може да се базира само на неколкуминутно усно испрашување или на тестовите и домашните задачи и проекти добиени во електронска пошта. Мора да бидеме толерантни. Се разбира, принудени сме на ваков онлајн начин на образовен процес поради заканите од вирусот, добро е што имаме технички можности и сепак мислам дека резултатите се подобри од очекуваното", вели овој наставник.

„За да ги исполниме барањата од Министерството, им закажуваме на учениците испрашување и навечер и по 20 часот, се консултираме со нив кога сите ќе можат да се соберат и да бидат испрашани. Некогаш по цел ден и за викендите сум на телефон, добивам вибер пораки од учениците, добивам мејлови од колегите, упатства од директорот, пишувам и испраќам одговори, морам и обврските кон дневникот да ги исполнам и тоа во пишана форма, на училиште, поради што останувам подолго на работа,", се жали еден наставник.

И учениците тврдат дека се преоптоварени и дека полесно ќе им беше да се одвиваше наставата со физичко присуство. Тие укажуваат на реални проблеми кои ги имаат. Немаат сите нови и моќни компјутери па им се случуваат технички проблеми. Не е секаде интернетот постојан и силен. А знае понекогаш да проработи и „вишата сила" - како што е снемување на струја.

„Бев многу добро подготвена за испрашување. Очекував петка. Само што почнав да одговарам, снема струја. Работам на деск-топ компјутер, немаме дома лаптоп, затоа и не можев да продолжам. Се обидов да се вклучам преку мобилен телефон, неуспешно. Мојот термин помина. Наставникот мислеше дека не сум подготвена и на учениците им кажал дека ќе ми пише двојка, затоа што нешто малку сум знаела на почетокот, ама потоа сум измислила технички проблем. Попусто кажував дека дома немавме струја, мораше моите родители да се јавуваат па дури тие на наставникот му испратија линк од соопштение објавено во медиумите дека навистина немаше струја во дел од мојата населба. Успеавме да го убедиме таа вечер повторно да се вклучиме јас и професорот и да одговарам", вели една ученичка.

Се разбира дека има ученици кои измислуваат десетици проблеми од техничка природа. Особено се снаодливи средношколците , посебно кога од другата страна на камерата е наставник од постарата генерација. Една од честите „иновации" кои ги применуваат за време на усно испашување е лепење на селотејп преку камерата. На тој начин сликата што ја добива наставникот е заматена, ученикот се гледа дека е присутен, но не може да се утврди дали повремено чита од учебник или можеби од ливчиња ставени лево, десно или зад компјутерот. Некои од наставниците знаат дека постои ваквав досетка, но не може да докажат, бидејќи ученикот вели дека кај него сѐ е во ред и дека веројатно „проблем" е интернет врската што ја има наставникот или силата на неговата интернет конекција.

„Не ми е јасно зошто толку се тревожат некои мои колеги поради селотејп - измамата. Има начин како да се провери знаењето на ученикот. Треба испрашувањето да не е базирано на раскажување на лекции, туку на куси и чести потпрашања, на прошетка низ материјалот, на тој начин селотејпот нема да биде од помош, бидејќи нема да може ученикот брзо да ги пронаоѓа лекциите и дефинициите низ учебникот или подготвени на ливчиња", вели професорка од една гимназија.

Со неа се согласува друг професор:

„Мора и ние наставниците да се прилагодуваме на ова ново време. Часовите се одржуваат онлајн, скратено е времето, интернет наставата подразбира брзина и едноставност. Требаше и пред пандемијата да се учи повеќе низ разговор со учениците. Барем кога се работи за општествените науки, која е користа да се научат напамет некои дефиниции, ако ученикот не ги разбира поимите и процесите кои се изучуваат. Апликацијата „Тимс" овозможува лесно сите ученици да се вклучат во разговор за некоја тема. Па и нека користат гугл притоа. Зошто да не? Битно е да се научи нешто повеќе. Онлајн наставата е одлична алатка за да се стекнат знаења, мислам дека допрва ќе станеме свесни и за предностите, а не само за недостатоците од онлајн наставата. Секако, ќе беше најдобро да можеше да се комбинираат учењето од далечина со физичко присуство на училиште. Но, сега приоритетот е да се заштитиме сите од опасната болест".

Од Министерството за образование знаат да се пофалат кога ги објавувааат податоците за опфатот на деца во онлајн наставата кој изнесува околу 90 проценти, но и дека наставни програми можат да се следат и преку државната телевизија. Па така, во петокот министерката Мила Царовска изјави:

„Онлајн наставата се одвива успешно за најголемиот дел од учениците и во моментот околу 8.000 ученици во цела држава следат настава преку телевизија или со достава на материјали и е за неколку пати помала од првичната проценка од 40 илјади ученици дека се без ИТ уреди.".

Сигурно е дека откако ќе заврши епидемијата ќе се прават анализи на искуствата од онлајн образованието. Веројатно сите се свесни дека во моментов се учи многу важна лекција за тоа во кои насоки треба да се прават реформи во образовниот систем, кој треба да биде приоритет за секоја држава, како што годинава увидовме колку е важно да се вложува во здравствениот систем. Лекциите треба да се учат.

П.Џ.

 Еврообврзница во услови на најголемата светска економска криза за репрограмирање на долгот и буџетска поддршка.

повеќе

Повикот на Заев за „Влада за национален спас“ само три дена откако неговиот кабинет ја доби собраниската доверба, покажува дека таа тешко би се качила над сегашните 62 пратеници.

повеќе

Богатите држави мораат веднаш да донираат вакцини против ковид-19 на загрозените држави. 

повеќе