Ракот на простата може да се излекува со рано откривање

Во 2021 година регистрирани се 397 нови случаи на рак на простата, a починале 201 маж, покажуваат податоците од Институтот за јавно здравје. Во однос на 2020 година зголемен е бројот за 62 нови случаи, а во последните пет години најголем број регистрирани случаи имало во 2018 година. Најмногу починати имало во 2020 година, а минатата година смртноста е намалена.

Од Универзитетската клиника за урологија од каде МИА побара одговор по повод месецот посветен на машкото здравје посочуваат дека со рана дијагноза и навремена терапија има целосно излекување дури кај 98 проценти од заболените. Токму поради ваквата висока стапка на излекување во раните стадиуми на болеста, се препорачува, секој маж над 50-та година, без разлика дали има проблеми со мокрењето, еднаш до два пати во годината да оди на преглед.

Извор: Институт за јавно здравје Извор: Институт за јавно здравје

Мажите над 40-тата година најчесто имаат проблем со зголемување на простатата

Годишната стапка на смртност на 100.000 луѓе од рак на простата во земјава е седум до десет заболени лица. Превенцијата би значела поголема свесност за постоењето на овој здравствен ризик и редовни проверки и тестови.

„Карциномот на простатата е индивидуална и непредвидлива болест, чиј малигнен потенцијал не може секогаш да се предвиди“, нагласуваат од Клиниката за урологија.

Мажите над 40 години најчесто имаат проблем со зголемување на простатата и раниот карцином на простатата. Најновите истражувања велат дека скринингот и раното откривање на ракот на простатата треба да почне од 40 година бидејќи првите промени се откриваат преку едноставен лабораториски тест – ПСА – и со ректален преглед.

„Простата е единствен орган во нашето тело кој можеме да го допреме и да видиме какви промени се случуваат – преку дебелото црево можеме да ја прегледаме оваа жлезда и рано да ги откриеме сите промени во нејзиниот состав. При овој преглед многу ни помага и ултрасонографијата, особено доплер ултрасонографијата со која секоја зголемена васкуларизација на некој ран туморски процес се детектира и во најрана фаза. Ако има промени, се прави биопсија да се открие дали има тумор. Кај нас биопсијата се изведува со ултрасонографија, доплер сонда. Со неа директно се гледа простатата, нејзината васкуларизација и се гледа каде е јазолот, се земаат парчиња од тоа место и истите ги анализира тимот од патохистолошката лабораторија“, велат од Универзитетската Клиника за урологија.

Извор: Институт за јавно здравје Извор: Институт за јавно здравје

Во рок од 48 часа, како што посочуваат, веќе имаат дијагноза дали се работи за карцином на простата. Ова, велат, е светски протокол за рано откривање на карциномот на простатата, кој, за жал, е во огромен пораст, а многу лесно се лекува ако навреме се открие.

Други чести заболувања кај машката популација

Во однос на другите заболувања, од Клиниката за урологија велат дека освен рак на простата мажите се соочуваат и со еректилна дисфункција, машки климактериум, ќелавост, ХПВ, кардиоваскуларни болести, стрес, ’рчење. Ракот на тестисите е исто така сериозен здравствен проблем со кој се соочуваат мажите.

„Во согласност со податоците на Светската здравствена организација во Северна Македонија има стапка на морталитет од 0.9 отсто на секој 100.000 жител, и стапка на појава од 4,5 проценти и главно ги погодува младите меѓу 20 и 35 години. Друг проблем е плодноста, а важно е што сите причинители може да се откријат на оваа возраст и да се третираат, за навремено да се спречи неплодноста. Честа појава што влијае на плодноста е варикоцелата, која кај многу мажи не дава симптоми, но ја намалува плодноста, а доколку се открие навреме, многу лесно се лекува со едноставна хируршка интервенција“, велат од Клиниката.

Советуваат дека пред мажите да стапат во брак со едноставен уролошки преглед да ја проверат својата плодност.

„Еректилната дисфункција, најчесто е од психогена природа, ако се исклучи дијабетес, невролошки испади, хормонски дебаланс. Најголем процент се млади момчиња кои немаат ерекција поради психичка траума. Најчесто станува збор за нереализиран сексуален однос, некоректно однесување од некоја девојка кое остава долготрајни последици кај момчето. Тие се затвораат психички, па ова им станува реален проблем. Денес постојат модерни протоколи на лекување и многу брзо овие пациенти излегуваат од затворениот круг што самите го создале“, посочуваат од Клиниката за урологија.

Месецот ноември е посветен на грижата за машкото здравје. Таканаречената „Мовембер“ акција, има за цел да ја подигне свеста за грижата за машкото здравје, но и да го сврти вниманието кон ракот на простатата, како еден од најчестите здравствени проблеми кај мажите. Во текот на Мовембер мажите ги пуштаат мустаќите во знак на поддршка на ова движење.

Во однос на тоа дали свесноста кај мажите за нивното здравје е зголемена, од Клиниката за урологија велат дека се забележува зголемување за 10 до 15 проценти во последните години, но има и одреден процент на пациенти кои на лекар се јавуваат многу доцна, но бројот на овие случаи, иако бавно, сепак се намалува.

МИА

Ќутејќи - банализирамо. Банализирајќи - нормализирамо. Нормализирајќи - дозвољуемо пред очи да ни се повампируа фашизмот и нацизмот.

повеќе

Самата идеја на странските директни инвестиции е да донесе нови вработувања со повисоки плати кои треба да ги исплаќа странскиот инвеститор.

повеќе

Треба да се размисли за тоа дека сите предлози и промени кои доаѓаат од Брисел, не можат ефикасно да се применат и во Македонија и да се дејствува во правец на благосостојба на граѓаните, а не само на профитите.

повеќе