Што беше речено во Собранието за новата концепција на МОН?

Професорите од ПМФ се едногласни дека се работи за избрзана и недоволна осмислена реформа во образованието

При изработката на новата концепција за основно образование не се искористени компетенциите на универзитетските наставници од Природно-математичкиот факултет каде се едуцира наставен кадар за пет општообразовни предмети за основно и средно образование – хемија, физика, биологија, географија и математика. Професори на ПМФ на минатонеделната јавна расправа во Собранието рекоа дека новата концепција за образованието има недоречености во многу битни делови од кои зависи квалитетот и за кои е потребно повеќе време да се најде најсоодветното решение.

Изнаоѓањето најдобри решенија, рекоа професорите, може да се оствари со директна комуникација и размена на мислења помеѓу експерти од сите области од интерес, анализа на предностите и недостатоците од нашите и туѓите искуства од кои ќе произлезат најдобрите решенија за нашиот образовен систем.

„Затоа, нејасни се изјавите на дел од творците на концепцијата, според кои не постои потреба од вклученост од други стручни лица во креирање на концепцијата, затоа што единствено членовите на работната група треба да кажат како да се учи, а стручните лица да учествуваат само во изработка на наставните програми. Самата концепција подразбира различност и инклузивност, па затоа е потребна хетерогена работна група, составена од експерти од различни области (за да се задоволи не само педагошкиот, туку и стручниот аспект на планираните реформи) и нужно вклучување на наставници од основните училишта и од универзитетите, по примерот на Работната група за реформи во образованието во Хрватска и други европски земји. За да се предложи ваков сосем нов концепт, сметаме дека е неопходно, најнапред, да се поведе расправа во сите релевантни институции, во кои спаѓа и ПМФ. За жал, ваква расправа, како и вклученост на членови од нашиот факултет во подготовката на новиот концепт, изостана“, забележаа професорите од овој факултет.

Зошто брзање

Професорката Марина Стојановска од Институтот за хемија смета дека не може да се добие впечаток за вистинската придобивка од спојувањето на повеќе предмети во еден.

„Интеграција е можна и веќе постои и без да има „фузирање“ на предмети, а корелацијата оди и надвор од она што се смета за сродни предмети. Хоризонтална или интердисциплинарна интеграција постои, како и при реализацијата на наставата по одделните предмети, така и при учеството на меѓународни натпревари. Ова можам да го потврдам како еден од наставниците од ПМФ кој учествува во подготовката и води ученици на Меѓународната олимпијада по природни науки – IJSO, наменета за основци. Имено, иако во насловот на оваа олимпијада стои називот природни науки, првиот дел од тестот се состои од 30 прашања – 10 од физика, 10 од хемија и 10 од биологија, а во експерименталниот дел учениците заеднички работат во групи од тројца, но секој ученик е посветен на една област.

Спојувањето на предметите ќе предизвика проблеми при оценувањето на учениците од страна на повеќе наставници за еден предмет. Имено, се предлага една завршна оценка, со „опис на преференците во додатокот на свидетелство“. Она што е важно да се спомене е дека во држави каде што постои предмет Природни науки (Science) се едуцира соодветен кадар за тоа, а предметот го предава еден наставник, а не тројца.

Оваа концепција, која подразбира целосна промена на начинот на функционирање на училиштата и реализацијата на наставата по сите предмети, изгледа дека е направена за само четири месеци, а до почеток на новата учебна година остануваат нецели 7 месеци за изработка на наставни програми и учебници, како и обуки на наставници. Јасно е дека временскиот период за по­че­­ток на имплементацијата е премногу краток. Повеќепати укажувам дека при вак­ви реформи во образованието треба имаме целосна и јасна слика за сите одде­ле­ни­ја, не само за 1. и 6. (или 4.) одделение, со што ќе се овозможи континуитет во зна­е­ња­та и вештините со кои се стекнуваат уче­ни­ци­те. Затоа, мојот предлог е во овој момент вниманието да се насочи кон суштинско и креативно осмислување на наставните програми и креирање не само на наставни материјали за учениците, туку и прирачници за наставниците“, рече Стојановска.

Пилот паралелки

 И за професорот Владимир Петрушевски, кој исто така доаѓа од Институтот по хемија се работи за избрзан и недоволно разработен концепт.

„Во изминатиот 50-годишен период бевме сведоци на многу промени, на сите нивоа во образованието, чија цел беше подобрување на квалитетот на наставниот процес, осовременување и подобрување на учебниците, создавање на успешни генерации кои ќе можат аналитички и критички да размислуваат и ќе поседуваат применливи знаења, но овие промени не ги дадоа очекуваните резултати.

Би можело да прифатиме реформа, не само на наставните програми, туку и на наставниот план во основното образование поради големото оптоварување на учениците и изборот на предмети и содржини. Тоа, сепак, не значи дека треба, по секоја цена, да се донесе недоволно разработен, непроверен и избрзан концепт од кој последиците за учениците, а понатаму и за целото општество, може да бидат огромни.

Неопходна е проверка на моделот на пилот паралелки. Тоа е нешто што прво се прави, пред да се премине на универзална имплементација. Затоа, условно би прифатиле реформи во основното образование кои ќе бидат добро обмислени за да ги дадат посакуваните резултати. Во таа насока, предлагаме МОН најпрвин да ги надмине недостатоците во училиштата преку подобрувањето на инфраструктурата, опременоста на училиштата со лаборатории и обуки за наставниците. Дури потоа да следат промени во наставниот план, наставните програми (соодветен избор на наставни содржини) и зголемена изборност во делот на изборните предмети...

Предлагаме работата и резултатите од пилот-проектот да бидат анализирани од група од експерти од сите научни дисциплини што се предаваат во основните училишта за да се увидат и надминат недостатоците. Наша сугестија е ваквиот пилот-проект да трае најмалку една учебна година“, рече Петрушевски.

Реално изводливи реформи, а не избрзани

Секоја промена во образованието мора да се прави во соработка со факултетите кои учествуваат во едукацијата на студентите-идни наставници, притоа почитувајќи ја автономијата на универзитетите, изјави професорката Катерина Русевска од Институтот за биологија. И за неа оваа реформа е недоволно осмислена и невозможна да се спроведе во толку краток период.

 

„Во нацрт концепција за одредени предмети е предвидено користење на разни извори на учење, пред сè за предметите за кои се предвидува да нема учебници. Вакво нешто можеби е соодветно за држави во кои има огромен избор на стручна литература на мајчин јазик, прилагодена за возраста на учениците од основно образование. Кај нас воопшто не постои ваков тип литература или изборот е премногу мал. Материјали за учење не може да се подготват за само неколку месеци колку што остануваат до зацртаниот почеток на оваа реформа.

Според нацрт концепцијата, реформите опфаќаат и воведување релативно голем број изборни предмети, различни во секое училиште, при што се нуди можност тоа да го прават и наставници кои не се стручни за одреден предмет, туку тоа е нивно хоби, што е крајно некоректно и укажува на непочитување на наставничката професија. На големиот број реакции за прекраткиот времески период, меѓу другото и за подготовка на наставниот кадар, одговорот е дека ќе има обуки за наставниците. Апсурдно е една реформа да се спроведува со обуки, во само неколку месеци. Главната „обука“ на наставниците е солидно факултетско образование и тоа на соодветните наставнички факултети и токму тоа треба да се почитува.

Оттука следува дека секоја промена во образованието мора да се прави во соработка со факултетите кои учествуваат во едукацијата на студентите-идни наставници, притоа почитувајќи ја автономијата на Универзитетите. Истото се однесува и на професионалниот развој на наставниците, кој треба да понуди стручни и компетентни обуки на наставниот кадар.

Затоа, сите сакаме да веруваме дека имаме заедничка цел, а тоа е изработка на концепција која ќе до­­­веде до соодветни и реално изводливи реформи во основното образование насоче­ни кон зголемување на квалитетот на целокупниот образовен систем и создавање на генерации ученици со кои ќе се гордееме. Поради тоа, сметаме дека неминовно треба да бидат вкл­у­чени и наставници од Природно-математичкиот факултет кои кон­ти­ну­ирано работат на истражувања од областа на образованието во секоја од одделните об­ласти на природните на­у­ки, како и поголем број наставници од основните училишта“, рече Русевска.

На јавната расправа не присуствуваа претставници на здруженијата на наставниците по одделни предмети, акредитирани од МОН, кои веќе со децении го одржуваат нивото на основното и средното образование (дома и во странство) достојно за почит. Сите овие здруженија во своите соопштенија исто така не ја подржаа оваа концепција за реформа во основното и средно образование.

Кусокот во глобалното производство на вакцини против КОВИД-19 може да се надомести доколку на производителите ширум светот им се даде пристап до потребната технологија и знаење. 

повеќе

Европа е решена да се ослободи од меката моќ на Москва (енергенсите), а и на дипломатско поле сака да и стави до знаење дека и за неа ќе има „црвени линии“. 

повеќе

Незабележливите разлики во нашето однесување кои се дел од психолошката манипулација на социјалните мрежи се предизвикани од надзорниот капитализам и ја нарушуваат демократската култура и личната автономија.

повеќе