Професорите на УКИМ на протест за повисоки плати: На трпението му дојде крај

Сојузот на синдикати на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ денеска пред Ректоратот на УКИМ одржа мирен протест изразувајќи незадоволството од, како што велат, за влошената материјална положба на вработените. Претседателот на Сојузот на синдикати, Ангел Ристов, пред присутните колеги и професори истакна дека никогаш во историјата на УКИМ состојбата на вработените на Универзитет не била како денес.

„Долго време бевме трпеливи иимавме разбирање за економската состојба во нашата држава, но на трпението му дојде крај. Ние мора да се избориме за нашите права, за достоинствени плати доколку ние тоа не го направиме никој друг тоа за нас нема да го направи. Ние сме претставници на научната заедница. Ние сме свеста и совеста на ова општество. Ние сме тука за нашите студенти, за нивното образование затоа што тие се иднината на нашата држава“, рече Ристов и посочи дека тие нема веќе нема да молчат.

„Автономија без достоинствени плати, дополни тој, е илузија. Доста беше! Денеска еден доцент доктор на науки има плата пониска од просечната плата во државата. Платите на ненаставниот кадар се под достоинството – мизерни. Ова го нема никаде во Европа и во светот. УКИМ со децении е заборавен и запоставен од сите досегашни влади“, наведе Ристов.

Според него, Владата се обидува со минимални покачувања да ги задоволи барањата на академска заедница и ненаставниот кадар. Целта на овој протест според Ристов е да и се укаже на Владата и да се прати порака дека вака веќе не може. Предлозите за минимално покачување на платите најавени од септември, како што рече, за Сојузот на синдикати за УКИМ се неприфатливи.

„Бараме конечно Владата да прифати дека науката и образованието се од суштинска важност за иднината на државата. Бараме најитно да се потпише нашиот колективен договор за којшто преговараме повеќе од една година за да се врати достоинството на научните работници и вработените на УКИМ. Бараме значително да се подобри нашата материјална положба со системско и систематско покачување – четиригодишно покачување на платите за да дојдеме до достојното ниво на плати во регионот, рече Ристов. Во спротивно најави дека следниот собир ќе биде пред Владата во многу поголем број.

Професорот од Филозофскиот факултет, Зоран Киткањ истакна дека се собрани заедно и администрацијата да искажат незадоволство и револт затоа што, како што рече, немаат никогаш време за нашите проблеми и во областа на наставата, истражувањето, и науката и уметничкото творештво.

„-Повеќе од 20 години ниту една влада не сфати дека вложувањето во високото образование е капитал, човечки, хуман и за државата и за целата нација. Доста ни беше ветување, време е да им покажеме дека не им се плашиме и дека без нас се никој и ништо“, рече професорот Киткањ.

Протестот одблиску го следеше и го поддржа и ректорот на УКИМ, Никола Јанкуловски, кој во изјава за медиумите наведе дека тие како Универзитет никогаш не биле за радикални мерки кога се работи за покачување на платата на вработените.

„Јас откако сум на должност ректор сум давал и ќе давам безусловна поддршка на вработените и на наставниот и на ненаставниот кадар на УКИМ и секако дека за ова прашање како што спомна и претседателот на Синдикатот и на Ректорската управа која што е составена од сите декани и директори на институти и Сенатот којшто брои скоро 70 членови редовни професори дадоа поддршка за ова прашање, за прашањето за покачување на платите на вработените. Пуштени се дописи до Владата, до Собранието, до МОН во кое што се укажува на фактот дека платите на вработените на УКИМ се ниски и дека навистина треба да дојде до покачување“, изјави ректорот Јанкуловски.

Плата на еден редовен професор на УКИМ како што посочи ректорот Јанкуловски, изнесува 39.000 денари, додека минималната плата на професорите во регионот е 1.500 евра.

Министерот за образование и наука Јетон Шаќири вчера повика протестот да биде предупредување, а не закана за јунската испитна сесија и да не им се наштети на студентите. Зголемување на платите во високото образование, најави тој, ќе има од септември и тоа е предвидено со ребаланс на Буџетот. Шаќири рече дека е отворен за соработка и исто како што имаше социјален дијалог за основно и за средно образование, очекува така да биде и со репрезентативниот синдикат за високото образование.

Самата идеја на странските директни инвестиции е да донесе нови вработувања со повисоки плати кои треба да ги исплаќа странскиот инвеститор.

повеќе

Треба да се размисли за тоа дека сите предлози и промени кои доаѓаат од Брисел, не можат ефикасно да се применат и во Македонија и да се дејствува во правец на благосостојба на граѓаните, а не само на профитите.

повеќе

Предложеното законско решение се фокусира на аудиовизуелниот/радиодифузниот сектор, игнорирајќи ги последниве две децении на развој на дигиталниот домен и на интернет, со сите негови позитивни и негативни страни.

повеќе