Првиот ден вакцинирани се 3.000 лица

Продолжува масовната имунизација против ковид-19 во А1 арената во Скопје

Во спортскиот центар А1 арена во Скопје и денеска продолжува масовната имунизација на населението против ковид-19, што стартуваше вчера за кога беа закажани 3.000 термини. Имунизацијата се одвиваше според планираното и вчера сите пријавени примиле вакцина.

Министерот за здравство Венко Филипче синоќа оцени дека одлично поминал првиот ден од вакцинацијата во А1 арената (СЦ „Борис Трајковски“) и оти во просек се вакцинирале околу 300 лица на час, односно околу 3.000 дневно.

„Денеска се вакцинираа дел од здравствените работници како и еден дел од припадници на МВР. Утре продолжува вакцинациајта на МВР и започнува на припадниците на АРМ. Колегите ме информираат дека целиот систем функционира беспрекорно и тоа многу ме радува. Да бидеме максимално претпазливи во неделите што следат и да ги почитуваме мерките без исклучок“, објави синоќа на фејсбук Филипче, потсетувајќи дека од денеска стапуваат во сила поригорозни мерки и повика сите да дадеме придонес во битката со пандемијата.

 Вчера во А1 арената пријавените лица беа вакцинирани со руската вакцина Спутник В. Во оваа фаза ќе бидат имунизирани лица од т.н. критична инфраструктура – вработени во МВР, АРМ, новинари, возачи на автобуси, пожарникари, воспитувачки во градинките, вработени на патарини и други.

На терен работи тим од 20-ина медицински сестри и пет доктори во две смени. Во салата се одредени места каде вакцинираните се под опсервација 15 до 20 минути. На самото место има екипи на Итна медицинска помош, доколку има потреба да интервенираат.

Џансон Лукувац, студент по медицина, кој работи на административниот дел при вакцинацијата, за МИА изјави дека се е доста добро организирано и оти нема непосакувани реакции кај граѓаните кои се вакцинираат. Во однос на третманот и препораките по првата примена доза, тој посочи дека не се очекуваат побурни реакции.

„Само доколку има болка или покачена температура да се употребат антиперетик или аналгетик. Доколку се јават некои побурни реакции ќе се обратат кај нивните матични доктори или на повисока инстанца“, нагласи Лукувац.

Аида Мемишовска, медицинска сестра од Центарот за јавно здравје за МИА посочи дека вакцинацијата се одвива според планот. Таа упати апел до сите граѓани да се вакцинираат за ковид-19. Во однос на тоа дали кај некое лице имало несакана реакција откако ја примило вакцината, Мемишовска посочи дека на едно лице му се слошило, но од страв.

 Министерот Филипче, вчера исто така посочи дека антитителата како количина не се репер за тоа дали треба да се добие вакцина или не, односно нема долна граница. Дополнително зависи од апаратот на кој се работи и институцијата. Во принцип ставот е дека после два или три месеци од прележувањето на болеста може да се прими вакцина против ковид-19.

„Некогаш останува таканаречениот клеточен имунитет, а тоа значи дека веднаш кога ќе дојде повторно во контакт организмот ќе почне да лачи антитела кои во даден момент можеби се немерливи“, посочи Филипче, одговарајќи на новинарско прашање на прес-конференцијата во Владата.

Во однос на вакцината Астра зенека, Филипче рече дека таа сега им се дава на повозрасни граѓани и нема никаква контраиндикација. Вакцинацијата продолжува и нема причина да запре, додаде министерот, а се чекаат насоки дали оваа вакцина ќе им се дава и на помлади од 60 години.

„Ние ќе го чекаме официјалниот став на Европската агенција за лекови – ЕМА чиј борд ќе заседава помеѓу 6 и 9 април и, согласно одлуката, и ние ќе постапиме. Засега добро се одвива вакцинацијата на постари граѓани со Астра зенека и нема никаква контраиндикација или некоја препорака за внимателност“, рече Филипче.

Во моментов во земјава има препорака со вакцината Астра зенека да не се вакцинираат лица под 60 години, согласно препораките што беа издадени во Канада и Германија минатата недела.

Процесот на имунизација против коронавирусот во земјава почна 16 февруари со вакцинирање на здравствените работници.

Во државава досега пристигнаа 78.000 вакцини, од кои 48.000 се донација од српската Влада. 


Овде нема такво нешто. Има некои чинители што се занимаваат со испишување црвени линии. Не им значи ништо фактот што токму под ова гесло е овозможен најдолготрајниот мир на европскиот континент.

повеќе

Србија продолжува да го негира минатото, при што нејзините политички елити ја користат резолуцијата за да ѝ се спротивстават на Црна Гора и истовремено се надеваат дека овој потег ќе им донесе поголема популарност дома.

повеќе

„И, ако милееме ние за својата Татковина, ако во нас има барем капка македонска крв, ако во нас останала искра благороден патриотизам, овојпат треба да се впрегнеме, за да понесеме дел од тежината на едно дело и од жестокото величие на една епоха“.

повеќе