„Граѓаните од Општина Прилеп и околината нема да мора да патуваат во Скопје или во Битола за да ја добиваат здравствената услуга за точно дијагностицирање. Сега им се отвора можност резултатите да ги добиваат веднаш", истакна Ковачевски.
Тој потенцира дека во изминатите две години пандемијата покажа дека инвестициите во јавното здравство се инвестиции во здравјето и во иднината на нашата држава.
„Затоа продолжуваме со инвестиции во јавното здравство за мотивирани здравствени работници и задоволни граѓани.
Министерот за здравство Беким Сали изјави дека продолжуваат инвестициите во човечки ресурси и опремување на јавните здравствени установи со цел поквалитетни здравствени услуги за граѓаните.
„Во прилепската болница, со цел зајакнување на кадарот, испратени се 40 специјализации за период од четири години од кои само последната година - 26 специјализации и 4 супспецијализации.
Во делот на опременост, набавено е и ново гинеколошко ЕХО, нов дигестор за патологија, рече министерот и најави дека во тек е постапка за набавка на медицинска опрема, апарати за анестезија, хирургија, физикална, детско, трудова медицина, пациент-монитори за транспорт.
Директорката Кети Смилеска рече дека изминатата година Општата болница во Прилеп испрати 30 доктори на специјализација и се заблагодари на персоналот, за нивниот труд, пожртвуваност и посветеност, како и општествено одговорните компании во соработка со кои, како што рече успеваат да обезбедуваат опрема и апарати, кои помагаат во секојдневната работа.