Преговори меѓу МОН и СОНК: Има напредок, но не и конечна одлука

Денешната средба во Владата за усогласување на ставовите за новото зголемување на платите на наставниците меѓу министерот Арбер Адеми и претседателот на Синдикатот Јаким Неделков завршила со напредок, но не и конечна одлука. Средбите ќе продолжат идната недела и тие очекуваат дека тогаш ќе имаат и договор.

Засега СОНК не отстапува од барањето зголемувањето да биде од 1 јануари, а не од април 2020, а за процентот на покачувањето остава простор за договор. Од Владата им понудија 10 отсто со платата за април.

Министерот Адеми рече дека има позитивни сигнали за напредок кон постигнување договор за, како што кажа, историско и трето покачување на платите во образованието. Тој изјави дека за прашањата колку ќе биде и од кога ќе почне исплатата на повисоки плати конструктивно ги разгледуваат сите опции, но дека она што ќе се преземе треба да биде реално применливо и според можностите.

„Има приближување и напредок во нашите ставови. Преговорите ќе ги продолжиме и во наредните денови и верувам дека ќе постигнеме взаемно прифатливо решение. Ние сме заинтересирани да ја подобриме материјалната и социјалната состојба на вработените во дејноста образование и за следно историско покачување на платите. Конечен договор би требало да се постигне во наредните денови. Ќе бидеме во комуникација со претседателот на СОНК“, рече Адеми по средбата со Неделков во Владата, на која присуствувал и премиерот Зоран Заев.

Претседателот на СОНК Јаким Неделков, исто така изјави дека имаат позитивни сигнали за напредок и поместување на позициите од денешните преговори. Тој нагласи дека СОНК не попушта за терминот на зголемувањето на платите и бараат тоа да почне од 1 јануари 2020, а процентот, како што рече, е предмет на договор и компромис.

„Имавме конструктивни, меѓутоа би рекол и тешки преговори. Аргументите што ние ги изнесовме на маса и тврдиме дека имаат голема тежина ги спротивставивме со аргументите на МОН и на Владата, така што има напредок во преговорите. Но, до конечниот договор има уште доста да се работи. За жал, времето е многу кратко, Советот на СОНК има донесено одлука за влегување во генерален штрајк на 11 ноември. Се договоривме со министерот да бидеме секојдневно во комуникација и од идната недела мора да одржиме уште неколку работни средби, а можеби доволна ќе биде и една каде што конечно ќе имаме договор“, изјави Неделков.

Тој додаде и дека евентуалниот генерален штрајк што го најавија за 11 ноември нема да го пролонгираат затоа што, рече, тоа би се протолкувало како купување време.

Фото: МИА

Јавните медиумски сервиси треба да бидат столб на демократските општества и примарен извор на информации за сите граѓани.

повеќе

Отповикот или импичментот на претседателот Доналд Трамп од страна на Претставничкиот дом покажува дека членовите на Конгресот на САД прво се партијци, а потоа Американци.

повеќе

Најпрво, важно е да се напомене дека поседувањето на оф-шор компанија не е нелегално само по себе. Во суштина оф-шор земјите нудат низа поволности како што се исклучително поволни стапки на данок. Всушност, некои од нив имаат нула стапка на данок. 

повеќе