СГДУ „Марија Кири - Склодовска“

Праксата за средношколците од стручните профили ќе тече „под маски“

Освен учениците и наставниците, и родителите и бабите и дедовците за кратко време научија што е „Мајкрософт тимс", а темата за конфигурацијата на компјутерот стана една од задолжителните во семејствата со ученици кои во новата реалност следат настава он-лајн.

Новата реалност предизвикана од светската пандемија ни донесе и нов, многу поинаков од досега, образовен систем. Со задоцнување од еден месец почна учебната година. Учениците и наставниците секојдневно се пред своите смарт технолошки уреди преку кои тече наставата. Исклучок се учениците од средното стручно образование кои теоретската настава ја надополнуваат со практично искуство на терен. Како изгледа тоа во услови на пандемија, како и генерално за образованието во земјава, разговаравме со Дарко Спасев, помошник директор во смената на македонски наставен јазик во скопското средно стручно училиште „Марија Кири - Склодовска“ , познато како „Хемиско“.

„На први октомври почна наставната 2020/2021 година на еден невообичаен начин, поразличен од порано, со учење на далечина. Конкретно, во нашето училиште во смената на македонски наставен јазик со која раководам јас како помошник директор, наставата ја почнаа 755 ученици, распоредени во 35 паралелки, значи 138 ученици и три паралелки повеќе од минатата учебна година. Најактуелни се здравствената и хемиско - технолошката струка. Заедно со колегите (наставниците и стручните соработници) максимално ги искористивме сите ресурси за да се подготвиме за стартот и заедно успеавме во тоа. Имавме успешен старт што морам да кажам дека беше доста голем предизвик за сите нас. На почетокот на сите им беше чудно, но и учениците и наставниците за брзо време се прилагодија, секако по пред тоа поминатите неколку обуки“, вели Спасев.

Тој вели дека нивното училиште нуди техничка поддршка за учениците и наставниците кои ќе се соочат со проблеми.

„Учењето од далечина или он-лајн наставата се одвива преку средството за електронска комуникација Microsoft Teams. Одредени ученици и наставници се соочуваат со мали проблеми, но техничката поддршка од училиштето е достапна постојано за време на одвивање на наставата и веднаш взаемно ги надминуваме проблемите, се со цел непречено да се одвива воспитно - образовниот процес. Користењето на Microsoft Teams е лесно и содржи доста големи можности, а и брзо прилагодливо. Во секоја училница во училиштето е поставена техничка опрема, а исто така е достапен интернет пристап со брзина која овозможува непречено одвивање на наставата“,  појасни помошник директорот.

Со оглед дека станува збор за стручно образование предвидена е практичната настава и феријалната практика за учениците од стручните насоки. Како се одвива тоа во услови на пандемија?

„Практичната настава согласно Планот и Протоколот на Министерството за образование и наука се одвива во училишните лаборатории и работилници. Максималниот број на ученици во една лабораторија, односно работилница е 17. Учениците, лаборантите и наставниците носат заштитна опрема на лицето. Обезбедени се и средства за дезинфекција пред и во секоја просторија. Можам да кажам дека сум задоволен од почитување на мерките од страна на сите чинители. Согласно насоките од надлежното министерство, феријалната практика се одвива во компании. До сите ученици е доставено писмо за соработка со одредените компании. Од страна на компаниите се овозможува присуство на учениците на феријалната практика и учениците имаат рок до крајот на првото полугодие да ја завршат таа обврска и да донесат потврда за успешна реализација. Во наставните планови е утврден колкав број на денови, учениците треба да посетат компании за феријална практика. Согласно реформите во стручното образование кои почнаа да се применуваат од претходната учебна година преку Проектот за професионални вештини, за прв пат беше воведено во техничкото образование феријалната практика да се одвива во компании од првата година на образованието“, вели Спасев.

Го запрашавме за предностите од средното стручно образование во земјава со оглед дека константно се соочуваме со висока стапка на невработеност од една страна и, од друга страна, појавата на хиперпродукција на високо квалификуван кадар?

„Сметам дека со завршувањето на своето стручно образование, учениците ќе бидат конкурентни на пазарот на трудот. Ќе ви посочам еден пример, кој веќе пет години континуирано се применува. На дипломираните ученици од образовните профили хемиско - технолошки техничар, производно - процесен техничар и фармацевтски - лабораториски техничар по завршувањето на своето средно стручно четиригодишно образование им се овозможува вработување во „Алкалоид“ - Скопје. Од досегашните разговори со вработените ученици, може да се заклучи дека се презадоволни и горди на училиштето со оглед дека станува збор за решавање на едно од најважните животни прашања – прашањето на егзистенција“, вели Спасев.

Со новата Влада земјава доби нова министерка за образование. Како Спасев ја оценува ситуацијата со образованието во земјава, без оглед на пандемијата и од друга страна што очекуваат, во што полагаат надежи, што е приоритетно да се смени во образовниот систем?

„Со промената на министерот во ресорот образование, можам да кажам дека во актуелната министерка гледам лик кој сака да направи реформи во образованието, а најголемата предност, од тоа што можев да прочитам од нејзината биографија, е дека доаѓа од невладин сектор“, оценува Спасев.

И нему како и на повеќето инволвирани во образованието им пречат одредени законските рамки кои го стагнираат образованието, посочувајќи дека е потребно во работните групи за законски измени да бидат вклучени и вработените во училиштата.

„Конкретно за средното образование, сметам дека најприоритетно што треба да се направи е да се промени Законот за средното образование и Законот за стручното образование и обука и секако да се вклучат во работните групи за промена на законите и вработените од училиштата бидејќи тие се директно вклучени во системот. Исто што сметам дека е потребно е да се врати укинатиот предмет Информатика во втора  година во средното стручно четиригодишно образование, бидејќи во ваква ситуација каде наставата треба да ја реализираме преку средства за електронска комуникација и платформа, учениците недоволно стекнале ИКТ вештини за побрзо да се соочат со тековните проблеми. Од друга страна, просечната старосна граница на наставниците е околу 45 - 50 години, што значи тоа е генерација што нема доволно ИКТ вештини, така  наставниците по информатика ќе бидат и од големо значење и  за повозрасните колеги“, смета Спасев.

За него важен е и бројот на ученици во паралелките, но и јасно разделување на училиштата со стручни и гимназиски профил.

„Би ставил акцент дека потребно е да се намали и бројот на ученици во паралелките, паралелката да биде до максимум 25 ученици. Значајна реформа за квалитетно образование би била и соодветна распределба и реорганизација на училиштата во градовите каде што има повеќе училишта (еве како што е Скопје), да не се овозможува мешање во едно училиште и средно стручно и средно гимназиско образование, како и во непосредна близина училишта со исти образовни профили и струки. Сметам и дека, со оглед на тоа што наставниот план во сите гимназиски училишта е ист, да се направи реорганизација по училиштата како што има при запишување во основните училишта и со тоа нема да се дојде до ситуација одредени училишта каде што има гимназиски паралелки да имаат паралелки со по 5 ученици, а во други училишта по 34 ученици, па со посебни согласности и до 36-38 ученици во паралелка, како и овозможување на дополнителни паралелки. Посебно сметам дека за конкурсот за запишување на ученици во прва година, треба да претстои претходна детална анализа, која треба да се базира на реалните потреби на пазарот на трудот, односно од компаниите, а не само да се сведува на барања од училиштата без никакви анализи, без соодветен стручен наставен кадар и без соодветни просторни и други услови. Во однос на донесените нови реформирани наставни програми за стручното техничко образование, сметам дека потребно е да се направи целосна анализа од страна на наставниците кои ги реализираат истите во стручните училишта, а доколку е потребно и нивна ревизија во однос на имплементацијата“ , заклучува Спасев.

На крај го запрашавме Спасев за  долгонајавуваната ревизија на учебниците и воопшто за квалитетот на ресурсите во образовниот систем што е еден од мотивите за продуктивни ученици и наставници.

„Доколку јас би се ставил во улога да одлучувам, не би имало печатени учебници. Истите учебници би биле јавно достапни во електронска форма и на тој начин би ги користеле учениците. Сметам дека со финансиските средства што се печатат учебниците би можеле да се употребат за друга намена, особено за набавка на дидактички средства и материјали за училиштето, набавка на ИКТ опрема, набавка на опрема, алати и машини за практична настава, набавка на материјали за изведување на практичната настава, одржување на просториите и училниците за изведување на наставата и на практичната настава, одржување на постоечката опрема во училиштето, набавка на инвентар, набавка на средства за заштита при работа на учениците и наставниците - инструктори, обука и стручно усовршување на наставниците, учество на домашни и меѓународни натпревари на учениците и на наставниците, практична обука на учениците кај други партнер училишта во земјата и во странство, посета на компании, саеми, семинари, форуми и конференции на учениците и наставниците во функција на струката во земјата и во странство, обезбедување услови за нови инвестиции за подобрување на просторните и други услови за работа во училиштето. Исто така, наставниците во сите училишта вршат и многу други задачи, кои не им се како редовни работни задачи, а остануваат и после работното време. Овие средства може да се искористат за наградување на истите, кои би биле доста повеќе мотивирани за поквалитетно вршење на работните задачи“, ги сподели Спасев своите визии за поквалитетно образование кое несомнено е еден од темелите за просперитетна држава.

Сепак, во услови какви што се моменталните, останува да бидеме истрајни во помошта кон младите генрации и наставниот кадар во реализацијата на образовниот процес во новонастанатите текови кои ја диктираат оваа учебна година. За следната ќе видиме!

                                                                                                                          Х.С.

Структурното насилство кон трансродовите и родово небинарните луѓе е препрека во нивното реализирање како полноправни членови на општеството.

повеќе

И сега вие замислете, на едно детенце од 6 години да му кажувате со авторитет на наставник дека не треба да се дефинира како машко или женско.

повеќе

Засега СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ и нивните заеднички алтер-фабрикати не даваат впечаток дека го разбираат новосоздадениот замаец.

повеќе