Антиваксерите против државата, судот ќе пресуди

Сè уште нема решение за првоодделенчето од Велес што не го примаат во училиште зашто е невакцинирано

Епидемијата на морбили од пред нешто помалку од една година, како никогаш досега го актуализира прашањето за вистинската потреба од вакцините. Родителите на социјалните мрежи со несмален интензитет до ден денес дебатираат, се организираат, (до)едуцираат и практично кажано се борат да одлучат што е најдобро за нивното најмило - дали вакцина во име на колективниот имунитет, или од друга страна, дали да бидат подготвени државата да им наплати за нивната „непослушност“ да го интегрираат невакцинираното дете во образовниот системи и воопшто во општеството.

МОН молчи за случајот со првачето во Велес

Случајот со невакцинираното прваче во основното училиште „Блаже Конески“ во Велес, во кој беше вмешана и полицијата, е причина за уште позасилена активност на антиваксерите, односно поборниците за невакцинирање.

Иако се ближи крајот на првото полугодие од учебната година, сѐ уште нема решение за овој случај од почетокот на минатиот месец.

Мајката на детето Тања Перкова за МКД.мк вели дека иако секојдневно се обидува да дојде до одговор, се соочува со молк од надлежните институции.

Иако секојдневно се обидувам да стапам во контакт со МОН, тие молчат. Казната не ја плативме бидејќи сметаме дека не сме виновни, следно е соочувањето на суд. Последно е дека наставничките имаат наредба од директорот Јованче Манасков да нè бркаат“, појаснува Перкова.

Од иницијативата „Од нас за нас“ велат дека е постапено противуставно и противзаконски.  

Детето е запишано во училиште во мајскиот уписен рок, со потребните документи, а на 4 септември на родителите усно им било соопштено да не го носат на училиште бидејќи не е запишано. Родителите бараа писмено да им ги образложат причините поради кои детето не е запишано, но поминаа сите рокови за известување доколку има одредени неправилности. Писмен одговор не добиле и родителите продолжиле да го носат детето на училиште сѐ до дeнот кога на свечената приредба било отстрането со полициска асистенција.

Директорот на ОУ „Блаже Конески“ Јованче Манасков вели дека согласно со владината одлука, во мајскиот уписен рок биле примени пријавите за упис на првачињата, вклучително и пријавата за упис на ова дете, но запишани во тековната учебна година биле само децата кои донеле медицинска белешка дека се вакцинирани.

Точно е дека наставниците и обезбедувањето во училиштето имаат укажување за детето дека не треба да ја следи наставата. Јас сум дел од раководен орган што работи согласно со законите. Во мајскиот уписен рок имавме 5 случаи на првачиња што поднесоа пријави за упис, а не беа вакцинирани. Четири од тие деца во меѓувреме беа вакцинирани и согласно со тоа беа запишани во прво одделение во оваа учебна година“, вели Манасков, кој појаснува дека на родителите на ова прваче секојдневно им било укажувано да не го носат детето на училиште.

Манасков потврди дека била повикана полиција на 15 минути пред почетокот на свеченоста за прием на првачињата во Детската организација, а причина, како што вели, било несоодветно однесување на родителите, кое не сакаше да го прецизира, но потенцира дека имало други родители и наставници што биле сведоци на настанот. Исто така, директорот на училиштето вели дека полицијата само следела да не настане инцидент, но не интервенирала.

Училиштето има 1.200 ученици и стотина вработени, јас не можам противзаконски да ја доведувам во прашање нивната безбедност. Тврдам дека родителите неосновано ме обвинуваат затоа што јас сум погрешна адреса. Тоа е дете од нашата улица и проблемот ни е заеднички, затоа и јас се прашувам како ќе се постапува со невакцинираните деца во образовниот процес“, вели Манасков.

Родителите решиле да не го изложуваат детето понатаму на дополнителни психолошки стресови, додека не добијат конкретен одговор.

Поднесена е претставка до Инспекцискиот совет, но ниту тие, ниту директорот немаат решение за случајот зошто чекаат известување од МОН“, вели Гордана Гоџо од здружението „Од нас за нас“, кое го следи овој случај.

Мајката на детето Перкова рече дека таа не е против вакцинацијата, туку поради, како што вели, лошо искуство со првото дете, е против присилната вакцинација затоа што всушност докторот кај кој се обратила не сакал да потпише дека вакцината за нејзиното дете нема да донесе ризик.


Најповиканите не сакаат да дебатираат?

Невладините сметаат дека проблемот со уценувањето и недоволната информираност на дел од родителите, резултира со подлегнување на секојдневно пласираните закани.

Огромен број деца поради забраната за градинките беа принудени да се вакцинираат. Исто така покрај недовербата во здравствениот систем (вакцини со поминат рок и сл.), се покажа дека и недовербата во судството е голем дел од проблемот, поради што многумина се решаваат да вакцинираат“, децидна е Гоџо.

Од ова здружение кон крајот на септември организираа конференција на која беше потенцирано дека во земјава се спроведува незаконска присилна вакцинација над децата и дискриминација на оние што не сакаат да бидат вакцинирани поради што поединците се изложуваат на ризик од сериозни задравствени последици и смрт, под изговор дека се штити јавното здравје. Иако од Владата финансиски ја поддржале конференцијата со средства во висина од  500 евра, на конференцијата биле поканети, но не присуствувале најповиканите за ова прашање, претставници од Министерствата за здравство и образование, како и од Институтот за јавно здравје.


Лекарите „ЗА“ и „ПРОТИВ“ вакцините

Лидија Гајски, интернист од Хрватска на тогашната конференција рече дека нема докази дека вакцинацијата ги искоренила заразните болести, како што се тврди, туку дека тие се намалиле заради други околности, меѓу кои и поради подобрените здравствено-санитарни услови.

Наспорти овој став, педијатарот Стојне Величковски смета дека родителите всушност го бранат својот став за невакцинирањето затскривајќи се зад наводните препораки од педијатрите, кои препорачуваат МРП вакцината да не се прима додека детето не прозборува и не прооди.

Јас сум педијатар од 1986 година и во моето досегашно искуство не сум сретнал ниту една компликација од вакцините. Сметам дека се безбедни затоа што технологијата на производство е на едно навистина високо ниво, толку се прочистени што нема ризик за никакви негативни импликации. Тоа што родителите се бранат дека некои доктори им препорачуваат да не вакцинираат мислам дека можно е да станува збор за поединци доктори што не се педијатри, но во поголем дел од случаите родителите самоиницијативно го наметнуваат таквиот став како одбрана“, појаснува Величковски, кој смета дека скандалот со поминатиот рок на вакцините всушност бил само техничка грешка, која внела дополнителна паника меѓу родителите.

Ставовите на стручните лица поделени и на моменти драстично спротивставени, надлежните молчат за решението на прашањето со вакцинација, кое е во директна врска со правото на образование, родителите и натаму во дилема.

И додека МОН не излезат со официјален одговор за овој случај, кој беше обелоденет во јавноста од невладините организации, сугерираат дека има уште многу други вакви случаи кои треба сериозно да се разгледаат и да се најде конечно решение за тоа кој, како и каде ќе одлучува за правото на сопственото здравје и, се разбира, здравјето на сопствените деца.

Христина Николовска

Објавено

Недела, Декември 1, 2019 - 16:08

Интернационалистички, универзалистички и солидарен пристап е единствениот начин да се надмине еколошката и климатска криза, во регионот и пошироко.

повеќе

Мора да се пристапи кон воведување нови мерки за поголема контрола на лицата кои поседуваат нелегални пари.

повеќе

Визија на развиениот свет е државните авторитети да го гледаат спортот како средство за подобар економски и социјален развој.

повеќе