Во очекување на првата пратка вакцини против ковид-19

Почнаа подготовките за вакцинација во домовите за стари лица

Министерството за труд и социјална политика упати допис до секој од домовите за стари лица, државни и приватни, како и до трите домови за нега на лица со попреченост, со барање да достават вкупен број на штитетници. Од Министерството за МКД.мк велат дека не станува збор за анкета со која би се испитало колку од штитениците на домовите сакаат да се вакцинираат против коронавирусот, туку целта е да се добие вкупна бројка на штитетници во втората половина од јануари за да може да се планира распределувањето на вакцините.

„Вакцините сѐ уште не се пристигнати во земјава и рано е за анкета, но потребно е да се знае вкупната бројка на штитеници во втората половина од јануари, имајќи предвид дека штитениците на овие домови се во првата група на граѓани за примање на вакцината. Секако дека потоа ќе се испочитува нивната волја дали сакаат да се вакцинираат или не, а треба да се има предвид и дека еден број од овие лица ја имаат прележано болеста. Во соработка со овие домови само ќе им бидеме сервис на здравствените власти за подобро да ја испланираат распределбата на вакцините", велат во Министерството.

Оттаму не сакаат да навлегуваат во прашањата од типот дали штитениците на домовите ќе можат да одберат дали сакаат да се вакцинираат со првата пратка вакцини која се очекува да биде од производителот „Фајзер" или пак ќе сакаат да добијат вакцина од друг производител.

Министерот за здравство Венко Филипче вчера изјави дека во првата група на граѓани кои ќе можат да добијат вакцина се штитениците на домовите за стари лица и за нега за лица со попреченост, односно лицата на возраст од над 70 години и со коморбидитети, понатаму во оваа групаа се лекарите, медицинските сестри, здравствените работници кои работат со заболени од ковид-19 и вработените во здравствените лаборатории.

Во втората група пак, се останатите здравствени работници, лицата вработени во критичната инфраструктура, наставниците, негувателките во градинките, новинарите, понатаму лицата со хронични болести.

Инаку, како и во многу земји, така и во Македонија во текот на епидемијата со ковид-19 се покажа дека во текот на епидемијата домовите за стари лица се особено ранливи институции бидејќи станува збор за луѓе со нарушено здравје кои се помалку отпорни на вирусот. Затоа се и забранети посетите во овие домови уште од март месец, кога коронавирусот влезе во земјава.

Заради илустрација, Според статистиката на Министерството за здравство, во ЈЗУ специјализирана болница за геријатриска и палијативна медицина „13 Ноември" Скопје од почетокот на пандемијата до минатата недела, вкупно се заразиле 134 пациенти на возраст од 42 до 95 години. Од нив, од ковид-19 во моментов се лекуваат 25 лица, 80 оздравеле, а починати се 29 пациенти.

Првите дози на вакцини преку Ковакс механизмот би требало да пристигнат идниот месец, а вкупно во текот на целата година 833 илјади вакцини. Министерот за здравство Венко Филипче вели дека е подготвен и поставен системот за вакцинација во однос на складирањето, планот на дистрибуција, како и на идентификувањето на критичните групи според приоритет.

Тој вели дека земјава има услови за пречекување, складирање и дистрибуција на вакцините и оти од Свестската здравствена организација е оценета како подготвена по тоа прашање.

Во врска со најавата на премиерот Зоран Заев за можност за набавка на 200.000 кинески вакцини, Филипче рече дека нашиот комитет за имунизација одлучил да даде приоритет на вакцината која е одобрена од ЕМА и ФДА, а тоа е вакцината од производителот „Фајзер".

П.Џ.

Да бидеме реални: регионот на многу начини сè уште е претежно (погрешно) разбран и (погрешно) третиран и меѓународно се нарекува „бурето барут на Европа“.

повеќе

Јане бил свесен дека деновите му се одброени и отворено говорел за тоа. Знаел дека многумина имаат причина да го ликвидираат, дека им пречи во остварувањето на нивните „повисоки цели“.

повеќе

Во македонскиот интернет простор постојано се појавуваат и гаснат портали, со што засекогаш исчезнуваат и објавените содржини.

повеќе