На Клиниката за гинекологија

Почина родилка од Охрид донесена со мртов плод, се утврдува дали имала ковид-19

Родилка на возраст од 37 години од Охрид починала доцна синоќа на Клиниката за гинекологија и акушерство во Скопје, откако вчера попладне била донесена во Скопје со возило на Брза помош во високо фебрилна состојба (телесна температура над 39 степени) и со мртов плод, соопштија од Клиниката.

На жената уште веднаш ѝ била направена целосна лабораторија и ѝ бил земен брис за ковид-19, а лекарите оперативно го извадиле плодот. Можна причина за фебрилноста, според она што се наведува во соопштението, е септичната состојба на пациентката, но тестот треба да утврди или отфрли присуство на коронавирус. За време на интервенцијата состојбата кај пациентката се влошила па таа била интубирана и се пристапило кон целосна реанимација, но, за жал во 22 часот е констатирана смрт. Причина за смртта најверојатно е сепса со масивна тромбоемболија, а пациентката ќе биде пратена на обдукција по што ќе има точна дијагноза. Според Клиниката, се работи за екстремно обезна пациентка, со телесна тежина од околу 150 кг, со висок крвен притисок и тахикардија, која во последните 5 месеци воопшто не се движела, а согласно податоците од докторите во Охрид, пациентката не ги извршувала ни потребните гинеколошки контроли.

Сега починатата родилка, потенцираат, е донесена на Клиниката за гинекологија и акушерство-Скопје со амбулантно возило од Општата болница во Охрид, без претходна најава. По измерената телесна температура, таа е веднаш спроведена на посебен влез до одделението за изолација на клиниката.

Од Клиниката истакнуваат дека на 30 март кај нив е примена второротка од Куманово на возраст од 27 години која во 20:15 часот поради намалена плодова вода и знаци за фетално страдание е породена со царски рез.

Пациентката е спроведена и породена во изолација, заради фактот што таа како суспектна на ковид-19 и упатна дијагноза која укажува на намалената плодова вода e најавена и испратена на Клиниката преку својот матичен лекар. На пациентката освен комплетната лабораторија, земен ѝ е и брис за ковид-19, чиј што резултат е стигнат вчера попладне во 18 часот и истиот е позитивен на вирусот. Пациентката роди живо машко новороденче кое е недоносено и во моментов се наоѓа на одделот за интезнивна нега и терапија на ГАК. Новороденчето е изолирано и е во добра општа состојба, не е на респираторна машина, туку само е со кислородна хауба. Денеска на бебето ќе му биде земен брис и ќе му биде направен тест на ковид-19, информираат од Клиниката.

Пациентката, како што посочуваат, при приемот била без покачена температура, но кажала дека пред три дена имала треска и се пожалила на сува кашлица, укажа и на тоа дека член на семејството има симптоми кои може да укажуваат на инфекција со ковид-19 и со неа е постапено според сите протоколи за прием на заразен пациент како во однос на нега и третман, така и во однос на адекватна заштита на персоналот и изолација на пациентот.

Вчера родилката почна да развива потешка клиничка слика, отежнато дишење со намалена сатурација, по што е веднаш префрлена и хоспитализирана на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби. Во текот на целиот престој на пациентката на Клиниката за гинекологија и акушерство, од приемот до исписот, со неа е постапувано според сите начела за превенција и заштита од ковид-19, како во поглед на изолацијата на пациентката, така и во однос на преземените мерки за заштита на медицинскиот персонал и останатите пациенти. Еден дел од Клиниката функционира за родилки суспектни и позитивни на ковид-19. За таа намена е воспоставен целосен протокол на изолација од влез, патека на движење, посебна родилна сала, бокс и тим, наведуваат од Клиниката и апелираат уште еднаш сите пациентки кои доаѓаат на Клиниката да се придржуваат кон сите насоки дадени од Министерството за здравство во однос на заштитата на сопственото здравје и здравјето на околината, но и целосно и вистинито да даваат информации при прием со цел соодветно и навремено преземање на мерките кои се однесуваат на заштитата на вашето здравје, здравјето на вашето бебе и безбедноста на здравстевниот персонал.

 

Во повеќето земји во развој, ковид-19 предизвикува економски ураган.

повеќе

Бизнис заедницата која до пред некој месец постојано „трубеше“ како државата не треба да ѝ се меша во работата, веднаш почна да плаче за државна помош.

повеќе

Кога може оние кои пукаа по нас, оние кои ги убија Аце, Коки и Оливер да бидат на слобода, зошто не би бил помилуван и ти?

повеќе