„Ширењето на ковид-19 е сериозно и загрижувачко“

Пановски: Лесно ќе стигнеме до 1.000 случаи на ден, од граѓаните зависи како ќе ја поминеме зимата

Ситуацијата со ширењето на коронавирусот е сериозна и загрижувачка ситуација и најмногу зависи од граѓаните како ќе ја поминеме зимата. До бројката од 1.000 новозаразени на ден ќе стигнеме без проблем, доколку има можност да се тестираат повеќе. Инаку, мојата проценка е дека реално има по 2-3 илјади заразени. Но, проблем е што се полнат болниците, оценува доктор Никола Пановски во изјава за МКД.мк.

Во врска со најавите за нови мерки, вклучувајќи и носење маска на отворено, Пановски вели дека не се суштински и дека тоа не е битно. Според него, досегашните мерки се сосема добри.

„Битно е дека мерките не беа лоши, требаше само да се најдат механизми за нивно почитување. Контрола, освен дома, секаде можеше да се направи. И да се изрекуваат поголеми казни. Можеше да се контролираат повеќе текстилните работници, во јавниот превоз на пример се ставаат камери, па се јавува ако не се почитуваат мерките. Што се однесува до собирањата, веќе сум кажал дека за тоа треба карантин, 14 дена во некој хотел на сопствен трошок. А споредна работа е дали некој на улица носи или не носи маска, тоа нема никаква врска со ширењето“, вели Пановски.

Маски, според него, треба да се носат таму каде што не може да се избегне гужва. Главно е, додава, да се натераат луѓето да ги почитуваат сегашните мерки. А од другите мерки важно е да може да се казнува веднаш, да може да се затвори угостителски објект и сл., а полицискиот час, само ноќе, е единствениот начин да се контролираат младите.

Неговиот совет е да се едуцира населението.

„Мојот предлог беше дека треба заедно и Мицкоски и Заев и лекари и верски лидери да седнат на прес-конференција, да ги повикаат граѓаните да ги почитуваат мерките бидејќи земјата ќе ни колабира економски, башка што ќе ни умираат луѓе. Побрзо или подоцна ќе се случи тоа. Мора да помине вирусот, ама треба да се спаси економијата. Да не колабира. Тоа е проста работа. Да заборават на друго и да сфатат дека народот и државата е пред сѐ, па после пак нека се караат, ама треба сите да видат. Има луѓе кои кога ќе видат некого од власта воопшто не го слушаат, и постапуваат спротивно на она што ќе го каже. И обратно“, објаснува Пановски.

Неговата оценка е дека училиштата и градинките треба да продолжат да работа како и сега, бидејќи бројот на заразени не е голем.

Големиот број смртни случаи, Пановски го објаснува делумно со фактот дека сме релативно болна нација, имаме многу млади хронично болни, со болест на крвни садови, лоша исхрана, или едноставно кажано начинот на живот. А втората причина е лекувањето, од што произлегува потребата од анализа како се спроведува.

Ж.П.Б.

Доколку чувствуваме дека нашиот труд ќе биде награден со успех, ќе ѝ приоѓаме на околината со апетит, доверба и храброст.

повеќе

Од општи формулации кон конкретни разговори.

повеќе

„Вчерашниот ден измина, утрешниот допрва доаѓа, го имаме само денес - да започнеме“.

повеќе