Можно е денеска или утре

Осум илјади „фајзерови“ вакцини ќе пристигнат од Србија

Осум илјади „Фајзер" вакцини ќе пристигнат од Србија, најави вчера премиерот Зоран Заев, а министерот за здравство Венко Филипче синоќа изјави дека е можно испораката да се случи уште денеска. Филипче веќе разоварал со неговиот српски колега Златибор Лончар за за техничките детали и точното време на испорака на вакцините.

„Станува збор за 'фајзеровата' вакцина, која заедно со 'Модерна', е единствената која ги има сите потребни сертификати од најголемите регулатори, европската ЕМА и американската ФДА, изјави Филипче, но истакна дека сите вакцини што сега се достапни на пазарот се развиени на безбедна платформа и веќе се аплицираат во некои земји.

Во однос на чувањето на вакцините, министерот Филипче рече дека близу 100 илјади вакцини може да се складираат во еден фрижидер.

„Во таа смисла, фрижидерите кои ги најавувавме како донација се пристигнати, завршуваат административните постапки околу царинењето. Но, и сега во овој момент можеме да сместиме вакцини во постојните фрижидери кои ги имавме за друга намена од лабораториите на Институтот за трансфузиона медицина", додаде Филипче.

Премиерот Заев вчер, по разговорот со претседателот на Србија Александар Вучиќ кој му ја понудил вакцината, јавно се заблагодари на државниот врв на Србија и српскиот народ за пријателскиот чин на солидарност.

„При прифаќање на нашите барања, Вучиќ понуди да помогне со вакцини и тој рече дека сака и да ги донира тие, но ние сме земја и имаме пари и ќе си ги платиме, па потоа потврди дека ќе ги дадат по набавна цена, односно по цената која Србија ги набавила вакцините", појасни Заев.

Тој информираше дека во последната недела бараат помош и поддршка и од други земји за, како што рече, да ни дадат помош за да можеме да почнеме со вакцинирање додека не стигнат првите 5.850 вакцини во февруари.

Првите вакцини кои ќе пристигнат во нашата земја, премиерот Заев рече дека се за здравствените работници кои работат во ковид-центрите, а потоа за ризичните групи на граѓани со хронични болести, возрасните, за членовите од семејствата кои изгубиле човек од Ковид-19 и други.

Додека државата ја чека испораката од Србија, од ЕК сè уште не знаат кога ќе почне распределбата на вакцините за Западен Балкан.

Потпретседателот на Европската комисија, Марош Шефчович, вчера не беше во можност да каже кога Северна Македонија и другите земји во регионот ќе ги добијат вакцините против ковид-19 ветени од ЕУ. Повтори дека Европската комисија и земјите членки го „поддржуваат" и „стојат во солидарност" со Западниот Балкан, како и со другите земји од источното и јужното соседство на ЕУ, во борбата против вирусот.

Потпретседателот меѓутоа не беше во можност да одговори јасно на прашањето на МИА кога Северна Македонија ќе ги добие вакцините, ниту зошто не се пристигнати ветените дози од Грција и Бугарија.

Во меѓувреме, синоќа од Брисел беше соопштено дека набавката на вакцини за Западен Балкан ќе биде една од темите на дискусија на лидерите на ЕУ на состанокот на 21 јануари.

„Треба да разговараме за соработката со трети земји во врска со вакцините што треба да се третираат како глобално јавно добро. Ќе видиме како можеме да им помогнеме на нашите партнери во соседството и пошироко", рече претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, додавајќи оти на состанокот ќе се разговара и за кампањата за вакцинација во рамките на ЕУ.

Јане бил свесен дека деновите му се одброени и отворено говорел за тоа. Знаел дека многумина имаат причина да го ликвидираат, дека им пречи во остварувањето на нивните „повисоки цели“.

повеќе

Во македонскиот интернет простор постојано се појавуваат и гаснат портали, со што засекогаш исчезнуваат и објавените содржини.

повеќе

Пред неколку недели се наврши една година од почетокот на пандемијата. Ковид-19 ги разоткри системските проблеми во здравствениот систем и другите институционални гранки на Косово.

повеќе