среда, 24 април 2024
МВР

Регистрирани пет случаи на фотографирање на гласачко ливче

Министерството за внатрешни работи попладнево соопшти дека во текот на денешниот изборен ден регистрирало пет случаи во кои гласачи го фотографирале гласчкото ливче во Радовиш, Скопје, Охрид и Берово. Претходно МВР информираше за уште два вакви случаи, за изборен материјал оставен на автомобили, за исцртани графити на две локации и за пронајдена испукана димна бомба на едно избирачко место.

Фото: Роберт Атанасовски

Објавено на

часот

Сподели

„Во 11.10 часот е пријавено дека во село Коџалија, општина Радовиш на избирачко место  број 1602 С.А. од село Коџалија го фотографирал гласачкото ливче. Околу 12.15 часот е пријавено дека на избирачко место број 2683/1 во Скопје А.С. (40) од Скопје го фотографирал гласачкото ливче. Се преземаат мерки за расчистување на случаите, по што ќе биде поднесен соодветен поднесок“, информираат попладнево од МВР.

Случај на фотографирање на гласачкото ливче е регистриран и околу 12.15 часот, кога е пријавено дека А.И.(48) од Охрид на избирачко место број 1271 во Охрид го фотографирал гласачкото ливче. Тој е приведен во полициска станица и по документирање на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок.

„Во 12.35 часот е пријавено дека на избирачко место бр.0006 во Берово, Д.Т.(42) го фотографирал гласачкото ливче. Д.Т. е приведен во полициска станица и по документирање на на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок.  Во 13.57 часот е пријавено дека на избирачко место 2555 во Скопје С.С. го фотографирала гласачкото ливче. Се преземаат мерки за расчистување на случајот, по што ќе биде поднесен соодветен поднесок“, се вели во денешното соопштение од МВР.

Претходно портпаролот на МВР Тони Ангеловски информираше дека МВР нема регистрирано посериозни нарушувања на јавниот ред и мир во текот на гласањето, кое, како што рече, генерално, се одвива мирно, без проблеми.

На прес-конференцијата покрај петте случаи на фотографирање на гласачките ливчиња за кои попладнево соопшти МВР, Ангеловски информираше за уште две фотографирања на гласачко ливче, едно во Штип и едно во Скопје. Во село Бучим, радовишко, пак, од страна на претседателот на избирачки одбор било пријавено дека едно лице му го покажало гласачкото ливче на еден набљудувач.

Портпаролот на МВР соопшти и дека на подрачје на општина Чаир во Скопје на паркирани возила биле оставани летоци во врска со изборниот процес, а на две локации во Скопје се забележани испишани графити.

„На едно гласачко место во Скопје, покрај испишан графит, околу 06:30 часот претседателот на избирачкиот одбор пријавил дека во ходникот била пронајдена испукана димна бомба. Од страна на полициски службеници се преземени потребните мерки и активности и гласањето и на ова избирачко место се одвива непречено“, рече на прес-конференцијата Ангеловски.

Како што истакна, МВР апелира граѓаните и учесниците во изборите и во останатиот дел од гласањето на овој изборниот ден да се воздржат од инциденти, а доколку се забележи какво било нарушување на изборниот процес граѓаните веднаш да ја известат полицијата на броевите 192 и 112 или да пријават во најблиската полициска станица.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ