Објавен вториот повик „Предизвик за млади истражувачи", рокот за апликации до 31 март

Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) денеска го објави вториот повик „Предизвик за млади истражувачи" наменет за проекти на ученици од основните и од средните училишта. Повикот е отворен до 31 март до кога заинтересираните може да се пријават со апликации.

Буџетот годинава е 2,5 милиони денари со можност да биде зголемен доколку има голем интерес како минатата година, кога поради пристигнати речиси 100 апликации Фондот го зголеми првично планираниот буџет од 1,5 милион на четири милиони денари. Со нив поддржа дваесет апликации на тимови (тројца до седум ученици под менторство на еден до двајца професори) од основни и од средни училишта.

Критериумите и информациите за аплицирање може да се најдат на веб-страницата www.fitr.mk. Директорот на Фондот Јован Деспотовски очекува и оваа година да има голем број оригинални идеи за проекти. Максималниот износ за поддршка по проект и на вториот повик е 300.000 денари. Целта на повиците, рече тој, е да се поттикне критичкиот и креативниот потенцијал на младите.

„Се надевам дека основните и средните училишта повторно ќе изненадат со бројот на апликации што ќе ги добиеме и дека на крајот повторно ќе бидеме под позитивен притисок да мора да го зголемиме буџетот за финансирање. И оваа година, како и минатата, се фокусираме на проекти од техничките струки и од природните науки зашто тука истражувањето реално и припаѓа“, рече Деспотовски.

Вториот повик „Предизвик за млади истражувачи“ ФИТР го објави во гимназијата „Георги Димитров“ каде што беше претставен проект финансиран од минатогодишниот прв повик изработен од  тројца ученици кои сега се во четврта година во ова училиште: Марко Лазетиќ, Миро Зиноски и и Стефан Стојановски, под менторство на нивната професорка по математика Гордана Николовска.

За својата апликација добиле 300.000 денари и направиле прототип на дрон со прскалка кој би се управувал за третирање високостеблести и тешко достапни шуми заболени од штетници. Со парите од конкурсот ќе изработат поголем дрон со поголема носивост, за кој сега бараат делови. Младите иноватори на презентацијата појаснија дека прскалката е заменлива компонента и само една од идеите за нивниот дрон. Тие им порачаа на врсниците да конкурираат на повиците на ФИТР зашто така имаат можност да ги развиваат и реализираат своите идеи.

Иницијативата ја поздрави заменик-министерот за образование и наука Петар Атанасов кој истакна дека на младите истражувачи  треба да им се даваат можности, финансии, поддршка и добри наставници. -Тогаш и резултатите се тука. Како Министерство за образование и наука сакаме да направиме сè во нашите училишта да се работи повеќе, подобро, поквалитетно, да даваме простор за изработка на секакви оригинални идеи, додаде Атанасов.

Во наредните два месеца, до кога трае повикот, ќе  бидат организирани презентации за можноста за финансирање и аплицирање. До крајот на тековната учебна 2018/2019 година треба да заврши селекцијата на пристигнатите апликации на вториот повик и да бидат соопштени резултатите од најуспешните, за од почетокот на наредната тие да почнат да се реализираат. За изборот ќе  одлучува комисија со компетентни претставници од ФИТР, МОН, Народна техника  и од други институции.

Во изминатите 24 години откако Македонија и САД воспоставија официјални дипломатски односи, македонско-американските трговски врски растат бавно, но сигурно.

повеќе

Оваа појава почнува да претставува сериозна закана за учениците, но и грижа за родителите и наставниците.

повеќе

Пробацијата претставува клучна новина во реформата на нашиот пенитенцијарен и казненоправен систем и приоритетна цел на владината политика.

повеќе