Според Министерството за здравство, со крвна плазма досега се третирани 661 пациент.
„Да им помогнеме на лицата кои се борат со коронавирусот, да донираме конвалесцентна крвна плазма“, апелираат од Институтот за трансфузиона медицина до сите оздравени пациенти кои имале ковид-19.
Преку даруваната конвалесцентна плазма, антителата на оздравените пациенти се користат во сузбивање на болеста кај друго лице со ковид-19.
Лицето дарител на конвалесцентна плазма треба да има документиран лабораториски доказ дека било болно од ковид-19 и да биде минимум 21 ден без симптоми, по што се прави дополнителен тест за потврда дека нема присуство на вирус.
Од Институтот за трансфузиона медицина потсетуваат дека се достапни во секое време и сите оздравени пациенти кои ги исполнуваат условите за дарители, може да се јават за детални информации и закажување во Институтот за трансфузиона медицина, да ја покажат својата хуманост и да помогнат во лекувањето на другите заболени со ковид-19. Претходно треба да пополнат формулар за донор на ковид-19 ковалесцентна плазма.