Министерство за здравство

Нови болнички капацитети за ковид пациенти, бројките растат

Се прошируваат и реорганизираат болничките капацитети во државава за третман на пациентите хоспитализирани поради ковид-19 и се поголемиот број заразени со вирусот, кој во изминатите денови изнесува над 2.000 дневно. Истовремено, со одлука на Владата, пак, од синоќа е намален периодот на изолација или карантин поради ковид-19 за асимптоматските случаи и за лицата кои биле во контакт со заразен.

Клиниките за кожни болести и за неврологија наредните денови повторно треба да почнат да работат како ковид центри, а во ГОБ „8 Септември" да се отвори дополнителен ковид оддел, препорача Комисијата за заразни болести на вчерашната седница на која беше разгледувана најновата епидемиолошка состојба во државава.

Истовремено, Министерството за здравство ги задолжи универзитетските клиники, Институтот за белодробни заболувања и туберкулоза, Институтот за белодробни заболувања и туберкулоза кај децата Козле-Скопје и Специјалната болница за геријатриска и палијативна медицина „13 Ноември", при зголемување на бројот на новозаболени, а на кои им е потребна хоспитализација, да бидат организациски подготвени за спроведување на здравствениот третман на КОВИД пациентите. Во однос на медицинскиот персонал, јавните здравствени установи се известени и задолжени да назначат лица – среден медицински кадар за вклучување во работата на КИБФС (медицински сестри и болничари).

Со одлука на  Владата на лицата кои се лабораториски потврдени на ковид-19 (со PCR тест или со брз антингенски тест), а кои не развиле симптоми на болест, односно се асимптоматски случаи на ковид-19 им се одредува домашна изолација од седум дена од денот на тестирањето. По завршување на периодот на изолацијата, потребни се дополнителни три дена строго почитување на мерките за лична заштита (носење заштитна маска N95/FFP2 при престој во затворен простор со други лица или на отворено кога не може да се држи растојание од два метра, честа дезинфекција на раце, избегнување на групирање), наведе владината прес-служба.

За лицата кои се лабораториски потврдени на ковид-19 (со PCR тест или со брз антингенски тест), а кои развиле клиничка слика соодветна на вирусот, односно се симптоматски случаи, треба да им се одредува изолација седум дена од денот на тестирањето плус три последователни денови доколку лицето е без покачена телесна температура.

Според овие промени, лицата кои имале блиски контакти на потврдени случаи на ковид-19 се упатуваат во домашна самоизолација/карантин во траење од седум дена од денот на последниот контакт со потврдениот случај, а по завршување на периодот на самоизолацијата/карантинот потребно е дополнителни три дена строго да ги почитуваат мерките за лична заштита.

Исклучок од мерката домашна самоизолација/карантин, според владината одлука, има за оние лица кои исполнуваат еден од критериумите: вакцинирани со ковид-19 вакцина со две или три дози, а од последната доза да не поминале повеќе од шест месеци; прележани со ковид-19, а позитивниот тест да не е постар од шест месеци; лицата кои се блиски контакти, а кои заради исполнување на горенаведените критериуми се исклучени од самоизолација/карантин, задолжително треба да ги почитуваат мерките за лична заштита во период од 10 дена од последниот контакт со потврдениот случај. Датумот на последниот контакт со потврдениот случај се смета за нулти ден.

Од Министерството за здравство вчера информираа дека согласно дневните извештаи од инфективните одделенија и ковид центрите хоспитализирани се вкупно 573 лица, од кои 180 во Скопје и 393 лица на инфективни одделенија во државата. Вчера од направени 6.119 тестови беа регистрирани уште 2.019 заразени, од кои 254 реинфекции,  а бројот на активни ковид случаи во државава изнесува  21.883.

Вчера беа пријавени и нови 19 починати поради компликации од вирусот, како и 973 оздравени пациенти. Од  254-те реинфекции две се втора реинфекции. Повеќе од половината од активните случаи во државава, 11.802, се во Скопје, по што следи Битола со 1.691, Куманово, Кавадарци и Прилеп со по околу 700, Охрид 635, Тетово 548. Најмалку активни случаи, 16, има во Дојран.

Бројот на новозаболени не стивнува и во Србија, каде вчера се евидентирани 19.063 заразени лица, како и 37 починати, што претставува  речиси ист рекорден број на заболени како и завчера кога беа евидентирани 19.901 случај. Во српските болниците се хоспитализирани 3.206 ковид пацинти  од кои 138 се на респиратор.
 
Епидемиологот Зоран Радовановиќ за Н1 изјави дека реалната бројка на новозаболени е многу поголема од бројките што ги најавуваат надлежните, како и дека големите редици пред ковид амбуалнтите и неколкучасовното чекање на пациентите покажуваат дека здравствениот систем е во „колапс".

Рекордни бројки на заразени со ковид-19 вчера беа регистрирани и во Романија, Хрватска, Словенија, Бугарија,…

Романија постави апсолутен рекорд на нови случаи на ковид-19 во претходните 24 часа, откако бројот на нови случаи достигна 34 255. И во Хрватска, неофицијално, во претходните 24 часа е забележан нов црн рекорд според бројот на заразени – вкупно 18.517 лица, а во Словенија се потврдени повеќе од 17 000 нови инфекции, што е најголем број заразени случаи во еден ден од почетокот на епидемијата.

Медиумите пренесуваат загрижувачки податоци од болниците во Словенија во кои коронавирусот се проширил речиси во сите оддели, како и зголемен број на заразени меѓу медицинскиот персонал кој се повеќе останува во изолација или е инфициран.

Бугарија и вчера пријави рекордни 12.399 новозаразени со коронавирус за еден ден, а повеќето случаи се предизвикани од позаразниот сој омикрон, како и 73 смртни случаи.

Неодамнешниот скок на бројот на деца со позитивен тест за коронавирус ги поттикна бугарските власти да размислат за продолжување на еднодневниот одмор на девет дена, почнувајќи од 29 јануари. Над 38 отсто од учениците се префрлија на онлајн настава, додека рестораните, кафулињата и баровите во Софија од денеска ќе треба да работат со 50 отсто капацитет и до 22 часот.

Паралелно со објавите за рекордни бројки на новозаразени дел од државите најавуваат и укинување на ограничувањата.

Данска, која потврди 46.590 новозаразени објави дека планира следната недела да ги укине сите преостанати ограничувања против ковид-19, откако слична најава имаа Велика Британија и Холандија минатата недела, и покрај големиот број заразени со омикрон во Европа. Земјата веќе ги олесни ограничувањата пред две недели, по едномесечното заклучување им дозволи повторно отворање на кината и концертните сали. Сепак, остануваат некои правила, како ограниченото работење на рестораните и задолжителното носење маски.

Во писмото до Парламентот, министерот за здравство Магнус Хеунике наведува дека Владата има намера да ги следи препораките издадени од експертски панел со цел да се укинат сите ограничувања до 1 февруари. Ако одлуката на Владата биде одобрена од Парламентот, тоа ќе биде најдалекусежното олеснување на ограничувањата меѓу нордиските држави. Ноќните клубови може повторно да се отворат, а рестораните ќе можат да служат алкохол по 22 часот, гостите не мора да приложат ковид-потврда пред да влезат. Патниците можат да се возат во автобус без маска, а продавниците можат да го укинат ограничувањето на бројот на клиенти. Доколку измените бидат одобрени, во сила ќе остане само правилото за тестирање и изолација за влез во Данска, што ќе се применува уште четири недели.

Велика Британија, Ирска и Холандија објавија слични одлуки минатата недела за укинување на повеќето ограничувања против коронавирусот, иако бројките за инфицирани лица со омикрон остануваат високи.

Австрискиот канцелар Карл Нехемар, пак, најави дека од понеделник во Австрија ќе биде укинат „локдаунот" за невакцинираните лица против Ковид-19.

„Сојот омикрон ни донесе промена на парадигмата во однос на делта варијантата. Надлежната комисија будно ги следи сите бројки на новозаразени лица и искористување на болничките капацитети. Ситуацијата во болниците е стабилна“, истакна Нехамер на прес-конференција.

Во Австрија има се повеќе позитивни ПЦР тестови на ученици и паралелки кои поради заразени ученици преминале на онлајн настава. Во моментов, 1.900 паралелки се префрлени на онлајн часови поради болни ученици.

 Како што соопшти Светската здравствена организација, во текот на изминатата недела во светот се регистрирани 21 милион нови случаи на заразени со коронавирус – најголем неделен број новозаразени од почетокот на пандемијата. Бројот на смртни случаи, пак, остана главно непроменен, над  50 000.

Во својата неделна проценка на пандемијата, СЗО наведе дека бројот на новозаразени со коронавирусот е зголемен за пет проценти, но оти стапката на раст исто така се чини дека забавува.

СЗО информираше дека најголем пораст на случаи на коронавирус е забележан на Блискиот Исток, со пораст од 39 отсто, по што следи скок од 36 отсто во Југоисточна Азија. Исто така, бројот на смртни случаи се зголемил во Југоисточна Азија, Блискиот Исток и Јужна и Северна Америка, но се намалил во другите региони.

(Насловот е на турски со причина, во превод, „писмо или револвер“.)

повеќе

Со фактот што Европа продолжува да плаќа милијарди долари за рускиот гас секој месец, таа и понатаму игра онака како што свири Кремљ, покажувајќи на тој начин дека е заробеник на сопственото задоволство.

повеќе

Грејната сезона заврши во месец април како и секоја година, но последнава беше со многу проблеми кои произлегоа од енергетската криза, од војната во Украина и генерално од светската економска криза.

повеќе