претставник на Вестминстер фондација за демократија

Незири: Секој отселен високо образован млад човек ја чини државата 40 илјади евра

Низ координиран пристап на државните институции, бизнис заедницата и невладиниот сектор може да се направи тренд на повратна миграција која ќе биде позитивна за нашата држава. Ова денеска го изјави Дамир Незири, претставник на Вестминстер фондација за демократија пред почетокот на панел дискусијата „Повратна, или карта во еден правец? Како земјата се справува со одливот на мозоци?" во организација на Мрежата за спречување на одлив на мозоци.

Незири како пример наведе дека ако се земе млад човек со завршено високо образование, со четири години, на Скопскиот аеродром, тој најверојатно ќе замине во Германија, Австрија или Швајцарија.

„Во себе има два куфери. Во едниот куфер има 29 илјади евра, тоа се пари кои државата, тој самиот и неговите родители ги вложиле за тој да заврши факултет. Толку чини еден млад човек да заврши факултет во оваа држава. Во другата рака има куфер кој има 16 илјади евра. Тоа е негов потенцијален придонес кон БДП на годишно ниво, кога би останал во оваа држава, преку плаќање даноци, преку директна потрошувачка…. Ова лице кога ќе замине од државата изнесува над 40 илјади евра“, рече Незири, додавајќи дека тоа се наодите до кои дошле низ истражување.

Вакви истражување освен во нашата држава, биле спроведени и во Србија, Албанија и Црна Гора и наодите се многу слични во регионот. Постои негативен тренд на иселување, односно повеќе луѓе се иселуваат отколку што се враќаат.

„Според податоци што ги имаме, овој тренд во нашата држава до 2015 година е во пораст, од 2016 година е во одреден пад, но, сепак тоа државата ја чини многу средства. Околу 330 милиони евра потенцијален БДП годишно е она што го изнесуваат луѓето и околу 500 милиони евра пари вложени во образование“, рече Незири.

Позитивно е што луѓето што се иселуваат враќаат средства во државата. Околу 200 милиони евра или скоро два отсто од БДП се враќаат по регуларни патишта, преку банки итн. Но, како што рече, има проценка дека низ сиви зони се враќаат околу 400 милиони евра или вкупно 600 милиони евра, што е сериозна бројка.

Незири рече дека се проценува оти 720 милиони евра се враќаат од странство во нашата држава на годишно ниво.  Шеесет и седум отсто од овие средства одат во директна потрошувачка. Тоа се пари кои стигнуваат и веднаш се трошат, а само еден отсто одат во бизнис инвестиции, околу 16 отсто одат во инвестиции во недвижнини, околу пет отсто одат во штедење и исто толку отсто и во исплаќање на задолжување.

„Доколку државата преку мерки успее да го промени ова и поголем дел од овие средства одат во инвестиции, тогаш иселувањето може да биде двигател на економскиот раст“, рече Незири. Додаде дека иселувањето само по себе не е негативно. Граѓаните се иселуваат и се стекнуваат со дополнителни знаења или средства, па се враќаат во државата и ги инвестираат тие пари и знаења, тоа е позитивно.

Според други истражувања, како што рече, нашите граѓани се иселуваат во релативно богати земји што значи дека економскиот фактор е се уште најголем двигател, но не е единствен.

Државите од Балканот немаат прецизни податоци и број за иселувањето на луѓето, за нивниот профил, за возраст… Во ова истражување биле користени информациите од OECD – Организација за економска соработка и развој, кои велат дека од 2012 до 2016 година во просек од 22-23 илјади луѓе се иселувале од државата. Од овој број, 10-11 илјади луѓе се враќале назад. Според Незири, просекот е околу девет илјади или 9.500 луѓе кои излегувале секоја година.

Одговарајќи на новинарско прашање, Незири рече дека иселувањето на високостручни кадри во  ИКТ секторот многу повеќе ја чини државата или 33 илјади евра во просек по лице.

Државниот советник во Министерството за образование и наука Сафет Незири смета дека повеќе државни институции и чинители треба да дејствуваат за да се спречи одливот на мозоци. Потсети на реформите во образовниот систем, на реформите во стручното образование, кои веќе се спроведуваат во согласност со приватните компании и други стопанственици.

„Целта е нашите млади кога ќе завршат средно стручно образование да имаат поголеми шанси за да можат да се вратат и да останат во нашата земја“, изјави Незири. Потсети дека за младите има и неколку видови домашни стипендии, а се стипендираат и младите кои сакаат да студираат надвор од нашата држава, на највисоко рангираните универзитетите според Шангајската листа. Тие имаат обврска потоа да се вратат во нашата држава.

Директорот на Агенцијата за иселеништво Никола Шалваринов смета дека во иселеништво имаме од 500 до 600 илјади државјани на Република Северна Македонија. До овој број стигнале од работата на терен и од податоците на државите каде претежно се иселуваат нашите државјани во последните 15 години, тоа е во Европа, а помалку во САД, Австралија…

Според него, тоа е проблем и малку е доцна да се работи само на спречување на иселувањето. Треба да се размислува и да почне да се прави реална стратегија како да се анимираат иселениците, како да ни помогнат и да ги користиме нивните капацитети кон државата, дали во однос на економија, туризам, политика…

Панел дискусијата е во рамки на проектот „Мрежа за спречување на одлив на мозоци" и е финансиски поддржан од „Фондацијата Отворено општество – Македонија". 

Тоа што е многу поважно е дека се работи за ПРЕТХОДНА проверка, а не за post festum ветинг.

повеќе

Како што расте бројот на оние кои објавуваат непроверени, лажни и злонамерни информации, така се зголемува и бројот на медиуми кои работат со проверка на факти и се борат за вистината во јавниот простор преку одговорно истражување.

повеќе

Единствена работа за која ние граѓаните не плаќаме данок, е воздухот кој го дишеме.

повеќе