Имунизацијата доцни

Нема вакцини за наставниците, а ги очекува матура со физичко присуство

Државната матура ќе се полага на почетокот на јуни со физичко присуство, а исто така и интерните испити. Наставниците кои се ангажирани за матурата и испитите реагираат дека ги нема во ниедна приоритетна група за вакцинација. Апелираат деновиве да се започне со нивна вакцинација, затоа што нема да остане доволно време за стекнување на имунитет. Од СОНК се загрижени и ќе бараат итно решавање на проблемот.

„Како да се охрабриме за извесното физичко присуство со учениците кога коронавирусот до јуни сигурно нема да исчезне, а вакцини нема за нас. Дали нас свесно ќе не впуштат во ризик да се разболиме и животот да нѝ биде доведен во прашање", прашуваат наставници кои се јавија во нашата редакција.

Наставниците кои се назначени да бидат тестатори на државната матура преку Државниот испитен центар добија мејл да се изјаснат дали сакаат да се вакцинираат, додека наставниците кои ќе бидат ангажирани за интерните испити, кои исто така ќе бидат во физичко присуство со учениците, не се ниту прашани досега, иако ќе бидат во истиот ризик. Но, и едната и другата група наставници до денес не се информирани ништо околу можните термини.

Претседателот на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК) Јаким Неделков, кого го прашавме дали им е јавено кога би започнала вакцинацијата на наставниците кои ќе бидат ангажирани за матурата и интерните испити, одговара негативно.

„Јас уште утре ќе барам контакт со Министерството за образование и наука за да ги запознам со проблемот и ќе инсистирам овие наставници да бидат навремено вакцинирани за да можат со стекнат имунитет да работат на матурата и испитите. Како Синдикат ние сме загрижени за здравјето на наставниците исто како што водиме грижа за целото наше членство, за сите вработени, како во образованието кои имаат практична настава така и за вработените во другите сектори од нашето организирање кои имаат работни ангажмани со физичко присутво", вели за МКД.мк Јаким Неделеков.

Тој додава дека претходно побарал овие категории на вработени да бидат ставени на приоритетните листи, но дека потоа стана очигледно дека земјата не доби навреме вакцини и дека се доцни со имунизацијата.

„Но сега, кога од Министерството за здравство најавија дека набрзо доаѓаат поголеми пратки вакцини од повеќе производители, мора надлежните да ја имаат предвид и матурата. Ако се знае дека од првата до втората доза треба да поминат три недели, а потоа и уште некој ден, тогаш е јасно дека час поскоро треба да започне вакцинацијата на наставниците кои ги очекуваат матурата и испитите", вели Неделков.

Претходно прашавме во Министерството за образование дали знаат кога ќе бидат вакцинирани овие наставници и како планираат да биде организирана државната матура доколку навремено не бидат имунизирани, односно дали е можно поради овој проблем да бидат одложени термините за полагање на матурата и испитите.

Конкретни одговори не добивме, освен уверување дека Министерството за образование и наука е во постојана комуникација со Министерството за здравство.

„Продолжуваме со доставување на списоци и податоци за следните групи на кадар кој реализира настава со физичко присуство, вклучително и за наставниците кои ќе бидат дел од процесот на полагање државна матура", велат од Министерството за образование.

Во Министерството за здравство прашавме конкретно за наставниците кои ќе бидат ангажирани со матурата и испитите, а добивме уште понеконкретен одговор:

„Вакцинацијата во државата се одвива според Националниот план за имунизација на населението. Во моментов се вакцинира населението постаро од 73 години и со хронични заболувања, а согласно достапноста на вакцини возрасната граница ќе се намалува. Вакцинирани се приоритетните групи меѓу кои здравствените работници и оние кои се од есенцијална важност за функционирање на државата, припадниците на МВР, армијата, возачи во ЈСП и слично. Сите кои сакаат да се вакцинираат, а се дел од јавните служби, ќе бидат дополнително известени и опфатени во периодот кој следува согласно достапноста на вакцини".

Ниту збор дали се има предвид временскиот теснец потребен за имунизација на наставниот кадар, со цел нивното здравје и живот да бидат заштитени во услови на физичко присуство со млади лица кои, како што е познато, почесто другаруваат надвор и според здравствените сознанија, младите се главните преносители на вирусот кај постарите лица.

Во земјава има нешто повеќе од сто средни училишта. Потребни ќе бидат неколку илјади дози на вакцина за имунизација на наставниците пред кои младите кои го завршуваат средното образование ќе полагаат еден од важните испити на своето полнолетство, по што ќе се определат дали и каде ќе го продолжат своето образование.

П.Џамбазоски

Европа е решена да се ослободи од меката моќ на Москва (енергенсите), а и на дипломатско поле сака да и стави до знаење дека и за неа ќе има „црвени линии“. 

повеќе

Незабележливите разлики во нашето однесување кои се дел од психолошката манипулација на социјалните мрежи се предизвикани од надзорниот капитализам и ја нарушуваат демократската култура и личната автономија.

повеќе

После десетици години се решава холдингот, неданочните давачки и царинските тарифи значајни за бизнисот.

повеќе