Нема ништо незаконски, ниту нерегуларно при набавката на кинеските вакцини, тврди Филипче

Министерот за здравство Венко Филипче ги отфрли обвинувањата за нерегуларни, незаконски постапки и провизии за набавката на кинеските вакцини, изјавувајќи дека кога станува збор за вакви набавки се придржуваат до два принципи, внимателност и регуларност.

„Жал ми е што сето тоа излегува во медиуми кои се блиски до опозициската ВМРО-ДПМНЕ и тоа што излезе во италијанскиот медиум „Ла верита“ исто така близок до нив, се документи кои ние сме ги испратиле до навистина многу компании со цел да добиеме што повеќе информации за можностите за набавка на вакцините. И во таа смисла и ова конкретно за 200 илјади кинески вакцини од компанијата ‘Синофарм‘ се прави по истите принципи на деталите“, изјави Филипче.

Според него, по иницијалните обиди да направат директен контакт со фабриката во што не успеале, побарале помош од некои кинески компании коишто се активни во земјава како „Пауер Чајна“, а потоа „Синохидро“ кои им укажале на некои компании со кои може да ги спојат и тоа дало резултат.

„За време на тие разговори во меѓувреме беше потпишан договор, се вклучи и нашата Амбасада во Кина која за тоа го извести и тамошното МНР од каде ни укажаа дека тоа не е патот по кој треба да одиме и дека треба да го следиме оној регуларен пат по кој на почеток се обидовме, но за жал немаше резултати и заради тоа сакајќи да ја забрзаме целата постапка, најдовме еден алтернативен начин. Не станува збор апсолутно за ништо незаконски, за ништо нерегуларно. Не станува збор за некакви провизии и за што било за што овие денови ме обвинува опозицијата“, рече Филипче.

Во делот на одговорностите за вакцините, нагласи, тоа е нешто што важи буквално за разговорите и договорите со сите компании.

„Тоа е обврска на Министерството за здравство и тоа ние го преземаме за буквално сите вакцини и сите производители. Зошто? Поради тоа што Министерството за здравство е одговорно преку својата програма за имунизација за секој дел од овие несакани ефекти и тоа се однесува буквално на секоја вакцина што влегува во земјата. Така што дозволете да ги осудам сите овие обиди да се фрли дамка на овој процес во една ваква чувствителна ситуација кога вакцинацијата навистина треба да продолжи во нашата земја. Со ова опозицијата се обидува да го наруши угледот, да го компромитира процесот и со тоа да го загрози, со тоа што би се загрозил целокупниот процес на продолжување на имунизацијата во нашата земја. Со ова некој политички сака да има придобивка да поентира, а цената да биде здравјето на нашите граѓани“, додаде Филипче.

Во врска со вакцините на „Фајзер“, рече дека според најавата од комуникацијата што ја имаат сега, станува збор за 20.000 вакцини кои треба да стигнат на крајот на март, кога се очекуваат да стигнат 20-25.000 вакцини на компанијата „Астра зенека“. Засега, како што кажа, вакцините се наменети само за здравствените работници.

Во однос на здравствената безбедност за време на пописот, тој кажа дека со сите капацитети ќе излезат во пресрет за да обезбедат безбедност на попишувачите. Одговарајќи на новинарско прашање рече дека се подготвени и за правање тестови и оти има капацитети да се направат и да се промени протоколот доколку има потреба, меѓутоа смета дека самиот протокол е доволен за заштита од ковид.

„Имаме капацитет да ги направиме сите потребни тестови. Меѓутоа, тоа не беше ставено во протоколот. Можеби треба да се промени. Апсолутно со сите капацитети ќе излеземе во пресрет да обезбедиме безбедност. Мислам дека самиот протокол којшто ги вклучува и попишувачите и граѓаните е сосема доволен затоа што ги следи истите принципи на превенција на болеста. Никаде каде што имаше почитување на принципите на превенција ние не видовме проблем. Само таму каде што имаше прекршување на мерките“, изјави Филипче.

 

Незабележливите разлики во нашето однесување кои се дел од психолошката манипулација на социјалните мрежи се предизвикани од надзорниот капитализам и ја нарушуваат демократската култура и личната автономија.

повеќе

После десетици години се решава холдингот, неданочните давачки и царинските тарифи значајни за бизнисот.

повеќе

Целиот свет гледа на 2021 година како на година на заздравување на економијата.

повеќе