Филипче повтори дека согласно со националниот план, први вакцина ќе примат најстарите граѓани со хронични болести и луѓето сместени во старечките домови.
За начинот како ќе се одвива вакцинацијата, објасни дека сите ќе бидат известени преку своите матични лекари и повикани на пунктовите кои ќе им бидат најблиску, додека во делот на старечките домови, вакцинирањето ќе се спроведе во домовите.
На прашањето дали за неполни три недели ќе пристигне и втората пратка, Филипче одговори дека и руската компанија, како останатите, во однос на испораката е под голем притисок од сите земји во светот.
„Преку личниот ангажман на амбасадорот кој зема обврска да го забрза целиот процес и во директни разгоовори со претставници на Рускиот инвестициски фонд кој ја менаџира дистрибуцијата на вакцините, не само што имаат обврска да ги пратат и другите 3 000 вакцини, туку зборуваме и за останатата динамика. Кога ќе дојдат оние 200 000 веројатно ќе знаеме во некој од следните денови. Како и за другите производители и тука важи тоа дека се под огромен притисок од сите земји во светот“, истакна министерот.
Во овој момент, дообјасни Филипче, за ниту една вакцина, меѓу другите и за оние за кои разговара земјава, нема сериозна контраиндикација, ниту е регистриран некаков несакан ефект за време на клиничките студии и потоа, а нашиот тимот експерти ги прати буквално сите публикации.