Министерство за здравство уверува

„Нема доцнење, здравствените работници ќе бидат вакцинирани против грипот“

На поплаките од здравствени работници дека се доцни со нивна вакцинација против сезонскиот грип, поради што и тие и здравствениот систем во целина се ставаат во ризик, од Министерството за здравство уверуваат дека „дистрибуцијата на вакцините во сите јавни здравствени установи заврши минатата недела и со тоа вакцините се достапни за здравствените работници",

Во редакцијата на МКД.мк деновиве се јавија здравствени работници кои работат на скопската Клиника и кои реагираат дека сѐ уште не се вакцинирани против сезонскиот грип иако се запишани на списоците за вакцинација. Велат дека се доцни во некои установи од Клиниката.

Нагласуваат дека како здравствени работници се во контакт со пациенти и дека ќе бидат изложени на ризик, покрај од ковид-19, да бидат заразени и од сезонскиот грип кога ќе започне неговото ширење низ земјата. И грипот може да доведе до сериозни здравствени компликации и отсуства од работа и тоа во време на епидемија од коронавирусот, кога нивниот ангажман е драгоцен, велат здравствените работници.

Од Министерството за здравство за МКД.мк уверуваат дека вакцинацијата на здравствените работници ќе биде до крај спроведена, зашто се завршени неопходните подготовки.

„Во оваа сезона на вакцинација против грип, за прв пат овозможивме бесплатната вакцинацијата на здравствените работници да се спроведува во нивните матични установи. Со оваа вакцинација ќе се опфатат здравствените работници од сите јавни здравствени установи во државата. На овој начин вакцината ја направивме подостапна за сите здравствени работници, како една од ризичните категории, чија заштита во услови на КОВИД-19 пандемија е многу значајна. Дистрибуцијата на вакцините во сите ЈЗУ во државата заврши минатата недела и со тоа вакцините се достапни за здравствените работници", велат од Министерството за здравство.

Вакцините за здравствените работници, како и за ризичните групи од населението се бесплатни. Министерството потенцира дека годинава се набавени „40 илјади дози на четиритипни вакцини против грип, наменети за бесплатна вакцинација на ризични групи. Во споредба со минатата сезона, за која се набавија 28 илјади дози на вакцини, оваа година за околу 40 отсто се зголемија количините".

Министерството притоа потенцира дека станува збор за успех набавката на толкав број на вакцини.

„Оваа година поради зголемената побарувачка на вакцини против грип на светско ниво, посебен предизвик беше да се набават вакцините, посебно за мал пазар како што е нашата држава".

Кога во прашање е вакцинацијата на граѓаните, термините се добиваат преку матичните лекари кои потоа своите пациенти ги упатуваат во соодветна здравствена установа.

„Термините кон матичните лекари се пуштаат секој петок за спроведување на вакцинација во следната недела. Минатата година термините беа креирани за вакцинација на 5 минути, но оваа година истите се креираат на 10 минути, поради запазување на мерките за превенција од ковид-19", информира Министерството за здравство.

П.Џ.

Структурното насилство кон трансродовите и родово небинарните луѓе е препрека во нивното реализирање како полноправни членови на општеството.

повеќе

И сега вие замислете, на едно детенце од 6 години да му кажувате со авторитет на наставник дека не треба да се дефинира како машко или женско.

повеќе

Засега СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ и нивните заеднички алтер-фабрикати не даваат впечаток дека го разбираат новосоздадениот замаец.

повеќе