Поради состојбата со коронавирусот

Неколку образовни институции почнаа настава преку интернет

Неколку образовни институции почнаа он-лајн настана. Од министерството за образование велат дека поради повеќе фактори во овој момент, образовните институции тука, не се подготвени за спроведување на настава на интернет и дека следниот период ќе подготват план за организирање на наставата до завршување на учебната година.

Поради настанатата ситуација со вирусот Ковид-19, Универзитетот „Гоце Делчев" од вчера започна процес на интерактивни предавања преку интернет за своите студенти.

Прв започна факултетот за информатика, но во периодот што следува ќе се вклучуваат сите факултети каде што тоа е изводливо, соопштија од Универзитетот.

Од УГД наведоа дека долго време користат електронски платформи за комуникација и работа со студентите, па така ова не претставува особен проблем.

 Наставата се одвива преку две платформи, и тоа е-учење и Microsoft Teams. Сите потребни материјали се поставени на платформата е-учење, а за директна комуникација со студентите се користи Microsoft Teams. Со ова на студентите им овозможуваме да се продолжи со образовниот процес и во една ваква вонредна ситуација. Студентите добро го прифатија новиот начин на работа и се надеваме дека ситуацијата многу бргу ќе се врати во нормала и ќе можеме да продолжиме со наставата во предавалните, изјави проректорот за настава на УГД проф. д-р Мишко Џидров.

УГД ја користи платформата на Мајкрософт и, како што велат, немаат потреба од никакви дополнителни ресурси.

Се што треба е студентите да имаат интернет врска и било каков уред поврзан на интернет (телефон, таблет, лап топ или десктоп компјутер). Студентите за предавањето добиваат покани на нивната студентска пошта и линк на кој може да се поврзат. Настанот автоматски им се додава во календарот. Неколку минути пред почетокот им стигнува известување и ги потсетува за предавањето и потоа се вклучуваат сите. Процесот е многу едноставен, па се очекува до идната недела најголем дел од професорите да се вклучат во овој процес, велат од Факултетот за информатика на УГД, наведоа од Универзитетот.

Алатката на Мајкрософт е бесплатна, а од Факултетот за информатика потенцираат дека таа можат да ја користат и други образовни институции и да го прилагодат наставниот процес многу бргу.

Првото предавање со 40 студенти поминало во најдобар ред, презентациите и комуникацијата течела без проблем што значи студентите, како што оценуваат од УГД, во оваа новонастаната ситуација нема да загубат голем дел од своите предавања.

Општина Карпош е првата локална самоуправа којашто воведе „е – настава" во основните училишта, после прекинот на воспитно – образовниот процес поради ширењто на Covid – 19 (коронавирусот).

Овој тип на неформална настава се имплементира преку платформата Google drive, откако беше спроведена обука со наставниот кадар од училиштата во Карпош. Од вчера, започна е – наставата за учениците од деветто одделение, но, ќе продолжи да се спроведува и во пониските класови.
За оваа цел, денеска, прес конференција во Владата одржаа градоначалникот на Општина Карпош Стефан Богоев и министерот за образование и наука Арбер Адеми.

По осум предмети наставниците прикачуваат содржини кои би се изучувале по наставните програми во овој период од годината. На платформата се поставуваат power point презентации, квизови за ученици и видео предавања од наставници. Апелирам на ангажман, посветеност и креативност како од наставниците, така и од учениците. Седете дома, учете по електронски пат, а надвор излегувајте само ако навистина имате итна потреба. Ова не е распуст, ова е ситуација која бара будност, подготвеност и дисциплина од сите нас, рече Богоев.

Тој истакна дека за овој тип на настава е добиена согласност од Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образование, како надлежни институции за планирање на наставниот дел. Е – наставата може да се спроведува и преку платформите Classroom, Microsoft 365 и др.

Министерот Адеми го посочи Карпош како позитивен пример и ги повика и другите општини да делуваат во оваа насока. Тој истакна дека се подготвува и телевизиско прикажување на настава, со цел, колку што е можно, да се надомести изгубениот материјал.

 

 

Секој може да биде менаџер во „добри денови", но најчесто менаџерската работа не е за „добрите денови" туку постојан баланс помеѓу проблемите и можностите за оптимизирано управување на компанијата.

повеќе

Нека се соберат во Дојран, нека се договорат и нека нѐ известат. Сите други пак нека се спремаат за вистински избори во постпандемискиот период.

повеќе

Дали е аксиом дека со членството во НАТО е гарантирана безбедноста на Македонија? Дали почеток на преговори значи и отворен пат за членство во ЕУ?

повеќе