Премногу се потенцира дали ќе бидат исплатени дневниците за време на штрајкот и тоа се доживува како притисок. Дури и партиите вршат пристисок врз своите членови, изјави Неделков за Утрински брифинг.
Минатата недела Неделков за МКД.мк изјави дека најавите за уплаќање само на придонесите на вработените за деновите која се во штрајк не треба да се реализираат бидејќи покрај тоа што правото на штрајк е загарантирано, вработените не отусуствуваат, туку се на своите работни места.Тој се повика и на праксата од минатите години кога по завршувањето на штрајковите во договор со МОН не се пристапувало кон кратење на дневниците.
„СОНК ќе ги заштити сите работници, и своето членство, и вработените кои не членуваат во синдикатот, но се придружиле на штрајкот", нагласи тогаш Неделков.
Во контекст на вчерашната понуда од Владата за 10 процентно качување на платите, Неделков во разговорот за Утрински брифинг рече дека истата понудата од 10 проценти им била соопштена усмено во петокот, по што била спроведена сондажа меѓу членството.
„Извештајот од сондажата што го добивме во неделата покажа дека 95 проценти од членовите не го прифаќаат тој предлог. Не е спорно колку ние можеме да издржиме со штрајкот, спорно е колку Владата ќе остане закопана во ров на својата позиција. Владата не нѐ послуша кога зборувавме за наглото зголемување на минималецот, а кога веќе е покачен минималецот треба да се покачат и нашите плати оти ние чекаме шест години. Чашата ја прелеа тоа што со зголемувањето на минималната плата сега имаме некои работни места со различна сложенст кои имаат иста плата. Не е проблемот нашата нетрпеливост“, вели Неделков.