СОНК доби уверување од Министерството за образование

Неделков: Наставниците ангажирани за матурата се на листата за приоритетна вакцинација

Претседателот на СОНК Јаким Неделков утрово побарал од Министерството за образование под итно да бидат ставени во приоритетна листа за вакцинација наставниците кои ќе бидат ангажирани за државната матура и интерните испити кои се полагаат со физичко присуство. Од Министерството велат дека листата е испратена до Министерството за здравство. Уште додаваат и дека „и една доза вакцина дава заштита“. Наставниците реагираат дека и покрај тоа што матурата ќе се одржи на почетокот на јуни немаат информација дали и кога ќе бидат вакцинирани.

Претседателот на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК) Јаким Неделков како што вети вчера во изјавата за МКД.мк, така денеска побара официјална информација во Министерството за образование и наука (MOН) дали ќе бидат вакцинирани наставниците кои ќе бидат ангажирани за државната матура и интерните испити.

„Добив уверување дека овие наставници од страна на МОН се веќе ставени во приоритетна група за вакцинација и дека до Министерството за здравство е испратено барање наставниците да бидат повикани“, изјави денеска Неделков за МКД.мк.

На неговото укажување дека ако се доцни со вакцинацијата ќе нема доволно време за стекнување на целосен имунитет до почетокот на јуни, бидејќи помеѓу првата и втората доза на вакцина треба да поминат три недели, од МОН уверувале дека очекуваат вакцинацијата да биде навремена.

Но, како што вели претседателот на СОНК Неделков, му било речено и дека дури и да не се стигне до матурата со втората доза, дека и „првата доза пружа заштита или пак не дозволува сериозен развој на болеста“!

Инаку, вчера, на нашето прашање до МОН не добивме конкретен одговор дали и кога ќе бидат вакцинирани оваа група на наставници и дали евентуално доколку се задоцни, ќе биде соодветно поместен терминот за одржување на матурата. 

Но, од тоа што во МОН му било кажано на Неделков, извесно е дека и со една доза вакцинирани наставници матурата ќе се одржи во предвидениот термин.

Информација не добивме ниту од Министерството за здравство освен дека досега се „вакцинирани приоритетните групи меѓу кои здравствените работници и оние кои се од есенцијална важност за функционирање на државата, припадниците на МВР, армијата, возачи во ЈСП и слично“ и дека „сите кои сакаат да се вакцинираат, а се дел од јавните служби, ќе бидат дополнително известени“.

Инаку, во реакциите до МКД.мк претходно наставници изразија незадоволство затоа што немаат никаква информација поврзана со нивна имунизација имајќи предвид дека испитите ќе бидат со физичко присуство, а познато е дека младите лица се главните преносители на вирусот.

Наставниците кои се назначени да бидат тестатори на државната матура преку Државниот испитен центар добија мејл да се изјаснат дали сакаат да се вакцинираат, додека наставниците кои ќе бидат ангажирани за интерните испити, кои исто така ќе бидат во физичко присуство со учениците, не се ниту прашани досега, иако ќе бидат во истиот ризик. И едните и другите немаат повратна информација и се загрижени дали матурата и испитите ќе бидат стрес за нив и опасност по здравјето.

Денеска пак, министерката за образование Мила Царовска изјави дека одзивот на наставниците од прво до трето одделение од основните училишта бил според очекуваното и најави дека во текот на летото со Министерството за здравство ќе се разговара за моделите на организирање на наставата во текот на идната учебна година.

П.Џамбазоски

Во чест на Меѓународниот ден на трудот, вреди да се разгледа состојбата со работничките права во државата, да се направи краток осврт на изминатата година и да се согледа што може да се направи за да се насочат работите кон подобро.

повеќе

Таквиот вид на анахрон национал-романтизам, со речиси апологетски однос кон окупаторската политика на Бугарија во Втората светска војна, штетна е за хармонизација на односите на Балканот, пред сѐ на Бугарија со РСМ, но и со Србија.

повеќе

Некогаш да градиш на три континенти, а денес да не ја градиш сопствената држава.

повеќе