Здравствена состојба

Не се намалува бројот на новозаразени со ковид-19, а не се зголемува интересот за вакцинација

Не се намалува бројот на новозаразени од коронавирусот, ниту на починати лица како последица на компликации од ковид-19. И вчера се регистрирани над 400 позитивни на вирусот, како и двоцифрен број на случаи со фатален исход. Во исто време, никако да се зголеми процентот на целосно имунизираното население - само една третина, односно 35 проценти од луѓето во Македонија примиле две дози на вакцина. Тие што веруваат во вакцините пак, пројавуваат голем интерес за примање на третата засилувачка доза на вакцината.

Вчера беа регистрирани нови 417 случаи на ковид-19 од 2.964 тестирања или 14 отсто, вкупно пријавени 10 починати и 329 оздравени пациенти. Во моментот во државата има 6.576 активни случаи. Во последните три месеци, 73 отсто од позитивните случаи на ковид-19 не биле вакцинирани. Тој процент кај хоспитализираните е 75, а кај починатите 82, покажа анализата на Министерството за здравство.

Вкупниот број на ковид-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата достигна 201.708 од направени 1.378.530 тестирања. Оздравени се 188.024 пациенти, починати 7.108.

Во периодот од 6 август до завчера, на територија на државата се потврдени 45.621 граѓанин позитивни Ковид-19, од кои 12.375 лица или 27 отсто биле целосно вакцинирани. Според статистика за последните речиси три месеци, 33.246 граѓани, односно 73 отсто од позитивните на ковид-19, не биле вакцинирани, се наведува во анализата на вакцинирани од позитивните случаи со Ковид-19, што вчера ја објави Министерството за здравство.

За вакцинирани, како што се посочува во соопштението, се сметаат лицата кои се вакцинирани со две дози и поминале најмалку 14 дена од примање на втора доза вакцина.

Процентот на хоспитализирани лица кои се невакцинирани изнесува 75 отсто, додека 25 отсто од сите моментно хоспитализирани пациенти се целосно вакцинирани.

Смртноста кај невакцинираните е драстично поголема, покажува анализата. Во период од 6 август до завчера, на територија на државата од ковид-19 починале 1.592 пациенти. Од нив, 1310 пациенти или 82 отсто не биле вакцинирани, а 18 отсто, односно 282 примиле вакцина. Според анализите, починатите имале повеќе комбинирани хронични заболувања.

Пациентите биле вакцинирани со сите типови вакцини кои ги има на располагање кај нас. Секоја вакцина која ја имаме на располагање е безбедна, информираат од Министерството и апелираат граѓаните да се вакцинираат.

Досега се ревакцинирани 46 отсто од полнолетните граѓани, а трета доза примиле 27.298 граѓани.

Во текот на завчерашниот ден аплицирани се вкупно 4.797 дози вакцини, од кои 734 се аплицирани како прва доза, 876 се ревакцинирани, а 3.187 граѓани примиле трета доза вакцина. Заклучно со 28 октомври вкупно се вакцинирани 804.151 граѓани, ревакцинирани се 774.464 а трета доза примиле 27.298 граѓани.

Опфатот со вакцинација со една доза вакцина, на полнолетната популација е 57 отсто, а со две дози опфатени се 46 отсто од граѓаните над 18 години. Според бројот на аплицирани вакцини, 38 отсто од целата популација во нашата земја е вакцинирана, а 35 отсто од популацијата во државата примила две дози вакцина.

Министерството за здравство вчера соопшти дека во текот на завчерашниот ден, граѓаните кои имаат генерирано ЕУ сертификат за вакцинација преку vakcinacija.mk , треба да генерираат нов преку веб-порталот. Станува збор за безбедносен протокол со што се спречи користење на лажни ЕУ сертификати, со лажни имиња и лажни податоци.

Сите земји што имплементирале EUDCC , како што се посочува, се соочуваат со постојани напади на нивните системи од трети, малициозни страни. Меѓу нив е и Република Северна Македонија.

Како дел од ваков напад на систем, завчера трети страни успеале да изгенерираат четири лажни EУ сертификати, со лажни имиња и лажни лични податоци, а на сертификатот пишувало дека истите примиле вакцина во Република Северна Македонија.

Со цел поништување на лажните сертификати и обезбедување на зголемена заштита, ЕУ сертификатите на граѓаните на Македонија се одново генерирани. Секој граѓанин може на многу едноставен начин, за помалку од една минута, да го преземе својот личен EУ сертификат преку пристап на порталот vakcinacija.mk, посочуваат од Министерството за здравство.

Според податоците од светската статистика, досега над 246 милиони луѓе се заразиле со коронавирусот, починале пет милиони, а оздравеле повеќе од 223 милиони лица.

Министрите за финансии и за здравство од 20-те најголеми светски економии (Г20) вчера нагласија дека сакаат 70 отсто од светското население да се вакцинира против Ковид-19 во следните осум месеци и формираа работна група за подобра борба против пандемијата.

Јазикот е многу повеќе од структура на една реченица или граматика, јазикот е нашата историја, нашите обичаи и нашето наследство...

повеќе

Овој отпад, освен тоа што ја загадува животната средина, исто така предизвикува дефекти во машините, ги оштетува контејнерите и го спречува транспортот на друг отпад.

повеќе

Нема простор за двоумење и губење време, затоа Македонија и Бугарија треба да соработуваат што е можно поскоро за да најдат јасен јазик за разбирање, во процес кој би бил следен од ЕУ, Вашингтон и ОН.

повеќе