Интервју

Не престанувајте да сонувате и да планирате, со ковид-19 животот не застанува, само се поместува за неколку месеци, советува Јонуз

Живееме во период на ковид-19, кој комплетно ни го промени животот на сите. Нема прегратки, нема топлина, нема дружби, нема љубов, туку сѐ повеќе студенило, далечина, страв од заразување, дури и страв од смрт. Во почетокот на пандемијата како да имавме надеж дека сево ова ќе помине брзо, но овој тежок период се ближи кон година. За анксиозноста, стравот од вирусот, периодот по прележаната болест разговаравме во Јасмина Јонуз, лиценциран психолог, магистер по советодавна психологија, когнитивно однесување, чиј особен интерес е психотераписката работа со анксиозни растројства и растројства на личноста.

Од психолошки аспект што значи пандемијата на ковид-19 за нас луѓето?

Пандемијата е период што е нов и шокантен за секој од нас. За некого од нас таа значи страв од болест, за некој губење на контролата и неизвесност, за некој реален губиток на близок, работно место, планиран настан… Сето тоа носи помалку или повеќе стрес и разни фази на адаптација, кои не се лесни. Од друга страна, пандемијата значи заедничка борба и меѓусебно разбирање, и покрај намалената физичка поврзаност.

Лошите вести ни станаа секојдневие, а сѐ уште има и такви што не веруваат во корона. Можеби така им е полесно, но што со оние што веруваат и се максимално исплашени? Стравот е сосема нормален и очекуван кога имаме опасност. Во секој од нас постои еден заштитен механизам што нѐ алармира, нѐ штити од опасностите. Секако кога стравот, грижата, анксиозноста се ексесивни, што е сосема разбирливо за ваков непредвидлив период, може да прават и поголем дистрес во менталното здравје и бараат адекватна психолошка поддршка.

Секојдневие ни стана и работењето од дома. Може ли и тоа да предизвика проблеми кога ќе треба да се вратиме во нормала и кои се вашите совети како понатаму?

Ситуацијата е променлива, условите се менуваат секојдневно, со неа и ние се приспособуваме и секако тоа бара од нас дополнителна сила и компензаторски механизми. Кога ситуацијата ќе биде стабилна, препорачувам постепено враќање кон старите навики, без избрзување, со цел да не се случи преплавување. На пример, доколку можеме, да почнеме со половина работно време во канцеларија, па половина дома со цел да се адаптираме, или тип на работни задачи што најпрво ќе бидат во сличен контекст како досега па постепено враќање кон работа во гужви итн.

А вие, психолозите, се навикнувате ли на „новото нормално“, или можеби иако знаете како се контролираат емоциите, сепак и вам состојбата ви делува песимистички и страшно?

Секако и ние, еве ќе зборувам за себе, поминуваме низ различни состојби.

Емоциите се дел од секој човек, па и покрај алатките што ги позајмувам од наученото, имам денови со стрес, немир или тага за изгубените работи, но верувам дека секоја личност има капацитет да се адаптира на сите овие фази и секако, никогаш не е срамота по потреба да се поразговара со супервизор или психолог. И секако, можеби мојот омилен совет, барем неколку часа во текот на неделата со активности што прават да се чувствувам добро сама за себе или го будат среќното дете во мене.

Будење ноќе, чувство дека имате симптоми, страв од сон, од заразување, посегнување по многу витамини и антидепресиви. Дали фразата „Дајте ми дијазепам, хелекс, бидејќи ќе полудам“... станува секојдневие и кај младите?

За жал, па уште и пред пандемијата, злоупотребата на бензодијазепини е многу честа. Не ја осудувам нивната употреба со консултација со психијатар, кога навистина се потребни. Бидејќи ние психолозите немаме едукација за лекови, нема да се осмелам да кажам повеќе, но дефинитивно нивната злоупотреба без рецепт и консултација со доктор и прекумерено може да биде штетна.

Постои ли разлика во посетеноста од лица на кои им е потребна психолошка помош кај вас пред и за време на пандемијата и од што најмногу се плашат граѓаните според вашето искуство?

Наидов на информации дека во Америка психолошките сервиси се за 60-тина проценти повеќе употребувани за време на пандемија, а сличен впечаток имам и за нашите простори. Можеби процентите не се толку високи, но дефинитивно имаме зголемена побарувачка на психолог, особено за анксиозно растројство за здравјето (по старо, хипохондријаза) и панично растројство. Луѓето се плашат од болест и смрт за себе и своите блиски, што за жал, со оглед на ситуацијата, воопшто не ме изненадува.

Можеме ли воопшто и како да ја вратиме насмевката на лицето и да го исчистиме умот од лошите мисли?

Оние работи што ги применувам и како човек што, како и сите, минува низ стресот на пандемијата и како психолог, се пред сѐ длабокото, стомачно дишење и останатите релаксациони техники и граундинг, за стабилизирање на немирот и насочување сега и овде, редовен спорт и дефинитивно неколку активности што ми будат една детска радост, оптимизам и забава. Тоа може да е и нешто навидум тривијално како музика или танц, онлајн-дружба или посетување на некое омилено место.

И секако, не застанувајте со плановите што се изводливи за време на пандемијата или по неа. И пандемијата ќе помине, а ние ова време може да го искористиме за правење план или доусовршување вештини што ни се потребни. Понекогаш при посериозен стрес не ни се доволни овие насоки и потребна ни е помош од стручно лице, но тоа воопшто не е негативно и препорачувам веднаш да побарате.

Стануваме ли можеби анксиозна и хипохондрична нација?

За хипохондријата, често милуваме да се пошегуваме дека сме хипохондрични во пандемијата поради честиот страв од болест, но сепак тоа не значи дека имаме хипохондрија. За да одредиме реална дијагноза, потребна е консултација со стручно лице - психијатар. Хипохондријата е растројство што за да се дијагностицира, бара одредени критериуми како времетраење од најмалку 6 месеци итн, дијагностиката ја врши психијатар, а комбинираниот третман што вклучува и психотерапија има мошне добра прогноза.

Нормално ли е на секоја болка во грло или главоболка да бараме да се тестираме и да се плашиме да излеземе од дома? Сѐ почеста е сликата кога граѓаните се расправаат дека се премногу доближени едни до други во маркети..., но има и такви што слободно си излегоа да пазарат и да искористат дел од попустите и воопшто не им пречи гужва. Како го објаснувате ова кај едните, а како кај другите?

Уште од праисторијата, кога сме биле во опасност, нашиот мозок нѐ алармирал и нѐ ставал во режим на бегство или борба. Исто така, често кога чувствуваме опасност, одбегнуваме или влегуваме во една зголемена потреба за контрола. Тоа се чести реакции, но за жал понекогаш може да нѐ носат и во дисфункционални однесувања. Секако, потребно е да се пазиме и да ги почитуваме мерките, но прекумерната анксиозност може да ни направи и стрес. Воедно, во ситуации на перципирана опасност често може да се појават негирањето или рационализацијата како одбранбен механизам, но како што и веќе споменав, ние го имаме капацитетот со тек на време да се адаптираме на новонастаната ситуација, а секогаш е добредојдена поддршката од блиските и од психолог.

Што е со малите, со децата во пубертет и како ним да им се помогне во период кога им треба дружење, а се затворени дома и буквално се дружат само со компјутерите и мобилните телефони?

Верувам дека ова е ера на технологијата и ова е мошне чест проблем. Потребно е макар и онлајн да ги мотивираме младите на активно учество на наставата преку разни дидактички методи, како и комуникација макар дома со блиските и спортување со цел да не се запостави физичкото здравје. На мое огромно задоволство има достапни психолошки сервиси како бесплатни онлајн-работилници и советување, каде што младите може да дознаат повеќе за разни теми од менталното здравје и да се мотивираат на промена доколку се соочуваат со одредени проблеми со менталното здравје.

Кога сме претерале со стравот, па кога не сме заразени постојано мериме температура, пулс, протек на кислород... Оправдани ли се овие чекори и како да си помогнеме?

Индивидуално е, потребни се повеќе информации конкретно од лицето, секако зависно од физичкото здравје, но доколку е прекумерно и негативно ни влијае на секојдневието, накратко кажано потребно е намалување на овие „навики“, развивање толеранција на неизвесност и вежбање техники за дефокусирање и релаксација, што разбирам дека не е воопшто лесно. Ова се дел од чекорите што се прават на КБТ-терапијата, која јас ја практикувам, а секако има разни терапевтски правци што мошне успешно помагаат во овие проблематики.

Неколку совети како да го поминеме овој „затвор“ и полесно да ги минеме деновите?

Дишете длабоко, не брзајте, дозволете си да останете смирени и да почекате, сигурно – сѐ ќе помине. Не престанувајте да сонувате и да правите планови, животот не застанува овде, само се поместува за неколку месеци, а наше е во меѓувреме да се посветиме на себе, да научиме нешто ново, да се усовршиме или да си дозволиме забавено темпо на живот - тоа не мора да е лошо. И секако, за жал, некогаш животот ни носи и болест, загуба или непредвидливи ситуации, кои можат да ни предизвикаат чувство на сериозен стрес, безнадежност, тага… Тоа е нормално, не срамете се да побарате психолог, имате право да се чувствувате подобро - тука сме за вас.

 Катерина Додевска

Фото:Роберт Атанасовски

И сега вие замислете, на едно детенце од 6 години да му кажувате со авторитет на наставник дека не треба да се дефинира како машко или женско.

повеќе

Засега СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ и нивните заеднички алтер-фабрикати не даваат впечаток дека го разбираат новосоздадениот замаец.

повеќе

Западен Балкан оди во насока на целосна контрола на државните институции во служба на политичките елити. Не е чудо што граѓаните имаат ниска доверба во овие институции.

повеќе