Хуманоста е најважната „лекција“ во време на пандемија

Наставници и нашинци од Германија обезбедија 20 ИТ уреди и пакети прибор за ученици од ранливи категории

Пакети со училишен прибор директно од Германија и 20 ИТ уреди за учениците од ранливи категории во кривопаланечките и светиниколските образовни институции обезбедија наставниците Стефани Цветковска-Илиевски и Иле Михајловски со помош на нашинците во Германија и уште неколку хумани луѓе.

Околу 80 основци од подрачните училишта во кривопаланечките села, благодарение на иселениците во Германија, во првото полугодие од учебнава година добија нов училишен прибор, а дел од нив и компјутери за следење на онлајн наставата.

Кривопаланчани коментираат дека Македонците кои привремено работат или целосно се иселиле од државава, во случајов во Германија, носталгијата ја ублажуваат со донации за деца од социјален ризик, пред сѐ затоа што, како што велат, знаат каков е животниот стандард во руралните средини низ земјава од каде потекнуваат и знаат дека нивното „малку и симболично“ за некого тука е многу особено кога пандемијата ги измести општествените текови.

Петар Наумовски кој се погрижи донациите од Германија да стигнат до тука вели дека желбата е да се дојде до едно порамноправно и подостојно образование, онакво какво што си посакувавме кога бевме деца, сѐ со цел една поубава иднина во која денешните генерации ке ги изградиме во успешни и високо морални луге.

„Ова е само еден фластер на нашата болка за разочараноста, за разединетоста на нашиот народ по разни основи. Затоа блесок и надеж ни се детските насмевки. Сметаме дека тие се делумно растоварени од мноштвото комплекси и болки на возрасните и сметаме дека заслужуваат многу повеќе. Затоа ќе продолжиме и во иднина да трагаме по начинот да ги премостиме тие разединувања и ќе агитираме и даваме пример и ќе ги предочуваме нашите заеднички судбини и можности за една поубава иднина“, вели Наумовски.

Стефани Цветковска- Илиевски е наставничка по германски јазик во неколку подрачни училишта во кривопаланечко. Но, освен за предавање на наставниот материјал, таа во соработка со нашинците во Германија се погрижи овие деца да добијат нов прибор, а оние кои немаат, да добијат и компјутери за следење настава.

Иако целата организација околу транспортот на донациите од Германија до тука не беше едноставна, со цврстата волја на неколкумината ентузијасти крајната цел е постигната – а тоа се детските насмевки на невините лица кон кои општеството не секогаш било праведно.

„Благодарение на колегата Иле од Свети Николе кој е долгогодишен хуманитарец и Петар кој ја организира целата релација Германија-Македонија акцијата беше успешна. Неделава беше поделен и втор пакет со прибор и уште 3 компјутери, откако претходно обезбедивме 4 уреди. Задоволство ми е што за неполн месец се обезбедени сите подрачни училишта од ООУ „Јоаким Крчовски“ во Крива Паланка со прибор, а и со компјутери за следење настава“, вели Цветковска-Илиевски која се надева дека акцијата ќе премине во една традиција,  пред секој почеток на учебната година да бидат опремени сите ученици со соодветен и доволен училишен прибор и технички помагала.

Од своето искуство на терен наставничката вели дека жали што децата во руралните средини се први „на удар“ при секоја општествена промена и при константната, како што вели, незавидната ситуација во образованието.

„Реално, ситуацијата во нашата држава во образованието, конкретно за училиштата во руралните средини е на незавидно ниво... Само тој кој го искусил тоа знае. За жал, децата се први кои мораат тоа на некој начин да го поминат. Сепак, да работиш со тие деца, да работиш во тие училишта каде што сѐ уште живее некој дух од минатото е вистински предизвик, но и задоволство! Пред сѐ, децата знаат да го ценат тоа што го правиме за нив, ги знаат вистинските вредности на животот, а тоа за мене како личност, но и како наставник е многу важно“, појаснува Цветковска-Илиевски.

Инспиративна е и приказната на Иле Михајловски, одделенски наставник од ООУ „Кирил и Методиј“ во Свети Николе со 25 години искуство во просветата.

„Во текот на месец септември и октомври започнав хуманитарна акција за обезбедување на училишен прибор за ученици од ранливи категории. Со помош на хумани пријатели, сограѓани од државата и надвор од неа обезбедивме 160 пакети со училишен прибор. Истите беа поделени во две основни училишта во Свети Николе и во една детска градинка, и во едно основно училиште во село Ерџелија. Со оглед што поголем број ученици не беа вклучени во онлајн наставата поради немање компјутери, почнав втора акција во обезбедување на функционални уреди за овие ученици во општината. Досега се обезбедени 12 ученици со функционални уреди донирани од хумани граѓани во училиштето каде работам“, вели Михајловски.

Овој наставник посочува дека благодарение на социјалните медиуми добил повик од Петар Наумовски кој е администратор на ФБ групата „Македонци во Германија - Makedonier“ кој изразил желба да ја промовира акцијата во групата и да помогне на децата од нашата држава на кои им е потребна помош.

„До сега од наши луѓе кои работат во Германија до мене достасаа 2 пакети со училишен прибор и 1 функционален лаптоп и 2 таблети. Со првиот пакет ги покривме потребите на 12 ученици со посебни образовни потреби, а вториот треба да се подели на ученици во рурални средини. Во овие акции се вклучија наши луѓе кои работат и живеат во Германија, но и наши превозници кои овие пакети ги довезуваа до тука бесплатно. Пред неколку дена одржавме онлајн состанок со Петар и неколку нови луѓе кои се вклучија во оваа акција со план да продолжиме со ваква соработка и после празниците“, вели наставникот.

Тоа се наши деца, тие заслужуваат повеќе, сакаат да ја заборавиме нашата поделеност, фрустрација и комплекси, сакаат да бидат гушнати, разбрани и да се почувствуваат сигурно, тоа се луѓето на кои ја темелиме и оставаме нашата иднина... гласи пораката на овие хуманитарци!

                                                                                                                            Х.С. 

Можеби ни треба регистар на погрешни перцепции на граѓаните за криминалот и корупцијата во државата.

повеќе

Младите бараат подобар живот надвор од државата, бидејќи доаѓаат до заклучок дека приватните компании и странските организации им пружаат поголема поддршка и повеќе ги вреднуваат отколку сопствената држава.

повеќе

Во САД и некои други земји, припадниците на загрозените расни и етнички малцинства имаат пократок животен век од просечниот, и поради тоа не се доволно застапени меѓу оние за кои најмногу се очекува дека ќе починат од ковид-19.

повеќе