Одлука на Влада

Наставата во училиштата продолжува онлајн до крајот на учебната година

Се укинува државната матура, училишната матура и завршниот испит за оваа учебна 2019/2020 година за ученици од завршните години во средните училишта. Сите ќе добијат диплома за завршено средно образование со иста важност како и во претходните години, соопшти попладнево на прес-конференција министерот за образование и наука Арбер Адеми, соопштувајќи сет мерки од образовниот план што Владата го усвоила на денешната седница.

Тој рече дека тоа ќе овозможи матурантите да избегнат стрес и да се посветат да бараат работа или да го продолжат високото образование на факултетите.

Учениците во основно и во средно образование до 10 јуни нема да се вратат во училишните клупи, односно до крајот на учебната година ќе се реализира настава од далечина.

„Апелирам и ги охрабрувам сите учесници во воспитно образовниот процес максимално да се ангажираат и продолжат да ги извршуваат своите обврски и да дадеме еден заеднички придонес за квалитетот на далечинското учење, да се издигне колку што е можно повеќе над оптималното ниво“, рече Адеми.

Уписот на првачињата наместо во мај ќе почне во јуни. Списоците со запишани ученици училиштата ќе ги објават најдоцна до 15 јули, а сите оние кои не ги запишале своите деца и не ја исполниле законската обврска ќе добијат писмено потсетување.

Во однос на уписите на високообразовните установи на прв циклус академски стручни студии, како и на академски студии од областа на уметностите во академската 2020/2021 година ќе може да се запише лице кое положило државна матура или меѓународна матура заклучно со учебната 2018/2019 година, потоа лице кое завршило четиригодишно средно образование според прописите кои важеле пред воведување на државната матура и секако лице кое се стекнало со диплома за завршено средно образование во траење од четири години во учебната 2019/2020 година, соопшти министерот за образование.

„Имено, ова значи дека покрај лицата со положена државна матура во некоја од изминатите години или меѓународна матура на факултет во земјава ќе можат да се запишат и сите лица кои се стекнале со диплома за завршено четиригодишно средно образование во оваа учебна година“, рече Адеми.

Владата усвои уште една мерка која е поврзана со високото образование, а се однесува на продолжување на важноста на студиските програми на сите три циклуси чија важност, акредитација престанала во академската 2019/2020 година со уште една дополнителна година.

Адеми, исто така, соопшти дека за континуирано обезбедување наставен кадар во насока на непречена реализација на далечинското учење, на сите наставници кои до денот на прогласување на вонредна состојба биле ангажирани со договори на определено, работниот однос им се продолжува до крајот на учебната година. Воедно ќе се обезбеди и соодветна замена за секое испразнето работно место на наставник.

Владата донела одлука и за продолжување на мандатите на раководителите и управителите во основните и средните училишта, доколку тие им истекуваат или се истечени за време на вонредната состојба.

„Мандатите ќе бидат со важност до 90 дена по престанокот на вонредната состојба“, рече Адеми.

На седницата се усвоени и друг сет мерки, кои заедно со овие ќе бидат дополнително прецизирани со донесени уредби од страна на Владата во следниот период.

Со овие сет образовни мерки, според Адеми, ќе се обезбеди непречено функционирање на воспитно образовниот систем на овие вонредни околности и услови предизвикани од појавата и ширењето на Ковид 19.

Мерките се предложени од страна на МОН, а изготвени во соработка со низа други надлежни институции во областа на образованието со поддршка на граѓанскиот сектор и партнерските организации и истите го гарантираат остварувањето на правата на граѓаните во областа на образованието.

Министерот Адеми на прес-конференцијата искажа уверување дека продолжува и реализацијата на сите останати права во областа на образованието, како на пример исплатата на парични надоместоци по основ на стекната стипендија, некои од еднократните парични надоместоци како финансирање на објава на научни трудови и слично.

„По завршување на вонредните околности објавен е и повик за покривање на трошоци за пат и котизација за основци и нивните ментори за учество на меѓународни натпревари. Ова е наша обврска која што произлегува од новиот Закон за основно образование и должни сме да ја исполниме“, рече тој.

Дали е аксиом дека со членството во НАТО е гарантирана безбедноста на Македонија? Дали почеток на преговори значи и отворен пат за членство во ЕУ?

повеќе

Што е со оние граѓани кои не се вклопуваат во нашиот (би)етнички дискурс?

повеќе

Постојат различни фактори кои влијаат на нивото на ризик кога станува збор за перење пари. Тоа може да биде од клиенти, региони, производи или ризик од финансиски инструменти. Разбирањето на овие ризици, како и факторите што придонесуваат, им овозможува на надлежните органи многу поефикасно да се заштитат од перење пари поврзано со корупција.

повеќе