Заедно со уште 448 студенти

Јашари немал право да дозволи младиот Џафери да полага правосуден испит без диплома, велат адвокатите

Имал ли дискреционо право министерот за правда да им дозволи на синот на Талат Џафери, Барлет, и на уште 448 студенти да полагаат правосуден испит е правната дилема откако Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) објави дека не може да отвори предмет против синот на претседателот на Собранието, затоа што поранешниот министер за правда Аднан Јашари ги поништил документите од кои може да се утврди како Џафери помладиот полагал правосуден испит пред да заврши правен факултет.

Фото: ЕПА

Министерот за правда вели дека таквото право било злоупотребено и дека тој за десетте месеци колку што е министер не ни помислил да даде некому право предвреме да полага правосуден испит.

„Дефинитивно, некој го искористил тоа дискреционо овластување и токму затоа законот е изменет за да не постои никаква можност во иднина. Јас 10 месеци сум министер, не сум ни помислил да дадам некому предвремено да полага правосуден испит”, вели министерот Никола Тупанчески.

Дупката во законот е спорна за експертите

Дел од адвокатската фела не мисли како министерот. Адвокатот Дељо Кадиев е дециден дека такво право воопшто и не постоело.

„Членот 12 од Законот за правосуден испит не може да биде извор од каде што министерот за правда го црпел правото да одлучува дали некој ги исполнил условите за полагање правосуден испит. Дискреционото право е право што му се дава на одреден функционер и надвор од правилата да донесе одлука. Најдобар пример за тоа е Законот за државјанство, кога иако некој не ги исполнува правилата, сепак со дискреционото право надлежните одлучуваат да му дадат некому државјанство”, вели Kадиев.

А во членот 12 од Законот за правосуден испит пишува дека министерот за правда, или од него овластено лице, со решение утврдува дали кандидатот ги исполнува условите за полагање на испитот.

Вишиот просветен инспектор во пензија Ѓорѓи Илиевски вели дека министерот имал дискреционо право, но не да му дозволи на Џафери да полага правосуден испит без завршен факултет.

„Министерот не смеел да дозволи полагање правосуден испит без завршен факултет. Тоа е криминал. Единствено што можел со дискреционото право е да дозволи полагање на испитот само ако на кандидатот евентуално му фалеле два до три месеци од работата во некоја државна институција, уште еден услов што е потребен за полагање правосуден испит. Тоа би било исто како министерот за здравство да му дозволи на лекарот од Вевчани да специјализира, а тој нема завршено медицински факултет”, вели Илиевски.

Институциите си играат „подај ја топката на другиот“ за да избегнат одговорност

На прашањето на МКД.мк дали со поминувањето на рокот од една година за чување на документираниот материјал поминува и одговорноста за евентуална злоупотреба на министерството за правда, од таму велат дека институциите се тие што се надлежни да утврдуваат евентуални злоупотреби и дека во случај на злоупотреба на правилата за чување документарен материјал одговорен е имателот на материјалот.

На прашањето зошто Министерството за правда не соопшти дали Џафери помладиот имал право да полага правосуден испит, од таму велат дека актуелниот министер Никола Тупанчески не бил министер во 2015 година, кога на Џафери му било дозволено да полага.

Од Министерството не кажуваат ни дали Барлет Џафери во времето кога го полагал правосудниот испит ги исполнил критериумите за да се пријави за полагање на испитот. Топката ја префрлуваат на тогашниот министер Аднан Јашари.

„Потпис за да полага правосуден испит ставил тогашниот министер за правда”, велат кусо.

МКД.мк се обиде да контактира со поранешниот министер за правда Аднан Јашари, но тој не одговори на нашите телефонски повици, ниту на СМС-пораката што му ја испративме.

Одговорност не чувствуваат ниту на Универзитетот на Југоисточна Европа (ЈИЕ). Ректорот Абдулменаф Беџети изјави дека темата за предвремено полагање правосуден испит е полувистина и дека универзитетот поради техничко-административна грешка издавал несоодветни уверенија за дипломирање на правниот факултет.

„Тоа е полувистина, за периодот од 2008 до 2010 година немало регулирано со декрет во државата за квалификациите и за звањата во тој дел. Така што од 2010 ноември донесен е декретот, односно одлуката каде што се идентификуваат називите на звањата и разликите во седми и шести степен. Меѓутоа, тоа не дека се издадени дипломи, да бидеме на јасно, издадени се и во нив стои бројот на трансфер европски кредити ЕЦТС, каде што пишува 180 ЕЦТС кредити, тоа значи е рамно на тригодишни студии (Bachelor). Меѓутоа, некој сака да ги толкува така само за на некој начин да внесува забуна. Но пак велам е полувистина, дел се во право затоа што веќе во 2012 кога е регулирано, односно 2011, почнала примена на декретот, односно на одлуката, кога е регулирано, меѓу 2011 и 2012 имало такви случаи каде што уверенијата се издадени со погрешно наведување на називот, односно звање VII-1. Но од 2012 натаму сѐ е во ред. Во суштина нема грешка, има техничко-административна грешка во нецелиот тој период и не е тој број на дипломи 437, туку е помал од 200. Но колку и да е, и две дипломи да се, во ред е. Не се дипломи, туку се уверенија”, изјави Абдулменаф Беџети.

Адвокатот Кадиев, пак, вели дека се сомнева дека компјутерскиот систем можел да направи грешка.

„Сметам дека не може да е техничка грешка при издавањето потврди за завршен правен факултет затоа што компјутерскиот систем работи онака како што му се зададени одредени параметри”, вели Кадиев.

Од Јавното обвинителство за МКД.мк кусо одговорија дека ги следат сите информации и доколку утврдат дека постојат елементи на кривично дело во овој случај, тогаш обвинителството ќе постапи согласно со своите законски надлежности.

Искра Опетческа

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Слушањето како способност да го фокусираме вниманието на аудитивните дразби е важен аспект на нашиот живот и значително влијае на неговиот квалитет во сите сегменти.

повеќе

„Ќе дојде ден, кога пазарите отворени за трговија и размена на идеи, ќе бидат единствените борбени полиња“ - Виктор Иго

повеќе

Трагично е што воопшто треба да се бориме за зачувување на институција која отсекогаш била стожер на културниот живот во Македонија.

повеќе