„Нашата планета, нашето здравје“ - Светски ден на здравјето

Секоја година на 7 април, Светската здравствена организација го одбележува Светскиот ден на здравјето, а овој датум ја означува и годишнината од основањето на СЗО во 1948 година. Во центарот на вниманието е одредена здравствена тема која предизвикува загриженост ширум светот.

Оваа година под темата „Нашата планета, нашето здравје“, СЗО ќе го насочи глобалното внимание кон итните акции што се потребни за луѓето и планетата да бидат здрави и да се поддржи движење за создавање општества фокусирани на добросостојба.

Зошто оваа година фокусот е на „Нашата планета, нашето здравје?

„Во ек на пандемија, загадена планета, зголемен број случаи на рак, астма и срцеви заболувања, темата на Светскиот ден на здравјето 2022 е ‘Наша планета, наше здравје‘. На овој ден, СЗО ќе го насочи глобалното внимание кон итните акции што се потребни за луѓето и планетата да бидат здрави и да се поддржи движење за создавање општества фокусирани на добросостојба“, вели за МИА Ане Јохансен, специјална претставничка на СЗО за Европа и в.д. шефица на Канцеларијата на СЗО во Македонија.

Јохансен истакна дека нашето здравје и здравјето на планетата се неразделно поврзани, а потребата да се фокусираме на создавање здрави општества на здрава планета станува сè поочигледна. Темата на Светскиот ден на здравјето во 2022 година се однесува на врската меѓу здравјето на нашата планета и здравјето на луѓето, животните, растенијата и сите други живи суштества.

Проценките на СЗО говорат дека повеќе од 13 милиони смртни случаи ширум светот секоја година се последица од еколошки причини што може да се избегнат. Во ова е вклучена и климатската криза која претставува најголема закана по здравјето на човештвото.

Како и во светот, така и кај нас, климатските промени се неизбежни. Д-р Михаил Кочубовски, раководител на Секторот за здравствена екологија, при Институтот за јавно здравје за МИА посочи дека и кај нас се забележливи климатските промени, како на пример топлотните бранови, што порано траеле по еден ден, а сега се случува да траат и девет дена по ред.

„Ние како ИЈЗ имаме превентивна улога, односно имаме програма што се носи секоја година. Во програмата имаме и дел за климатските промени, односно како тие влијаат на здравјето. Програмата е во контекст на тоа што СЗО го работи, а во рамки на тоа имаме и Health Task force – Healthy climate change, на ниво на Европа, во која членувам и јас“, вели д-р Кочубовски.

Тој раскажува и дека Институтот спроведува кампањи, со цел да се подигне свеста кај луѓето во однос на заштитата од топлотните бранови, алергиите, аерозагадувањето.

Во согласност со пристапот „Едно здравје“, кој ја нагласува меѓусебната зависност на здравјето на животните, здравјето на луѓето и состојбата на животната средина, овогодишнава кампања на СЗО ќе промовира пораки и активности кои ќе покажат на кој начин индивидуалните одлуки и социјални однесувања влијаат врз нашата животна средина.

Климатските промени закана за здравјето на луѓето

Основните социјални и еколошки детерминанти на здравјето како чист воздух, безбедна вода за пиење, доволно храна и сигурен кров над главата се под закана од влијанието на климатските промени.

Јохансен вели дека климатските промени негативно влијаат врз здравјето на мноштво начини, вклучувајќи ги и последиците како смрт и болести од сè позачестените екстремни временски настани од типот на топлотни бранови, бури и поплави, како и нарушувањето на системите за исхрана, зголемениот број зоонози и болести што се пренесуваат преку храна, вода и вектори и проблемите со менталното здравје.

„Згора на тоа, климатските промени нарушуваат многу од социјалните детерминанти за добро здравје и добросостојба и доведуваат до нарушена егзистенција, влошена состојба со нееднаквостите, оштетување на инфраструктурата и отежнување на пристапот до здравствена заштита и социјална поддршка“, вели претставничката на СЗО во земјава.

Извештајот на Обединети нации за климатските промени за 2022 година покажува дека во период од 2041 до 2100 година, конкретно во Европа, луѓето ќе се соочат со економски и инфраструктурни ризици како резултат на поплавите. Како закана од климатските промени се напоменува и стресот и зголемување на смртноста кај луѓето поради зголемените температури и топлотните екстреми, нарушување на морските и копнените екосистеми. Европа може да се соочи и со недостиг на вода во повеќе меѓусебно поврзани сектори, загуби во растителното производство како резултат на топли и суви услови и екстремни временски услови.

Д-р Михаил Кочубовски вели дека како резултат на високите температури во летниот период се појавува топлотниот удар, како најлош и најопасен, потоа топлотна исцрпеност, топлотни грчеви.

„Поради ваквите временски услови, ние како Институт секоја година апелираме до граѓаните од 11 до 17 часот да не се излегува надвор доколку не е неопходно, да се носи лесна облека, вода, шапка, очила за сонце и заштитен фактор“, вели д-р Кочубовски.

Климатските чувствителни ризици по здравјето несразмерно повеќе ги чувствуваат најранливите и маргинализираните групи како што се жените, децата, етничките малцинства, сиромашните заедници, мигрантите или раселените лица, постарото население и лицата со коморбидитети. Јохансен посочи дека во периодот помеѓу 2030 и 2050 година, се очекува климатските промени да предизвикаат околу 250.000 дополнителни смртни случаи годишно и тоа од потхранетост, маларија, дијареја и топлотен стрес.

Најчести болести со кои луѓето се соочуваат и причината за нивната појава

Според Светскиот здравствен статистички извештај на СЗО за 2021 година, незаразните болести (НЗБ) се водечка причина за смрт во светот. Во европскиот регион на СЗО, незаразните болести (НЗБ) се причина за речиси 89 проценти од сите смртни случаи. Најголемиот дел од ова зло доаѓа од четири главни НЗБ: кардиоваскуларните заболувања, малигните заболувања, хроничната респираторна болест и шеќерната болест.

„Клучните фактори на ризик за овие НЗБ се тесно поврзани со нашите секојдневни навики и одлуки. Тука спаѓаат употребата на тутун и алкохол, нездравата исхрана, дебелината и физичката неактивност. Ова е причината зошто НЗБ изискуваат итна и насочена интервенција со цел намалување на ризиците од овие заболувања“, вели Јохансен.

Заразните болести, заедно со состојбите во делот на здравјето на мајките, перинаталното и нутритивното здравје, сè уште се причина за речиси половина од сите смртни случаи во земјите со низок доход, при што долните респираторни инфекции, дијареалните заболувања, маларијата, туберкулозата и ХИВ/СИДА остануваат во групата на 10 најчести причини за смрт.

Според проценките на СЗО, Јохансен истакна дека од ХИВ, сексуално преносливи инфекции, вирусен хепатит и други заразни болести оваа година ќе починат околу четири милиони луѓе. Исто така, се очекува болестите што може да се спречат со вакцини да убијат илјадници луѓе во текот на нареднава деценија.

„Дел од причината зошто заразните болести продолжуваат да се шират е заради слабите здравствени системи во ендемските земји и недоволните нивоа на финансирање. Постои итна потреба од поголема политичка волја и зголемено финансирање за суштинските здравствени услуги, зајакнување на рутинската имунизација, подобрување на квалитетот и достапноста на податоци кои ќе послужат како основа за планирање, како и потреба од посилни напори за ублажување на последиците од отпорноста на лекови“, покажуваат податоците на Светската здравствена организација.

Последиците по здравјето од светската климатска криза се големи, па така, само загадувањето на воздухот е причина за смрт на околу седум милиони луѓе годишно, што е еднакво на 13 смртни исходи секоја минута во светот, а во европскиот регион на СЗО тоа е еднакво на една смрт секоја минута.

„Покрај тоа, истите загадувачи на воздухот кои се причина за глобалното затоплување се исто така причина за 25 проценти од смртните случаи од хронична респираторна болест, инфаркт, рак на белите дробови и мозочен удар. Климатските промени исто така ја влошуваат состојбата со потхранетоста (малнутриција) и со ширењето на заразните болести“, вели Јохансен.

За надминување на овој проблем, таа нагласи дека СЗО во моментов работи на создавање можности базирани на политики за владите чија цел е намалување на здравствените ризици поврзани со загадувањето на воздухот. Лидерите во јавниот и приватниот сектор мора да работат заедно за да го исчистат нашиот воздух и да ги ублажат последиците по здравјето од климатските промени.

КОВИД-состојбата се чини постабилна, но последиците од пандемијата се комплексни

Пандемијата на коронавирусот предизвика висок број на смртни случаи низ целиот свет. Јохансен ја опишува како „Досега невиден предизвик пред кој се исправени јавното здравје, системите за исхрана и светот на работата“.

Студија објавена од СЗО покажува дека во првата година од пандемијата, глобалната преваленција на анксиозност и депресија е зголемена за огромни 25 проценти. Пандемијата остави и тешки последици врз менталното здравје и добросостојбата на луѓето ширум светот, зголемувајќи ја и загриженоста поради зголемениот број самоубиства.

Иако сега состојбата се чини постабилна и се олабавуваат дел од мерките, сепак луѓето кои го прележале вирусот се соочуваат со пост-ковид состојби. На прашањето кои се најчестите пост-ковид ефекти што луѓето ги пријавиле, Јохансен вели дека долготрајната ковид или пост-ковид состојба е комплексна ситуација.

„Таа се јавува кај поединци со историја на зараза со вирусот SARS-Cov-2, вообичаено 3 месеци од почетокот на симптомите на ковид-19, трае најмалку 2 месеци и не може да се објасни со алтернативна дијагноза. Најчести симптоми се замор, отежнато дишење, когнитивна дисфункција и други симптоми кои имаат негативно влијание врз секојдневното функционирање на луѓето. Во моментов се спроведуваат истражувања, но истите се засновани на ограничена база на докази. Податоците укажуваат на заклучокот дека вакцинацијата против ковид-19 пред да се заразиме на природен начин носи помала веројатност од развивање симптоми на долготраен ковид. СЗО во моментов работи на продлабочување на разбирањето во врска со глобалната преваленција на оваа состојба“, додава Јохансен.

Препораки и мерки што светските лидери и секој од нас треба да ги преземе со цел да го зачуваме здравјето и нашата планета

„Ако не вложуваме, едноставно ќе имаме проблеми со аерозагадувањето и со сите болести што ги носи со себе, респираторни, кардиоваскуларни заболувања. Тука се и водите за пиење, ако има поплави ќе има и суши и ќе бидат загадени, што со себе носат болести поврзани со санација. Исто така, потребно е да има што повеќе зеленило, како во градовите така и во планините. Како што е и мотото, треба да ја чуваме природата и нашата планета за да го зачуваме нашето здравје“, порача д-р Михаил Кочубовски.

Јохансен, пак, апелираше дека заштитата на здравјето на луѓето и на планетата Земја е политички избор и општествена одговорност. За неа е потребно трансформациско делување во секој сектор, меѓу кои особено ќе ги истакнеме енергетиката, транспортот, природата, системите за храна и финансиите. Важно е да не се заборави дека одредени политички, социјални и комерцијални одлуки се фактори кои придонесуваат кон климатската и здравствената криза. Истовремено, климатската криза остава сè посилни и подолгорочни последици врз менталното здравје и психосоцијалната добросостојба на луѓето. Таа предизвикува смртоносни топлотни бранови, поплави, потхранетост и заразни болести ширум светот.

СЗО упатува апел до сите да замислат свет во кој чист воздух, вода и храна има за сите луѓе, каде економиите се фокусирани на здравјето и добросостојбата на планетата и на луѓето и каде здравите градови, села и заедници, во чиј центар на внимание е човекот, создаваат услови за подобар живот на нивните жители. СЗО силно ги повикува лидерите и меѓународните партнери да ги позиционираат човековата добросостојба, правичноста и одржливоста на животната средина во центарот на општествата ориентирани кон добросостојба.

Во однос на тоа што луѓето можат да направат со цел да ја заштитат својата планета и здравјето, Јохансен препорачува да го кренат својот глас за да побараат климатски акции за заштита на човековото здравје, поединците можат да преземат акција и да ги инспирираат другите така што ќе се приклучат на планот на СЗО од пет точки:

  • Одете пеш или со велосипед на работа најмалку еден ден во неделата. Како алтернатива на оваа опција, изберете го јавниот транспорт наместо автомобилот.
  • Префрлете се на извор на обновлива енергија.
  • Секаде каде што е можно, купувајте свежи намирници од локални производители и избегнувајте високо преработена храна и пијалаци.
  • Тутунот е убиец и загадувач – престанете да користите тутун.
  • Купувајте помалку пластика; користете ќеси за купување што може да се рециклираат.

МИА

 

Ако пак се натури овој бесмислен консензус на Франција, кој ги признава сите емоции на Бугарија, тогаш оваа неспособна власт ќе не одведе подлабоко од сегашниот амбис.

повеќе

Во новите предлози се направени само формални, но не и суштествени промени, во однос на претходниот предлог (кој Владата го нема објавено).

повеќе

Енергетската криза во светот, но и во Република Македонија (РМ), не стивнува иако сме на почеток на летото кога вообичаено има помала потрошувачка на енергија кај нас. 

повеќе