Проектот започна пред четири години, кога Град Скопје им излезе во пресрет на барањето на учениците и им даде бесплатно на користење една од новогодишните куќички поставени на плоштадот „Македонија". Но, поради пандемијата сега, а така беше и лани, „Давална" учениците ја организираа пред гимназијата. На оградата ги поставија своите бесплатни „производи", грижливо одбрани парчиња облека, обувки и играчки, а за терминот на „Давална" информираа преку социјалните мрежи.
Малку време беше потребно граѓаните кои дојдоа, да си го најдат тоа што им е потребно. Кој си најде палто, кој блуза, џемпер, панталони, а нивните деца си одбраа по некоја играчка.
„Фала ви деца, само здавје и среќа да имате", велеа луѓето.
Минувачите со насмевка им мавтаа на децата и им дофрлаа: „браво".
Учениците со недели беа ангажирани да соберат што повеќе работи за да ги подарат некому, кои немале толку среќа во животот па барем за миг да почувствуваат дека не се заборавени.
А, учениците не ги заборавија ниту бездомните лица кои речиси секојдневно ги среќаваат во близината на гимназијата, седнати во обид да добијат некоја паричка од минувачите за леб. Еден од тие бездомници, седнат на аголот од гимназискиот двор во друштво на неговото куче, беше изненаден кога учениците му пријдоа и го прашаа што му е потребно.
„Ништо деца", одговори.
На повтореното прашање, срамежливо рече:
„Ако имате еден џемпер, зашто овој што го носам веќе е искинат и нечист... Ако имате и потопли чевли".
Кога ги доби посакуваните работи, со солзи во очите гледаше како и неговото куче добива играчка која во наредните студени часови вредно ќе ја превртува со устата и нозете.
Преку проектот „Давална" учениците велат дека на практичен начин ги учат и ги практикуваат моралните и човечки вредности, ги согледуваат неправдите во општеството и ја откриваат својата хумана страна на личноста. Едно искрено кажано благодарам или, солзата на бездомникот, за нив е најдобрата потврда дека направиле нешто добро и научиле нешто за животот. A тоа го направиле искрено.
П.Џ.