Пријави до повеќе институции

НАкС презел правни чекори за да спречи „груб и безобразен“ упад во синдикалното организирање

Независниот академски синдикат (НАкС) соопшти дека презел правни чекори за спречување на, како што наведува, „грубиот и безобразен упад во синдикалното организирање на вработените во високото образование“.

Синдикатот информира дека се поднесени пријави и претставки до Државниот трудов инспекторат, Државна комисија за спречување на корупцијата, Народен правобранител, Државен просветен инспекторат и Министерство за труд и социјална политика.

„Во овој миг на чело на Министерството за труд и социјална политика, како надлежно министерство за работите во синдикалното организирање, се претставнички на двете најголеми политички партии – ВМРО ДПМНЕ и СДСМ. Јавно ги повикуваме министерката Рашела Мизрахи и дополнителен заменик министер Санела Шкријељ да го почитуваат Законот за работни односи и да не потпишат решение за впишување на незаконито формираните синдикати на УКИМ и УКЛО во Регистарот на синдикати. Во спротивно, ќе сметаме дека и двете партии се дел од беззаконието, самоволието, манипулациите и понижувањето на високото образование, практики кои мораат да престанат веднаш“, соопшти НАкС.

Синдикатот ја отфрла како неточна изјавата на министерот за образование Арбер Адеми дека имало потреба од формирањето нови синдикати зашто немало репрезентативен синдикат на двата најстари универзитета.

„Покрај тоа што е неточна, изјавата во целост ги потврдува манипулациите на ректорите на УКИМ и УКЛО и грубо и целосно ги отфрла нашите укажувања и барања и нѐ наведува на заклучок дека деновиве од страна на министерот Адеми бевме изложени на низа игри и манипулации под закрила на некаков ‘искрен‘ дијалог и преговори, наведува НАкС, чии претставници завчера беа на средба со Адеми во МОН каде што им било ветено дека ќе бидат разгледани нивните аргументи“, велат од Синдикатот.

Независниот академски синдикат и Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) реагираат на повиците на дел од ректорите да се формираат синдикати на јавните универзитети за да се потпише колективен договор за вработените во високото образование со цел да се овозможи да добијат повисока плата за 10 проценти. Двата синдиката сметаат дека се работи за упад во синдикалното организирање, а најавија и здружување за да докажат репрезентативност.

„НАкС и СОНК јавно искажаа подготвеност за синдикално спогодбено делување со што се обезбедува репрезентативност и на ниво на работодавач и на ниво на цело високо образование, а со цел да се усвои целосен и сеопфатен гранков колективен договор за високото образование. Но, наместо тоа, се подметнува ректорски синдикат, кој нема никакви цели и определби за синдикална борба, туку сака да послужи, сега за сега, како инструментче за спроведување на политичко-пропагандното ветување за зголемување на само 10% од плата, односно за потпишување колективен договор на ниво на работодавач со само еден единствен член. Ваквиот преседан, кој е непознат во демократските политички системи, можен е само во авторитарни општества. Подоцна можеби ќе го користат овој тројански коњ за опструирање на залагањата за работнички права и озаконување на дејноста високо образование. Синдикат формиран од работодавачите ќе им слугува на работодавачите“, пишува во соопштението од НАкС.

 

 

Овогодинешниот процес во одлучување по конкурсот за финансирање на проекти за игран филм е селективен, корумпиран и компромитиран,

повеќе

Во споредба со 2019 година, просечното време поминато на социјалните медиуми во 2020 година се зголеми за рекордни 100% на сите платформи.

повеќе

Ковид-19 може да нѐ научи битни лекции за животот - дека почитта кон другите човечки суштества не е во честа која им ја даваме со пружање рака и тапкање по грбот, туку во суштинската грижа за нивната добробит и здравје.

повеќе