Надлежните велат дека епидемиолошката состоjба во државата е стабилна

Епидемиолошката состоjба во државата е стабилна и засега нема да има дополнителни превентивни мерки. Има зголемување на бројот на новозаразени случаи, но Комисијата за заразни болести на вчерашниот состанок, констатира оти според бројот на слободни болнички кревети и бројот на починати се уште се наоѓаме во зелена зона и дека за сега нема потреба од дополнителни нови мерки.

Остануваат да важат мерките за задолжително носење заштитна маска во јавниот превоз, здравствените установи, аптеките и установите за згрижување на возрасни лица и лица со попреченост.

Бројот на активни случаи изнесува 3.838, откако вчера беа регистрирани 788 нови случаи со ковид-19, што е четврти ден по ред со над 700 нови случаи.

Речиси половината од сите случаи – 1.865 се во Скопје, по што следат Куманово – 194, Охрид – 172 и Кавадарци – 170.

Градот Скопје, како што рече портпаролот на Комисијата за заразни болести, Злате Мехмедовиќ, во моментот е најзасегнат со новозаразени пациенти и поради тоа е одлучено во текот на наредната недела да почнат со работа пет нови ковид амбуланти на територијата на градот.

Поточно, во просториите на Здравствен дом – Скопје и ќе бидат во петте поголеми поликлиники во Скопје – во „Идадија“, „Ѓорче Петров“, „Јане Сандански“, „Ченто“ и во Чаир.

Според портпаролот на Комисијата, трансмисијата на вирусот е висока, но во исто време не предизвикува многу често тешка клиничка форма на болеста и не ги преполнува болниците. Тој потенцираше дека очекуваат да има висок број на позитивни случаи, но не очекуваат да има луѓе кои со сериозна симптоматологија ќе завршат во болници. Но, рече, системот е подготвен и во случај да има зголемување на бројот на вакви случаи.

„Епидемиолошката состојба, согласно сите параметри кои ги имаме, а најважните се бројот на хоспитализирани, бројот на слободни болнички кревети и бројот на починати, се уште не става во зелената зона. Хоспитализацијата во моментот на Клиниката за инфективни болести е само за 16 пациенти како метода применета, имаме девет пациенти кои се на кислородна поддршка и сметаме дека системот се уште има голем простор за тој дел да се пополни и да се дадат услуги во делот на хоспитална грижа на пациентите. Најважно е да се фокусираме, како што кажав, на примарниот здравствен систем и тоа сега го правиме преку отворање на ковид амбулантите“, рече Мехмедовиќ.

Досега во земјата се направени вкупно 2.104.009 тестирања на ковид-19. Вкупниот број ковид-дијагностицирани во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 321.386, бројот на оздравени пациенти е 308.199, на починати е 9.349.

Од Комисијата апелираат до граѓаните да внимаваат на сопственото здравје, да избегнуваат посети во затворени и непроветрени простории, освен кога тоа е неодложно. Во такви случаи се препорачува носење заштитна маска и одржување дистанца.

Министерството за здравство минатата недела препорача носење маски во затворени простории при подолг престој и редовно проветрување, но и да се избегнува непотребно собирање во големи групи и секогаш кога може да се одржува растојание од два метра. 

„Вчерашниот ден измина, утрешниот допрва доаѓа, го имаме само денес - да започнеме“.

повеќе

Шоковите кои се случуваат истовремено и распадот на меѓународната соработка го направија управувањето со кризи невозможно - барем со користење на стандардните алатки. 

повеќе

Oд Словото за академик Божин Павловски, 80 години од раѓањето и 60 години од неговото творештво.

повеќе