Над 37.000 граѓани досега со интерес за вакцинирање, но вакцини нема

Над 37.000 граѓани досега се пријавиле преку онлајн апликацијата за вакцинирање против ковид-19. Првите 8.000 вакцини од компанијата „Фајзер" кои ни ги отстапи Србија се очекува да пристигнат следните денови, а кон средина на месецов се очекуваат и 200 илјади вакцини од кинеската „Синофарм".

Шефот на дипломатијата Бујар Османи, пак, во интервју за белгискиот весник „Ла либр", рече дека Северна Македонија е колатерална штета на процесот, кој не ги исполнил очекувањата во однос на испораката на вакцините, оценувајќи оти земјите од Западниот Балкан требаше да бидат дел од европската програма за имунизација уште од самиот почеток.

Османи потсети и дека земјава уплати 800.000 дози вакцини во рамките на КОВАКС механизмот, и има, исто така, директен договор со „Фајзер" за 800.000 дополнителни дози. -На овој начин сметавме дека сме сигурни и покриени со 1,6 милиони дози и дека тие се повеќе од доволни за да се имунизира нашето население. Но, сè уште не сме добиле ништо, вели Османи.

Тој потенцира дека, за жал, земјите од регионот на Западниот Балкан се влезени во регионален натпревар за добивање вакцини и со таа станаа предмет на геополитичка конкуренција за прашањето за вакцините.

Владата одлучи да купи 200.000 вакцини од Кина, но нашата цел е да се заштитиме од овие геополитички размислувања. Идејата е да се започне кампањата за вакцинација, додава Османи, кој се надева дека наскоро ќе ги добиеме и платените вакцини.

Потсети дека од појавата на пандемијата на Ковид-19 регионот доби голема поддршка преку механизмите за солидарност на ЕУ или НАТО во однос на набавка на санитарна опрема, со што земјите од Западниот Балкан добија чувство дека се дел од Унијата, но таквиот впечаток не продолжи и кога започна вакцинацијата.

Премиерот Зоран Заев вчера изјави дека сè уште се подготвува документацијата за вакцините од производителот „Фајзер", кои од Србија треба да пристигнат во Северна Македонија.

Се работи за подготовка на техничката документација од „Фајзер" кон Србија за реекспорт, или за реплаќање или донација од Србија. Целта е прво да стигнат 4.000 вакцини, а потоа и другите 4.000, изјави Заев, кој потенцира дека раководството на Србија сака час поскоро да ни ги достави вакцините.

Примопредавањето на вакцините беше најавено за завчера, но потоа во последен момент беше одложено за наредните денови, бидејќи Србија сè уште нема добиено одобрение од „Фајзер" за пренамена на вакцините за македонски пазар.

Првите 8000 вакцини од компанијата „Фајзер" кои ни ги отстапи Србија се очекува да пристигнат следните денови, а кон средина на месецов се очекуваат и 200 илјади вакцини од кинеската „Синофарм". Во земјава треба да пристигнат и дополнителни дози од „Фајзер" кои се обезбедени од директните преговори со компанијата, како и дози преку Ковакс системот.

Над 37000 граѓани досега се пријавиле преку онлајн апликацијата за вакцинирање против Ковид-19, информираа вчера за МИА од Министерството за здравство.

Веб-страницата беше пуштена во функција пред три дена, а на неа може да се пријави секој граѓанин заинтересиран за вакцинација. Освен на овој начин, пријавувањето за вакцинирање ќе може да се врши и преку матичните лекари преку системот „Мој термин".

Според предвиденото од надлежните институции, во првата група за вакцинација се здравствените работници и лицата над 70 години.

Министерот за здравство Венко Филипче завчера изјави дека околу 70 отсто од здравствените работници изразиле желба да се вакцинираат.

Тие ќе бидат први вакцинирани, како и лицата над 70 години. Со мечирање на хроничните болести се прави список за известување кон матичните лекари, понатаму матичните лекари треба да ги известат своите пациенти и да ги прашаат дали сакаат да се вакцинираат и тој податок да се внесе во „Мој термин", рече Филипче.

Претседателката на Комитетот за имунизација, проф. д-р Александра Грозданова во синоќешното гостување на телевизија „Сител" изјави дека нашата држава месеци наназад се подготвува за една од можеби најголемите операции, не само кај нас, туку и на светско ниво, а тоа е логистиката околу пристигнувањето и дистрибуцијата на вакцините и нивната апликација и ние сме целосно подготвени да ги примиме вакцините.

Таа потенцира дека поради најавите за доаѓањето на фајзеровата вакцина уште од декември минатата година, нашиот здравствен систем е подготвен и во делот на складирање.

Обезбедени се неколку фрижидери на минус 70, од кои едниот е веќе во Клиничкиот центар, другите се стационирани во здравствените домови низ државата и воспоставени се комплетни стандардни процедури во однос на нивното складирање, диструбуција и апликација, вели Грозданова.

Претседателката на Комитетот за имунизација информира дека медицинските лица од вакциналните тимови, поминале две виртуелни обуки и две обуки во живо, со цел процесот на вакцинација да се одвива според сите стандарди кои ваквиот процес ги бара.

Во исчекување на вакцините, епидемиолошката состојба кај нас и натаму се смирува. Од 2596 тестирања, вчера беа регистрирани нови 367 случаи на коронавирусот. Пет лица починати и 202 оздравени пациенти.

Вкупниот број ковид - дијагностицирани во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 96.518, бројката на оздравени пациенти е 87.324, на починати е 2.971, а бројот на активни случаи изнесува 6.223.

Најмногу активни случаи има во Скопје – 2876, Кавадарци – 398, Охрид – 369, Прилеп – 267, Куманово – 236, Велес – 228, Тетово – 213, Делчево – 207. Во другите градови има помалку од 200.

Вкупниот број на хоспитализирани во земјава е 591 пациент. Во ковид-центрите во болниците низ земјава е пријавено дека се лекуваат вкупно 342 позитивни и суспектни на коронавирусот. Во Скопје се лекуваат 249. Во болниците во државата има 480 слободни кревети, од кои во Скопје 100.

Во ГОБ „8 Септември" има вкупно 74 болни, а на Клиниката за инфективни болести лежат 83 пациенти, додека во Институтот за белодробни заболувања кај деца Козле има 18 пациенти. Голем дел од пациентите се на кислородна поддршка.

Да бидеме реални: регионот на многу начини сè уште е претежно (погрешно) разбран и (погрешно) третиран и меѓународно се нарекува „бурето барут на Европа“.

повеќе

Јане бил свесен дека деновите му се одброени и отворено говорел за тоа. Знаел дека многумина имаат причина да го ликвидираат, дека им пречи во остварувањето на нивните „повисоки цели“.

повеќе

Во македонскиот интернет простор постојано се појавуваат и гаснат портали, со што засекогаш исчезнуваат и објавените содржини.

повеќе