Реакција

Музичарите ѝ пишаа на Царовска: Музичкото и ликовното образование треба да бидат самостојни

Ги поддржуваме напорите на Министерството за образование да се изнајдат оптимални решенија во образовниот систем насочени на растоварување на бројот на предметите, концентрација на насоките на учење, поттикнување креативност и способност за самостојно размислување и анализа кај учениците, но укажуваме на незаменливата и непроценлива улога на музичките активности кои се изведуваат на часовите по музичко образование, се вели во отвореното писмо на Здружението на музички педагози и високообразовните музички установи, и други институции и поединци до министерката за образование Нела Царовска.

„Бројни се истражувањата кои научно докажуваат дека правилно водени музички активности од најрана возраст на детето директно придонесуваат за неговиот сестран развој (интелектуалниот, емоционалниот, моралниот, естетскиот и др.), позитивно влијаат врз успехот во учењето заради поврзувањето на интелектот со интуицијата и имагинацијата, го поттикнуваат развојот на говорот, ја будат креативноста, делуваат врз формирање на работните навики, осет за тимска работа, учење за други култури и почитување на различности.

Покрај сево ова, музиката претставува белег од огромно значење на националниот и културниот идентитет. Во ситуација кога звучниот простор е преплавен со музичките појави со ниско естетско и етичко ниво, часовите по музичко образование, по изборните предмети од областа на музиката, како и учеството во хорот и оркестарот за голем број ученици претставуваат единствено место каде што тие можат да се запознаат со трајните вредности на домашната и светската музичка култура во сите музички жанрови, како и на изворниот фолклор на својата и другите етнички заедници.

Од друга страна, музичките активности, а особено хор и оркестар, претставуваат можност за заедничко музицирање и дружење на учениците од различни етнички заедници, за што има исклучително позитивни примери во училиштата на РС Македонија во кои наставата се одвива на различни наставни јазици, како и во збратимените училишта.

Нашиот увид укажува дека сегашната поставеност на музичкото образование со актуелниот модел на наставата, усвоените и промовираните од страна на МОН наставни програми, изработените дигитални содржини, начинот на функционирање на училишниот хор и училишниот оркестар во целост е соодветна како со горенаведеното, така и со приоритетите и насоките содржани во новата предлог концепција. Содржи интеграција на содржините, како во рамките на предметот, така и меѓу предметите од различни области; нуди флексибилност во наставните програми и планирањето на наставата; содржи иновативни приоди во наставата, проекти, искуствено учење кои се во природата на музичката настава и се спроведуваат на часовите по музичко образование, изборните предмети од областа на музиката и училишните хор и оркестар; овозможува прилагодување на наставата и оценувањето за различно ниво на вродениот потенцијал на учениците и индивидуалната манифестација на музичкиот талент...

За да се остварат сите наведени придобивки на музичкото образование и натаму да расте неговиот квалитет пресуден е стручниот наставник – познавач на различните жанрови и стилови на музичката уметност и поседувач на разновидните професионални компетенции сврзани со различни области на музичката дејност.

Сметаме дека двата предмета од областа на уметности – музичкото образование и ликовното образование – треба да бидат самостојни заради нивната комплетно различна природа и различни вештини кои се совладуваат, а со модуларниот начин кој се предлага кај учениците ќе се изгуби континуитетот и квалитетот во совладувањето како на вештините, така и на комплетната наставна материја.

Интегрираниот пристап треба да се остварува на нивото на предметните содржини, за што кај наставниците по музичко образование веќе постојат бројни позитивни искуства за интеграција не само со уметничките предмети, но и со предметите од областа на јазиците, техничките науки, историја и др. Моделот на интегрирани предмети е соодветен за предучилишно образование и одделенска настава, а натаму треба да се изучуваат обликувани научни и уметнички дисциплини со свои предмети на проучување, терминологија и методологија.

Со цел квалитетно совладување на разновидните наставни содржини и вештини, но и со оглед на тоа дека токму часовите по музичко образование претставуваат ретка можност за слобода, релаксација и изразување на креативноста на учениците, бројот на часовите треба да изнесува 2 часа неделно во сите одделенија  – особено во споредба со предложениот преголем број часови по математика (дури 5 часа наспроти сегашните 4 уште во прво одделение и во целата одделенска настава). За зголемување на квалитетот на музичката настава и правилното насочување на музичкиот развој на учениците предметните наставници треба да бидат вклучени во наставата, почнувајќи со 1 одделение, заедно со одделенските наставници. Функционирањето на училишниот хор и училишниот оркестар треба да биде обврска на секое училиште и да добива целосна и сестрана поддршка на училишната администрација, општините и други фактори, а часовите по хор и оркестар треба да бидат во фондот на наставникот заради тежината и обемот на изведување на таа настава.

Истите фактори треба да ја реализираат потребата од опременоста на училиштата со музичките кабинети, музичките инструменти, техничките средства, ИКТ и сл. за квалитетната реализација на наставата и други музички активности.

Принципот на стручноста на наставникот треба да се применува и во воннаставните активности чиишто содржини треба да се реализираат на високопрофесионално ниво.

За воннаставните активности од областа на танцот треба да се вклучи соодветен кадар дипломиран на студиската програма за балетска педагогија (класичен балет и современ танц) на ФМУ – Скопје.

За предметот музичко образование како задолжителен потребно е да се изготвуваат учебници, најмалку од вториот образовен период, со структурирано водење во различните наставни теми и содржини, особено со можностите кои ги нуди дигиталниот формат.

Бараме претставниците на ЗМП и на музичките факултети и академија при државните универзитети во РС Македонија да бидат поканети како експерти од областа за доработување на предложената нацрт концепција“, се вели во писмото на Здружението на музичките педагози,

Факултетот за музичка уметност – Скопје при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, Музичката академија при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, Факултет за уметности при Универзитетот во Тетово, Сојузот на композиторите на Македонија, Сојузот на музичките уметници на Македонија, НУ Национална опера и балет и НУ Филхармонија на РС Македонија.

 Еврообврзница во услови на најголемата светска економска криза за репрограмирање на долгот и буџетска поддршка.

повеќе

Повикот на Заев за „Влада за национален спас“ само три дена откако неговиот кабинет ја доби собраниската доверба, покажува дека таа тешко би се качила над сегашните 62 пратеници.

повеќе

Богатите држави мораат веднаш да донираат вакцини против ковид-19 на загрозените држави. 

повеќе