Министерство за здравство

Mожно e постепено релаксирање на мерките

Состојбата со ковид-19 во земјава внимателно се следи, а доколку постои можност, ќе се предлага постепено релаксирање на мерките, сметаат надлежните. Тие остануваат посветени на интензивирање на кампањата за вакцинација, а во меѓувреме се очекува на следната владината седница да се одлучи за препораките предложени од Комисијата за заразни болести.

Членовите на Комисијата за заразни болести вчера на средбата ја разгледуваа актуелната епидемиолошка состојба и дискутираа за интензивирање на кампањата за вакцинација против ковид-19, преку пласирање научно проверени информации преку социјални мрежи и медиуми, со цел соодветно да се информира и едуцира јавноста за безбедноста и ефикасноста на вакцините.

Од Министерството за здравство пак, сметаат дека иако е мирна ситуацијата, луѓето треба да бидат свесни дека вирусот е присутен.

Според нив, вакцинацијата е најбезбедниот начин за спречување на тешка форма на болест, хоспитализација и смртен исход.

Во следниот период пак, се очекува Владата на седница да донесе одлука за препораките во однос на ковид мерките што ги предложи Комисијата за заразни болести на последниот состанок.

„Сите предлози и препораките на Комисијата за заразни болести ќе се разгледаат на наредниот состанок на Централниот координативен штаб за кој се очекува да заседава деновиве. Потоа записникот од Штабот треба да биде усвоен на наредната владина седница. Очекуваме на наредната владина седница да биде усвоен записникот од Централниот координативен штаб, односно дали ќе се прифатат или не сите препораки на Комисијата за заразни болести“, најави вчера владиниот портпарол Муамет Хоџа.

Комисијата минатата недела на седница препорача за децата во основното образование да не биде задолжително носењето на маски, како и да не биде потребен сертификат за вакцинација или за прележан ковид-19 за посета на отворените делови и терасите на угостителските објекти.

Инаку, согласно податоците од Институтот за јавно здравје, вчера беа регистрирани 319 нови случаи со ковид-19, од направени 2.720 тестови. Еден пациент почина, а оздравеле 258 пациенти.

Од новозаболените 319 случаи, од Скопје се 184, Битола 25, Кавадарци 23, Куманово 14, Прилеп 11, Велес и Кичево по 9, Гевгелија 7, Охрид 6, Неготино и Делчево по 5, Кочани 4, Штип, Дебар, Пробоштип, Кратово и Демир Хисар по 2, Тетово, Струга, Свети Николе, Радовиш, Берово, Валандово и Виница по 1.

Досега во земјата се направени вкупно 1.944.313 тестирања на ковид-19. Вкупниот број ковид-дијагностицирани лица во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 304.047.

Бројот на оздравени пациенти е 292.886, на починати е 9.188. Бројот на активни случаи изнесува 1.973.

Во однос на ситуацијата со ковид-19 на Балканот, во Грција се донесени нови одлуки во рамки на постепеното олабавување на мерките во земјата.

Стадионите да функционираат со целосна исполнетост, а учениците и вакцинираните просветни работници да прават само еден селф тест седмично, се препораките на надлежната комисија на епидемиолози во Министерството за здравство на Грција, препораки кои грчката Влада ги прифатила, јави дописничката на МИА од Атина.

Во меѓувреме, кипарската Влада одлучи граѓаните над 70-годишна возраст и лицата, независно од возраста, кои престојуваат или работат во домови за стари лица, здравствените работници, како и лицата со сериозни здравствени проблеми да можат да примат четврта доза вакцина, а трета доза децата над 12 години.

Како што соопштија од Министерството за здравство на Кипар, четврта доза од вакцината ќе се аплицира пет месеци по бустер дозата.

Во однос на состојбата во светот, Пакистан вчера соопшти дека немало ниту еден смртен случај поврзан со коронавирус за 24 часа, по првпат во две години, што е еден знак дека петтиот бран на пандемијата се движи побавно.

Властите ги тргнаа сите ограничувања минатата недела и сега животот е вратен на предпандемиското нормално. Најмалку 433 нови случаи на ковид-19 се евидентирани последните 24 часа, информираше пакистанското Министерство за здравство.

Првиот случај на коронавирус Пакистан го регистрираше на 26 февруари 2020 година. Досега, земјата има вкупно 1.522.862 случаи и 30.333 починати лица со Ковид. 

 

Кој кого „мафлосува“, тие нас или ние нив. Чекор напред, три назад, како раковите во Охридското Езеро од моето детство кои исчезнаа во налетот на технолошкиот напредок и уништувањето на животната средина.

повеќе

Ние сме земја што први во Европа имаме стратегија за интеркултурализам.

повеќе

Францускиот предлог претставува директно рушење на основните темели на ЕУ.

повеќе