Резултатите од конкурсот се објавени на следниот линк. Од МОН информираат дека сите добитници на стипендија треба да испечатат и пополнат три примероци од договорот за соодветната стипендија (договорите се објавени заедно со резултатите) и заедно со копија од лична трансакциска сметка, најдоцна до 18.12.2020 година да ги достават до Министерството за образование и наука (директно во писарницата на МОН или по пошта – препорачана пратка со повратница на адреса бул. „Св. Кирил и Методиј“ бр. 54, 1000 Скопје). Одбиените кандидати пак, ќе имаат можност за приговор откако на адресата која ја имаат посочено при аплицирањето ќе добијат решение од МОН во кое ќе биде наведена причината поради која апликацијата не е прифатена.
Учениците Роми запишани во прва, втора, трета и четврта година од јавните и приватните средни училишта во Македонија во учебната 2020/2021 година, од 27 октомври до 9 ноември имаа можност да аплицираат за стипендија во 5 различни категории согласно постигнатиот општ успех.
Освен припадноста кон ромската заедница и статус на редовен ученик, секој кандидат беше потребно да исполни и неколку други услови, односно да е државјанин на Република Северна Македонија, да не е корисник на друга стипендија и да има примерно поведение, при што предност при селекцијата била дадена на кандидатите со повисок општ успех во секоја од категориите.
Зависно од категоријата, висината на стипендиите се движи од 600 до 2.200 денари месечно за осум месеци во годината.