Драма во Орце Николов

МОН три дена си игра со нервите на 300 ученици и нивните родители

Во една од најугледните скопски гимназии триста ученици кандидати за упис неколку дена грицкаат нокти дали ќе бидат примени во посакуваното училиште, дали ќе одат на тест, кога ќе одат на тест, што треба да си повторат за да го поминат... „Проблем“ се само дваесетина од нив.

Сите основци што со максималниот број бодови, 75, или просек чиста петка, се пријавени за упис во гимназијата „Орце Николов“ утре ќе полагаат квалификациски тестови за прием. Во оваа гимназија за 285 слободни места, се пријавиле 400, од кои 330 биле со сите петки. Од нив десетици си ги повлекле документите, па останале само дваесетина пријавени над квотата.

Одговорни за тестовите се Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието. Министерството за образование, вчера, еден ден по последниот рок за упис, не дозволи да се отвори нова паралелка, ниту пак дозволи тие дваесетина ученици да се распределат по веќе пропишаните паралелки. Реши, првпат по многу години, да има тестови. Нема информации ни за тоа како ќе се спроведува квалификациското тестирање за упис. До моментов никој од учениците не знае во колку часот утре ќе се полага, ниту пак што поконкретно ќе има на тестовите, по македонски и математика.

Професорите велат дека ова што се случува со уписите во нивната гимназија е срамота пред сè за нив како институција, како и за Министерството за образование. Но, се разбира, тука најоштетени се учениците и нивните чувства. „Којзнае што сè преживуваат тие овие два дена, не знаејќи што и кога ќе полагаат. За ова мора да постои одредена процедура, која треба да се знае со месеци однапред, за сите да бидеме подготвени да ја спроведеме“, велат тие.

Родителите на овие ученици вчера беа пред Министерството за образование, а за денеска бараат средба со одговорни лица во Владата. Тие веќе испратија и петиција до МОН со барање да нема приемно полагање, дека со тоа се врши дискриминација на овие ученици и бараат отворање нова паралелка. И изминатите години интересот за оваа гимназија беше поголем од предвидената бројка, но проблемот се решавал или со нова паралелка или со прераспоредување на вишокот во постоечкиот број паралелки за први клас гимназија.

Вчера загрижените родители и деца со часови седеа во дворот на гимназијата „Орце Николов“. Меѓу кандидатите за упис постои мислење дека спроведувањето на квалификационо тестирање кај 269 деца - кандидати за упис, сите со максимален број бодови, а од кои само за 20-тина се надминува претходно одредената квота за упис, претставува „вежбање дисциплина“ од страна на властите врз гимназијата што беше изразено активна во протестните активности во изминатиот период. Ова особено бидејќи во други слични ситуации во минатото, властите без проблем решението го наоѓале во зголемување на бројот на паралелките, или во распоредување на кандидатите во планираниот број паралелки, но со малку повеќе ученици. За ова не постојат конкретни докази, но е можно објаснување, велат родителите, за ригидниот став на властите да не им овозможат на учениците да го продолжат задолжителното средно образование во гимназијата што тие ја одбрале за себе. Овој ригиден став опстојува, велат тие, и покрај комуникацијата во вид на молби и петиција од страна на кандидатите и нивните родители до гимназиската управа и до МОН, како и најавата за барање средба со други претставници од Владата.

Од МОН, пак, најавуваат дека вакво тестирање ќе има и во СУГС „Д-р Панче Караѓозов“ – Град Скопје (за стручно образование- здравствена струка за образовниот профил медицинска сестра на македонски наставен јазик) и во СОУ „Димитар Влахов“ – Струмица (за стручно образование- здравствена струка за образовниот профил медицинска сестра на македонски наставен јазик).

Второто пријавување и запишување на учениците ќе се врши на 24 и 25 јуни, а резултатите од запишувањето и слободните места ќе се објават на 26 јуни.

К.Д.

Министерот за финансии не треба да е кум, баџанак, шура, братучед или самиот тој, бидејќи треба да даде отпор на честите политички, но не и економски барања на членовите на владата.

повеќе

Зрелоста на еден народ е да препознае кога протестите за замена му ги продаваат како протести за промена. 

повеќе

Толку убава, чиста земја, богата со шуми, планини и природни ресурси ја претворивме во Мордор.

повеќе