По бројните критики на концепцијата за реформа на основното образование

МОН: Прикажавме рамка, ќе ја вклучиме и науката, концепцијата не ја правевме последните два месеца

Нацрт концепцијата за реформа на основно образование не е нешто што произлезе во последните два-три месеци, на неа се работи повеќе месеци и е во рамки на националната стратегија 2018-2025 година, велат за МКД.мк од Министерството за образование и наука, како индиректен одговор на критиките дека целта е пред сѐ политичка и во насока на отстапки кон Бугарија со спојувањето на историјата со други предмети. Од МОН уверуваат дека по усвојувањето на концепцијата ќе бидат вклучени науката и наставниците во изработката на наставните програми.

Во текот на неделава повеќе институции и здруженија од научната и образовна сфера реагираа со критика на концептот за реформа на основното образование, откако најпрво се најавуваше неговата суштина, а реакциите се намножија особено откако концептот беше презентиран на прес-конференција. Покрај на содржината, острицата на критиките е насочена во поглед на нетранспарентен процес на подготовката на концептот, што се одрази врз невклучувањето на овој дел од научно-образовната мисла.

Документот на нацрт - концептот за реформи од викендов е достапен на официјалната интернет страница на Министерството за образование и наука. До 20 јануари МОН ќе очекува предлози и сугестии за унапредување на нацрт – верзијата.

На прашањето на МКД.мк како ќе им одговори Министерството на сите научни и образовни институции и здруженија кои изнесоа не само бројни критики, туку и несогласување со речиси целиот концепт и дали евентуално ќе бидат вклучени дел од нивните претставници во доработка на концептот или понатаму во самото реформирање на основното образование, добивме одговор дека нацрт концепцијата е резултат на широк консултативен процес не само со наставниците, туку и со родителите и учениците.

„Ги слушнавме ставовите на учениците и на родителите. Исто така го слушнавме мислењето на наставниците, односно 4.168 наставници одговорија дека на образованието му се неопходни промени. На итност и нужност од реформи укажуваат и сите анализи направени од ОЕЦД и УНИЦЕФ и УСАИД, како и домашните истражувања коишто се спроведувале низ годините. Веќе напоменавме дека концепцијата е само рамка на којашто, како секаде во светот, работеа педагози и психолози. Токму овие експерти ги даваат насоките како треба да изгледа концепцијата за основно образование, односно моделот и начините на коишто наставниците на разбирлив начин ќе ја држат наставата на учениците", велат од МОН.

Сепак, деновиве Институтот за педагогија реагираше на концепцијата на МОН, иако од Министерството велат дека токму педагози и психолози биле вклучени во нејзината изработка. Институтот соопшти дека со мнозинство гласови донесе заклучок дека не може да се прифати понудената концепција за основно образование затоа што „има методолошки и дидактички недоследности и решенија кои не соодветствуваат на нашата воспитно-образовна и општествена реалност". Притоа овој Институт наведе дека со концепцијата безрезервно се согласни проф. д-р Јасмина Делчева-Диздаревиќ и проф. д-р Лена Дамовска, кои се дел од работната група за подготвување на нацрт-концепцијата за основното образование,

На нашата забелешка за овој став на отфрлање на целата концепција „со мнозинство гласови" од Институтот, од МОН не се согласуваат.

„Доколку ги следевте објавите на медиумите, беше демантирано од раководителката на Институтот за педагогија д-р Јасмина Делчева Диздаревиќ. Таа јасно кажа дека мислењето на поединци не треба да се поистоветува со официјален став на Институтот. Професорката истакна: „не сите професори од Институтот имаат идентични ставови за концепцијата".", велат во писмениот одговор од МОН.

Сепак, најзасегнати поради учеството само на педагози и психолози во изготвувањето на концепцијата за основното образование се почувствуваа социолозите.

Институтот за социологија меѓу другото наведе дека „образованието, во контекст на општествените системи, е предмет на истражување на социологијата и на безмалку сите социолошки дисциплини, а особено во рамките на социологија на образованието во која, меѓу другото, фокусот на истражување е проучувањето на образовните системи во Европа и светот".

Од МОН уверуваат дека по усвојувањето на новата концепција секако дека во изработката на наставните програми ќе бидат вклучени социолозите, како и историчарите и експертите по природно - математички науки.

Во поглед на широкиот опфат на критиките врз концепцијата на основното образование, од МОН велат дека во овој момент станува збор само за рамка на реформата, а дека консултативниот процес ќе се одвива со сите засегнати страни.

„Наставните програми ќе ги изработат универзитетски професори, експерти и секако самите наставници, во меѓувреме, Министерството и Бирото за развој на образованието се отворени за соработка и за прифаќање на сите аргументирани и со докази поткрепени забелешки", велат од МОН.

Mинистерството потенцира дека реформите се дел од националната стратегија за периодот 2018-2025 година, со којашто се предвидува рационализација на наставните планови и програми за сите години на задолжителното образование, а особено во почетните години од секој циклус.

Инаку, деновиве со негативна реакција на концептот за реформа се јавија членовите на Друштвото на физичарите, Сојузот на хемичарите и технолозите и на Македонското биолошко друштво кои порачаа дека поддржуваат реформи, но дека конкретните се избрзани и без вклученост на стручни лица за образование по природни науки. Тие се против поделбата на предметот Природни науки на наставници од физика, хемија и биологогија.

Со критика се јави и Институтот за филозофија кој на МОН му препорача да ги земе предвид и да ги имплементира и другите стручни мислења на претставниците на институтите за историја, историја на уметноста и археологија, социологија, класична филологија и филозофија чии предмети, како што сметаат од овој Институт, со нацрт-концепцијата исто така се доведуваат под прашање или се редефинираат.

Засегнати се и наставниците по географија,чиј предмет исто така е предвидено да се спои, па деновиве реагираше Македонското географско друштво.

Иницијативниот одбор на ликовни педагози и Детскиот ликовен центар-Скопје исто така сметаат дека не смее да се спојуваат предметите Музика и Ликовно, но реагираше и фелата од областа на музиката од каде предупредија дека музичките таленти треба да се откриваат во најрана возраст и дека ќе се наштети на овој вид на образование.

Остро реагираше Институтот за историја при Филозофскиот факултет во Скопје отфрлајќи го понудениот концепт со барање веднаш да бидат повлечени и прекинати сите активности во врска со предметот историја.

„Концептот предвидува интегрирање на историјата со науки од сосем различен вид во миг кога македонската историја, македонскиот јазик и македонскиот идентитет воопшто, се безмилосно нападнати и неосновано оспорени однадвор. Во еден ваков несреќен момент, секое продолжување на замислената интеграција може да се протолкува како внатрешно институционално содејство со надворешни желби и притисоци", соопшти овој Институт.

На сите критики Министерството одговари генерално, потсетувајќи дека на концепцијата се работи неколку месеци и дека е резултат на долгорочната национална стратегија усвоена уште пред две години.

„Концептот за основно образование не е нешто што произлезе во последните два-три месеци", нагласува Министерството за образование и наука во одговорот за МКД.мк одговарајќи индиректно на критиките според кои станува збор за реформа чија главна цел е преку спојувањето на повеќе предмети, да се оствари можноста за прочистување на содржините во предметот Историја преку нејзино втопување во предметот Граѓанско образование со цел да се направат политички отстапки кон Бугарија.

П.Џамбазоски

Критики за тоа дека треба да се слушаат критики од членови, зошто е разрешен Стојко Пауновски, зошто Максим Димитриевски не е член на Централен одбор, беа искажани на последниот конгрес на СДСМ кој се одржа во неделата.

повеќе

Владите ширум светот имаат тенденција да ги следат своите национални интереси, наместо да следат глобално координиран пристап.

повеќе

СКСМ - комора на иднината, САП системите - иднина на македонскиот бизнис.

повеќе