Вкупно 366 основни општински училишта и 109 јавни средни училишта добиваат поддршка од државата заради непречена работа и реализација на мисијата заради која и постојат – едукација на младите. Велат од Министерството за образование и наука (МОН).
„Во услови на прогласена кризна состојба, со склучување договор за снабдување со електрична енергија со ЕСМ Продажба, тие ќе создаваат значително помали расходи во општинските и државниот буџет, со што, се зголемува сигурноста дека воспитно – образовниот процес во училиштата ќе продолжи да се реализира непречено до крајот на годината", пишува во соопштението на МОН.
МОН уште еднаш апелира владините препораки за рационално користење на електричната енергија доследно да ги почитуваат сите образовни институции и установи. Штедењето на електричната енергија, како што наведуваат, е еден од факторите кои влијаат на одржливоста на наставата во училниците, но од друга страна се подигнува стабилноста на енергетскиот систем и се обезбедува доволно електрична енергија за потребите на домаќинствата.
Од министерството за МИА денеска изјавија и дека раководствата на училиштата се надлежни за организирање непречен воспитно-образовен процес, откако поради страв деновиве отсуствуваа од наставата дел од учениците во училиштата каде што беа пратени лажни дојави за поставени бомби.
„МОН и МВР секогаш излегуваат во пресрет кога е потребна каква била дополнителна поддршка, затоа што најдобрите интереси на учениците и воопшто на младите се секогаш приоритет на институциите на системот“, изјавија од МОН за МИА.
Во однос на загубените часови во училиштата од кои беа евакуирани учениците додека траеја проверките од полицијата, од Министерството велат дека се работи за неколку загубени наставни часови во неколку училишта и оти секој наставник индивидуално наоѓа начин како за време на наставата во првото полугодие ќе го надомести тоа што е пропуштено.