14 ученици се официјално позитивни на ковид-19 во училиштата во земјава

МОН можеби има резервно сценарио, но ние немаме резервни деца

Во училиштата по само три дена од почетокот со физичко присуство се појавија 14 ученици официјално позитивни на ковид-19. Можеби се мал број денови и овие деца не се заразиле во училиште, но сепак факт е дека стравот во одделенијата каде што тие учеле е голем кај сите. Децата се среќни бидејќи по повеќе од една година повторно се видоа со училишните другари, но дали таа среќа ја делат и нивните родители, наставници, баби и дедовци...

Дел од родителите велат дека наставата со физичко присуство не може да се замени со ништо, но пак, додаваат дека не можеме да го игнорираме фактот дека зараза постои и дека колку и да се почитуваат мерките, по 30 деца во една затворена училница се голема бројка и буквално жариште каде што може да се прошири заразата. Стравуваат дека секој ден може да им заѕвони мобилниот или да им пише класниот во групата дека има дете позитивно на ковид-19 во одделението. Па потоа се прават епидемиолошки анкети, па кој каде седел, кој каде стоел од учениците, па носел ли маска или ја вадел, или пак ја носел под носот, се дезинфицирал ли или не, кивнал или се закашлал или не...

Па потоа се носи одлука за изолација и децата се затвораат дома во период од 2 недели. Кој ќе им го плати тој стрес на децата од изолациите, кој ќе им објасни дека не смеат да излезат од дома, дека треба да се изолираат... Што е со стравот дека може да заразат некого дома само поради тоа што биле во контакт со другарче и оделе на училиште, па ако е повозрасен и невакциниран не дај боже да заврши фатално.

Дилеми и стравови има многу, но од Министерството за здравство се децидни и велат дека имале резервни сценарија. Но овие три сценарија што ги има МОН ќе се спроведат само ако се влоши состојбата. Деновиве во просек дневно умираат по триесетина лица, а се заразуваат по близу 1.000. Но сепак, состојбата се оценува како стабилна. Е сега, ако до сега успеавме да ги допазиме децата и тие да не се заразат од ковид-19, сега тие мораат во училиште бидејќи таква е одлуката на Владата.

Имале резервно сценарио од МОН, но дали родителите имаат резервни деца? Ако се заразат во училиште, поминат лошо, ако ковидот им остави последици... Тука никој нема да одговара бидејќи, нели, протоколите се јасни, ако некое дете има симптоми, се известува родителот, се повикува, па епидемиолозите прават проценка за изолации, па децата се праќаат дома. А потоа? А стресот дома, а болеста, а чекањето за симптоми, за анализи, за прогресирање на болеста, па дали некој се заразил дома...

А во овие три дена откако почна учебната година гледаме и во живо и на фотографиите дека мерките речиси никаде не се почитуваат и дека насекаде е хаос: децата седат по двајца во клупа, по триесетина во училница, маските повеќето ги носат под носот, а на одмор или на губење час си се групираат и си муабетат, а и не можете од нив да очекувате да ја имаат совеста што очигледно ни постарите кај нас ја немаат. Па кој да им каже на оние од Влада дека ние немаме резервни деца и дека по година и пол трескавично пазење сега треба ли доброволно да се заразиме сите?

Учениците годинава првпат по почетокот на пандемијата се вратија во училишните клупи, но колку ќе трае наставата со физичко присуство, никој не знае.

Министерката за образование, Мила Царовска пред неколку дена изјави дека сите во Владата сакаат учебната година да започне од септември со физичко присуство за сите ученици, но имале подготвено три сценарија како би се одвивала таа.

„Првото е целосно отворање на училиштата, согласно со здравствените протоколи, да може сите ученици да седнат во своите клупи, за сите одделенија и сите години. Тоа е првото и најдобро сценарио, најпосакувано за сите нас, ако епидемиолошката состојба се движи во соодветни рамки за ова сценарио. За тоа ќе одлучува Комисијата за заразни болести, но сите очекуваме состојбата во летниот период и почетокот на септември да биде добра и затоа сметаме дека ова сценарио ќе биде спроведливо", изјави Царовска.

Второто сценарио е исто како и тоа од годинава, односно дел од учениците да одат во школо, од прво до четврто одделение, а останатите да учат онлајн и да им се доставуваат материјалите за учење.

„Имаме и трето сценарио, кое укажува дека можеби во не толку критична состојба за целосно затворање, да имаме поделба во групи – една недела една група ученици, друга недела друга група ученици", дополни тогаш Царовска.
Со појавата на првите позитивни случаи, кои се заразиле уште пред да почнат на училиште, се поставува прашањето дали е можно да се спроведе настава со физичко присуство или сепак ќе се применат некои од другите сценарија.

Денес Мила Царовска рече дека состојбата е стабилна, дека има 14 деца позитивни на ковид-19, но дека ниту едно не се заразило во училиште. Но тоа допрва ќе се утврдува бидејќи не се знае дали некое од другите деца е заразено.

Според неа, позитивни на ковид се 0,01 отсто од учениците што ја следат наставата со физичко присуство, а станува збор за над 233 илјади ученици во земјата. Санитарната инспекција е на терен.

Таа ги повика наставниците и учениците да се придржуваат до протоколите, оти само на тој начин ќе се овозможи да продолжи наставата со физичко присуство.

„Во училиштата строго се почитуваат планот и протоколите за заштита. Учениците, наставниците и другиот помошно-технички персонал во училиштата задолжително носат заштитни маски во затворен простор, задолжително се мери телесна температура на влез во објектите и се прави дезинфекција на рацете. Исто така, постојано се проветруваат училниците и се прави честа дезинфекција на клупите и подовите", информира денес МОН.

Од министерството потенцираат дека брзата реакција и почитувањето на мерките е најдобрата заштита.

„Ги повикуваме наставниците, родителите и раководствата на училиштата доколку се посомневаат за позитивен случај, веднаш да алармираат до здравствените установи и епидемиолошките служби, кои ќе постапат согласно алгоритмите", нагласуваат од МОН.

Од Министерството за образование и наука апелираат на доследно почитување на протоколите за заштита, бидејќи минатогодишното искуство покажало дека со практикување на мерките, училиштата не се трансмитери на заразата. Секако, велат од МОН, неопходно е одговорно однесување и надвор од училишните објекти.

„Само така ќе спречиме ширење на вирусот и ќе овозможиме квалитетна едукација за младите, преку настава со физичко присуство, која нема подобра алтернатива", истакнаа денес од министерството.

Во учебната 2021-2022 година настава во основните и средните училишта посетуваат околу 257 илјади ученици.

К.Д.

 

Можеби поради еуфоријата што ја донесе туризмот - и желбата на самите жители на Грција да уживаат во одморите - пошироката јавност беше подготвена да ги толерира дневните бројки на новозаразени (во просек помеѓу 2.000 и 3.000 случаи во текот на летото). 

повеќе

Насловот асоцира и на резултатите од изборите, кои, кога ќе излезе оваа колумна, ќе бидат познати, иако најретко споменуван збор во кампањата беше зборот ДЕЦЕНТРАЛИЗАЦИЈА, кој е единствен начин за остварување на сите „големи“ ветувања што ги слушнавме изминативе две недели.

повеќе

Опонентите на академик Блаже Ристовски во Македонија го квалификуваа како националист, во белградскитe кругови  го именуваа како „бугарофил“, а во Бугарија го нарекуваа „Југословен“ и „србокомунист“. А тој си остана ист, исправен пред нападите и секогаш подготвен да им одговори на критичарите.

повеќе