МОН и средношколските се далеку од договор за државната матура

Средношколски сојуз не отстапува од барањето државната матура да има испити по два предмета (мајчин јазик и предмет од областа која матурантот планира да ја студира), ниту Министерството за образование и наука од ставот дека нов концепт за матурата е можен за идната учебна година.

Протест на матуранти во Ресен

Министерката Мила Царовска е категорична дека оваа генерација матуранти ќе полагаат според актуелниот концепт – испити по четири предмети односно три екстерни, за кои е надлежен Државниот испитен центар (ДИЦ) и еден интерен предмет кој се полага во училиштето заедно со проектната задача.

Сојузот го упати барањето во ноември, кога претставници со нивниот лидер Бленди Ходаи имаа средби во МОН, од каде што им беше укажано дека матурата ќе биде по скратени програми и со помалку содржини од материјалот што го учеле откако почна пандемијата. Но второто барање – да се намали бројот на предмети од четири на два, Министерството не го прифати со образложение дека концептот не може да се менува во од. Се согласува да има измени, но да се подготват и да важат од учебната 2021/2022. Ги покани и претставниците на Сојузот да учествуват во работната група што ќе го креира новиот концепт за наредната година.

Сојузот не се откажа од своето барање и го актуализираше со бојкот на наставата во четвртокот, на првиот ден од второто полугодие и, наспроти МОН и министерката Царовска, не смета дека бојкотот е неоправдан.

„Сојузот на средношколци не се залага за откажување на матурата, не ги поддржа средношколците кои тоа го бараа и инсистираше дека државна матура мора да има. Поради тоа, јасно е дека бојкотот на наставата не е за откажување на матурата, туку за нејзино изменување за оваа учебна година. Затоа Сојузот не се согласува дека „бојкотот е неоправдан“.

Министерката во четвртокот кажа дека освен во една гимназија во Скопје, каде што има поорганизирано дејствување, во други средни училишта бојкотираат, како што рече, мали и изолирани групи. Над 14 илјади матуранти веќе ги пријавиле испитите што ќе ги полагаат на матурата, и затоа МОН, рече Царовска, кон нив има обврска да го организира завршнот испит. Напомена и дека државната матура е избор и оти за тие што не сакаат да ја полагаат, има и училишна матура.

„Државната матура е изборна, а Министерството за образование и наука има законска обврска да го обезбеди правото на полагање на матурата, особено на оние ученици коишто сакаат да го продолжат своето образование во високообразовни установи во нашата држава и во странство“, изјави Царовска вчера, соопштувајќи дека тоа го заклучиле на состанок со сите директори на средните училишта. Рече и дека нема бојкот на 70 проценти, како што тврди Сојузот, туку само на дел од учениците.

Сојузот на средношколци, пак, информираше дека бојкотот на наставата го почнале со 78 отсто од матурантите, а следниот ден, во петокот, процентот паднал на 71. Според нив, тоа се должи на притисоци, што е спротивно, како што наведоа во реакција, на Конвенцијата за човекови права и Уставот на РСМ и е кршење на средношколските права.

По вчерашната изјава на ресорната министерка, Сојузот се согласи дека државната матура е право на избор, но дека тоа што над 14 илјади матуранти веќе се пријавиле во декември е затоа што тогаш не биле сигурни дали воопшто ќе се одржи матурата.

„Имаше матуранти кои бараа нејзино откажување и затоа сите матуранти ги пријавија испитите, не сакајќи да се коцкаат со сопствената образовна иднина. Така што, аргументот дека учениците во декември го оствариле своето право врз основа на личен избор не е баш најдобар“, одговори Сојузот со реакција.

Нивниот претседател Бленди Ходаи во четвртокот изјави дека ќе бојкотираат една недела, а ќе одлучат дополнително за следните чекори и дали ќе организираат протест.

Државниот испитен центар во ноември ги објави термините за полагање на државната матура која ќе се реализира од 29 мај до 14 јуни 2021. Покрај трите екстерни испити, матурантите имаат и еден интерен и проектна задача. МОН соопшти дека и за оваа генерација матуранти се направени подобрувања на концептот, со измени во проектната задача и со проширување на листата изборни предмети за третиот екстерен испит, така што им се дава можност да изберат и Географија и Информатика.

МОН, исто така, укажа и дека минатата година нашата земја била негативен исклучок во регионот и во светот со неполагањето матура, поради што наши ученици, како што рече Царовска, не успеале да се запишат на високорангирани универзитети во светот затоа што немале положен матурски испит.

Јане бил свесен дека деновите му се одброени и отворено говорел за тоа. Знаел дека многумина имаат причина да го ликвидираат, дека им пречи во остварувањето на нивните „повисоки цели“.

повеќе

Во македонскиот интернет простор постојано се појавуваат и гаснат портали, со што засекогаш исчезнуваат и објавените содржини.

повеќе

Пред неколку недели се наврши една година од почетокот на пандемијата. Ковид-19 ги разоткри системските проблеми во здравствениот систем и другите институционални гранки на Косово.

повеќе