Младински образовен форум

МОФ: Не смее средношколците да бидат заморчиња за тестирање брзи решенија

Невладината организација Младински образовен форум е загрижена за спроведувањето на овогодинешното квалификационо тестирање на средношколците, кое вчера беше најавено во три средни училишта.

МОФ смета дека ваквото тестирање ги става учениците во непријатна ситуација со тоа што им остава краток период за подготовка за полагање два предмети за кои повеќе немаат учебници.

„Иако тестирањето е наведено во конкурсот за упис во средните училишта, временската рамка за подготовка е многу тесна. Од моментот на објавата на првичната ранг-листа, до изведувањето на тестирањето, учениците имаат нецели два дена да се подготват за два теста. Тестирањето е навистина важно за идните средношколци од причина што овие резултати директно влијаат на нивното понатамошно образование.

Нефер и неразумно е што учениците повеќе немаат учебници за предметите за кои ќе бидат тестирани. Ова се случува од причина што државата им ги дава на бесплатно користење на учениците, а тие мора да се вратат во училиштата за да се земе свидетелството за завршено деветто одделение, кое е потребно за упис во средно училиште. Иако предметниот материјал е поминат и усвоен од нивна страна, имањето учебници не смее да се става под знак прашалник бидејќи на секој ученик му се потребни услови за подготовка за ова особено важно тестирање“, вели МОФ и истакнува:

„Потенцираме дека со оваа новокреирана состојба и најавување на исклучително кус рок, учениците се ставаат во неизвесна и непозната ситуација, која може и мора да биде планирана и превенирана од страна на надлежните институции. Ова е дополнителен стрес од оној што веќе го имаат при преминот од една во друга фаза на образование.

Повеќе од неповолна ситуација е и полагањето тестови од два предмети во еден ден, што не е случај во редовното тестирање во училиштата, како во основно така и средно образование, дури ни при полагањето испити во високото образование.

Додека министерството не најде соодветен модус за превенирање на овие ситуации во иднина, мора да се остави простор за отворање поголем број паралелки во оние училишта каде што се јавува потреба за нив. Колку за илустрација, тестирањето во некои од училиштата е најавено само поради не повеќе од 30 ученици за кои нема место во постоечките паралелки.

Потенцираме дека и понатаму остануваат места во стручните училишта кои ниту оваа година Министерството за образование не успеа доволно да ги промовира и популаризира помеѓу идните средношколци. Еден од приоритетите на Министерството мора да биде изедначување на квалитетот во сите училишта, што директно ќе влијае на нивната привлечност за следните средношколци.

Алармираме да се работи на решавање на овој проблем, а Министерството за образование да внимава на идно креирање на вакви непромислени ситуации во кои единствено учениците трпат штета. Не смее од средношколците да се прават заморчиња преку воведување на вакви брзи и непромислени решенија“, стои во реакцијата на МОФ.

Министерот за финансии не треба да е кум, баџанак, шура, братучед или самиот тој, бидејќи треба да даде отпор на честите политички, но не и економски барања на членовите на владата.

повеќе

Зрелоста на еден народ е да препознае кога протестите за замена му ги продаваат како протести за промена. 

повеќе

Толку убава, чиста земја, богата со шуми, планини и природни ресурси ја претворивме во Мордор.

повеќе