четврток, 28 март 2024

Македонија злоупотребила европски пари, ОЛАФ бара поврат на 2,2 милиони евра

Европската канцеларија за борба против измами (ОЛАФ) бара поврат на 2,2 милиони евра од Македонија, пари злоупотребени преку програмата Еразмус+ во периодот 2016-2018 година. Генералниот директорат за образование млади, спорт и култура на Европската комисија, согласно извештајот на ОЛАФ, на 30 ноември 2023 испратил известување до Националната агенција за европски образовни програми и мобилност со барање за поврат на средствата, а овој месец Агенцијата примила известување и за конечност на одлуката, соопшти денеска на прес-конференција, директорот на Националната агенција Марко Ѓоргиевски.

Фото: скриншот

Објавено на

часот

Сподели

Ѓоргиевски информираше дека предметот е кај Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција ОЈО ГОКК), но поради предистражната постапка не може да соопшти повеќе детали.

„Во известувањето бевме информирани дека постојат одредени наоди за неправилности во врска со проектни досиеја на 22 корисници на грант од програмата Еразмус+ финансирани од Европската комисија. Согласно ова известување, се бара поврат на 2.276.212 евра кои биле доделени како грантови во периодот од 2016 до 2018 година“, рече Ѓоргиевски.

Кога било добиено известувањето, на крајот на минатата година имале состаноци со Министерството за образование и наука (МОН), Секретаријатот за европски прашања (СЕП) и Делегацијата на ЕУ во Скопје, а седница имала и Владата. Потоа Агенцијата го контактирала Генералниот директорат за образование млади, спорт и култура на Европската комисија и побарала дополнителни информации поврзани со извештајот на ОЛАФ со цел, како што рече Ѓоргиевски, „да ги дефинира следните чекори и сѐ што е потребно да се преземе во однос на нивните наоди, но и да побара насоки како ќе се спроведува повратот на парите доколку барањето се финализира“.

Во меѓувреме, Националната агенција пратила барање и до Управата за финансиска полиција при Министерството за финансии за информации во врска со извршените проверки на ОЛАФ.

„Оттаму не информираа дека до Управата за финансиска полиција е пристигнат извештај од ОЛАФ и дека тој е доставен до надлежен обвинител од ОЈО ГОКК. Во март Националната агенцијата доби известување за конечноста на одлуката за поврат на пари од имот за борба против измами од Генералниот директорат за образование млади, спорт и култура согласно извештајот на ОЛАФ. Откако сме информирани за случајот, заедно со Владата се обидуваме преку интензивна комуникација и координација со релевантни европски институции да се најде најсоодветно решение како да се реализира овој поврат и како да не се повторуваат вакви случаи во иднина“, истакна директорот на Агенцијата.

Ѓоргиевски нагласи дека Агенцијата е отворена за соработка  и со сите нивни ресурси и документација им стои на располагање на Обвинителството што го истражува предметот и на Управата за финансиска полиција.

Тој кажа дека ја предводи Агенцијата со приоритет да се подигне нејзиниот углед и реномето и сите нивни активности и повици се транспарентни и во насока на заштита на ЕУ-фондовите, а меѓу нив и јавна кампања за анонимно пријавување неправилности во имплементација на проектите. Дека се на добар пат во нивните стремежи, рече, се забележува и од последните ревизорски извештаи на Европската комисија.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ