Министерство за здравство

Масовното вакцинирање почнува утре, болниците се преоптоварени со новозаразени пациенти

Масовното вакцинирање на населението против ковид-19 во земјава официјално ќе започне утре, понеделник, со „Спутник В“. Вакцинирањето ќе се одвива на пунктови во А1 Арената (сала „Борис Трајковски“), а закажани се термини за 3.000 граѓани. Третиот бран на пандемијата од коронаввирусот не стивнува. Во претходното деноноќие забележани се 1.394 нови случаи од 4.920 тестирања, или 28 отсто од тестираните се позитивни. Вкупно починаа 45 лица, а оздравеа 479 пациенти. Во моментов бројот на активни случаи во државата изнесува околу 22 илјади.

Во оваа фаза ќе бидат имунизирани  граѓани од критична инфраструктура – луѓе што работат, МВР, АРМ, новинари, служби од Град Скопје и сите што имаат контакти – возачи на автобуси, пожарникари, воспитувачки во градинките, вработените на патарините…  Според планот, вакцинацијата со 20.000 руски вакцини „Спутник“ што ги донираше Србија, ќе се одвива на 48 пункта.

 Во салата вчера беше направена проба како ќе функционира и ќе се координира масовната вакцинација – местата каде ќе се прави приемот на граѓаните, потоа индивидуалниот преглед и вакцинирањето, пунктови каде ќе се издаваат потврди со термини за ревакцинација, местото за фрижидерите за вакцините…

Ќе има тим од 20-ина медицински сестри и пет доктори во две смени, места за 15-20 минути опсервација по завршување на вакцинирањето и обележани делови за Итна медицинска помош ако е потребно.

Министерот Венко Филипче при посетата на А1 Арената изјави дека на почеток во просек околу 4.000 луѓе на ден ќе бидат вакцинирани низ дражавата, а верува дека за кратко време ќе се исполни и планот да се достигнат 7.000 термини дневно, кога системот ќе профункционира во целост.

Филипче соопшти дека овој месец ги очекуваме и останатите дози вакцини и секоја количина, рече, точно ќе се знае каде ќе оди.

За вакцините на „Астра зенека“ се чека официјална одлука од Бордот на ЕМА. Засега се аплицира само кај постари граѓани и досега официјално не е пријавен ниту еден несакан ефект, исто како и од другите вакцини што се даваат. Единствен проблематичен случај е со 28-годишната девојка кај која се појавила тромбоза на вена на окото по примањето на „Астра зенака“.

За масовната вакцинација, во А1 Арената ќе бидат ангажирани и вработени во администрација од Министертство за здравство, здравствените домови, Институтот за јавно здравје…

Во последните 24 часа се регистрирани нови 1.394 случаи на ковид-19, 45 починати и 479 оздравени пациенти, соопшти Министерството за здравство согласно податоците од Институтот за јавно здравје.

По завчерашниот највисок број (50) починати во 24 часа, министерот за здравство Венко Филипче вчера изјави дека има пациенти со многу тешка клиничка слика кај кои терапијата не дава резултати. Болниците се преоптоварени како никогаш од почетокот на епидемијата, рече тој, но дури и сега има слободни кревети и ниеден пациент нема да остане без соодветна лекарска нега.

„Колегите прават сѐ. Има пациенти со многу тешка форма, се лекуваат согласно стандардите, но за жал, и покрај преземените мерки, кај некои лекувањето нема ефект. Има пациенти со клиничка слика и страшни манифестации на белите дробови и крвта какви што пулмолозите и колегите инфектолози досега не виделе. Нема ефект од терапијата и, кога состојбата ќе се влоши, и покрај се што се прави, нивните животи не можат да се спасат“, рече Филипче.

Во однос на смртните случаи на млади луѓе, министерот одговори дека и во регионот често има влошување на здравствената состојба кај младите во рок од само неколку часа.

Вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот кои се лекуваат на инфективните оддели во главниот град и во болниците низ земјава е 1.684 и има околу 230 празни болнички кревети во ковид центрите, соопшти Министерството за здравство.

Во болницата во Битола се хоспитализирани 112 пациенти, во Штип 86, во Велес се лекуваат 97 болни, во Куманово 96, во ковид-центарот во Охрид има хоспитализирано 110 пациенти, во Прилеп 138 , во Струмица 87 пациенти,  Кавадарци 79. Во другите градови има помалку хоспитализирани. Вкупно 685 лица сомнителни и потврдени за Ковид -19 се лекуваат на инфективните оддели во главниот град. Во моментов во ковид центрите на Интерните и на хируршките клиники се лекуваат 311 пациенти.

Во ГОБ „8 Септември“ има вкупно 136 болни, а на Клиниката за инфективни болести лежат 153 пациенти, додека во Иститутот за белодробни заболувања кај деца Козле има 39 пациенти. На Клиниката за детски болести има 5 деца позитивни на ковид-19 вирусот, а на ГАК има 9 позитивни пациентки. Во Институтот за физикална медицина и  рехабилитација има 26 болни. Голем дел од пациентите се на кислородна поддршка.

Вкупната бројка на Ковид-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 134.134, бројката на оздравени пациенти е 108.676, на починати е 3.905, а бројот на активни случаи изнесува 21.553. Најмногу активни случаи има во Скопје 10.613, Прилеп -1.130, Куманово – 1.047, Битола – 981, Охрид – 876, Велес – 818, Кавадарци – 749. Во другите градови се помалку од 700.

Во светот досега од САРС-КоВ-2 се инфицираа над 131 милион луѓе, починаа над 2,8 милиони лица и оздравеја 105 милиони пациенти.

СЗО завчера вечерта соопшти дека за 24 часа во светот со коронавирус се заразиле 659.000 луѓе.

Од британската Агенција за регулирање на медицината и здравјето (МХРА) вчера стигна веста дека вкупно седум смртни случаи од згрутчување на крвта по вакцинирањето на 18 милиони Британци со „Астра зенека“, но не е утврдено дали е од вакцината.

„Придобивките од спречувањето на инфекцијата со ковид-19 и компликациите од инфекцијата се уште ги надминуваат сите ризици и жителите треба да продолжат да примаат вакцина кога ќе бидат повикани за имунизација“, изјави вчера за Би-Би-Си Џун Рајн, раководител на британската Агенција за регулирање на медицината и здравјето (МХРА).

Поради појавата на згрутчување на крвта по вакцинирањето со „Астра зенека“ некои земји привремено ја прекинаа, а подоцна и ограничија употребата на оваа вакцина само на повозрасните лица.

Европската агенција за лекови (ЕМА) соопшти дека вакцината е безбедна, но, исто така, планира и натамошни консултации за тоа дали да опстојат одлуките за ограничување на употребата на вакцината во некои земји-членки на ЕУ.

Целиот свет гледа на 2021 година како на година на заздравување на економијата.

повеќе

Не треба толку да се грижиме за тоа дали се искачуваме на табелата, туку повеќе треба да внимаваме на тоа дали навистина се справуваме, истражуваме и ги гониме оние кои се занимаваат со корупција.

повеќе

Потребно е да се провери дали имало наредба за следење врз Камчев.

повеќе