Што вели протоколот за наставата со физичко присуство од 1 септември

Маски, дезинфекција, мерење температура, редари, тоа е мал дел од мерките за почетокот на учебната година

Сите влезови во училиштата треба да бидат отворени, мора да има редарска служба, на децата и наставниците ќе им се мери температура, задолжителна е дезинфекција на рацете, забранет е влез без заштитна маска, внатрешните простории мора да се проветруваат и дезинфицираат, не е дозволено мешање на деца од различни паралелки, контактите на наставниците со родителите на учениците може да бидат само преку телефон или интернет, се вели меѓу другото во протоколите за заштита од ковид-19 за наставата од 1 септември, доколку таа почне со физичко присуство.

Министерството за образование до сите училишта го испрати планот и протоколите за настава со физичко присуство од 1 септември, која ќе се спроведува доколку Владата врз основа на мислења на Комисијата за заразни болести до тогаш не донесе поразлични мерки. МОН наставата со физичко присуство ја смета за суштинска за образованието и благосостојбата на децата.

„За донесување на одлука за повторно отворање на училиштата се направи општа проценка на ризиците, при што се земаа предвид епидемиолошките фактори, степенот на вакцинација на наставниот кадар, образовниот систем, здравствениот систем и капацитетот на јавното здравство, ангажманот на заедницата и државниот капацитет за одржување на социјална и економска поддршка на најранливите", се вели на почетокот од дописот до училиштата.

Како што веќе е познато, МОН има три сценарија за новата учебна година. Првото сценарио говори за настава со физичко присуство на учениците и наставниците и според ставот на Главниот кризен штаб, е најизвесна од 1 септември. Второто сценарио е да се изведува комбинирана настава – дел од учениците да бидат во училишните клупи, а дел наставата да ја следат онлајн, од дома. Третото сценарио ќе се спроведе доколку епидемиолошката состојба во земјава биде лоша, и тоа ќе значи преминување на учење од далечина – преку компјутери, таблети или паметни телефони, а дел од децата, кои немаат пристап до интернет, настава ќе следат преку образовна програма на јавниот телевизиски сервис.

МОН во упатсвата нагласува дека од 1 септември сите влезови на училиштата треба да бидат отворени со цел да биде растоварено движењето, да има средство за дезинфекција, а на влезовите и по ходниците да биде оставен едукативно-информативен материјал и насоки за заштита на здравјето. Средства за дезинфекција мора да има во секоја училница и просториите треба да се проветруваат. За време на одморите, во училниците да се врши дезинфекција на предметите и да се отворат прозорците. На 1 септември наставата задолжително започнува со упатства за сите учениците за тоа како правилно и безбедно да се однесуваат, да носат маски, да одржуваат физичко растојание, хигиена на рацете и заштита на сопственото здравје, но и здравјето на останатите ученици и вработените во училиштето.

Никој во училиштето не смее да влезе без маска и извршена дезинфекција на рацете, за што на влезовите ќе биде организирана редарска служба, што е одговорност на директорот на училиштето. Најмалку по двајца редари треба да има на влезовите и по двајца внатре во училиштето.

„На учениците пред влезот на училиштето, им се мери телесна температура со безконтактен топломер. Во случај на зголемена телесна температура (над 37.4°) не се дозволува влез на ученикот во училиште и родителот се упатува на консултација кај матичниот лекар на ученикот. Децата со знаци на други заразни болести исто така не смеат да доаѓаат на училиште. Забранет е влез за родители/старатели освен на ученици со посебни образовни потреби со задолжително носење на заштитна маска. Се забрануваат сите видови физички контакти за поздравувања меѓу вработените во училиштето и меѓу учениците ", пишува во протоколот и се додава дека се забранува мешање на деца од различни одделенија/класови дури и во случај на користење на спортски сали, библиотеки или други заеднички простории.

Во случај да се изведува кабинетска настава, просторијата мора да е проветрена и во неа друга група ученици да влегува организирано, без контакт со претходните ученици. За тоалетите треба да се води грижа да не влегуваат истовремено ученици, а тие простории редовно да се дезинфикуваат.

Наставниците мора да носат заштитна маска и да одржуваат растојание, а своите контакти со родителите да ги извршуваат преку телефон или преку интернет.

Меѓу бројните точки во протоколот, на крајот се предвидува што тгреба да се прави доколку се појави сомнителен или потврден случај на ковид-19.

„Доколку во училиштето се појави заболен од ковид-19 или лице кое имало контакт со лице заболено од ковид-19, лицето треба да се изолира во посебна просторија со задолжително носење на заштитна маска, а директорот треба да воспостави комуникација со Центарот за јавно здравје за добивање на понатамошни насоки за постапување. За преземените активности училиштето доставува извештај до општината, а општината до Министерството за образование и наука. Ако ученик развие симптоми додека е во училиште, наставникот/стручниот соработник го изолира ученикот во посебна просторија со задолжително носење на заштитна маска и веднаш ги известува родителите/старателите, кои во најкраток временски период треба да го земат детето со цел консултација и натамошни активности со матичниот лекар на ученикот. Доколку се потврди дека ученик е заболен од ковид-19, се следат протоколите од Министерството за здравство за тој ученик, а училиштето врши консултации со Центарот за јавно здравје, за натамошно постапување со паралелката на која припаѓа ученикот", пишува во протоколот на МОН.

Во протоколите не е наведен бројот на ученици во едно одделение/клас.

Наставниот час во основните училишта ќе трае 40 минути, а во средните 45 минути. Одморите помеѓу часовите се во траење од 5 минути, а големиот одмор може да трае од 15 – 20 минути.

Во случај да се премине на онлајн настава, тогаш часовите ќе траат по 30 минути во основните и 35 минути во средните училишта. Наставниците онлајн ќе се вклучуваат од своите кабинети, а доколку е потребно може наставата да ја изведуваат и од дома.

П.Џ.

Првичната реакција на голем број држави кога се појави новата варијанта на ковид-19 вирусот за забрана на патувањето од Јужна Африка и од соседните држави, иако истиот веќе се има проширено, е очајна мерка. Всушност, државите можеби се и подобро подготвени отколку што мислат за што и да следи.

повеќе

Со неколку геополитички шаховски потези, Кина докажа дека не секогаш оружјето и војните се единствениот начин за глобална доминација.

повеќе

Македонија може да ги задоволи потребите од електрична енергија ако на површина од 160 км2 постави соларни панели, а инвестицијата за тоа е 2,4 милијарди евра.

повеќе