Од Амбасадата на Руската Федерација во Македонија за МКД.мк велат дека на 18 август министерот за здравство Венко Филипче бил информиран за успесите на руската вакцина за коронавирусот и му била понудена помош од Рускиот фонд за директни инвестиции, овластена руска институција за извоз на вакцината во странски земји. На Македонија ѝ била понудена можноста за прелиминарни нарачки на вакцината по достапна најконкурентна цена.
„Вакцината не се продава приватно. Според законот, македонските граѓани можат да добијат пристап до вакцината ако Владата одлучи за набавка на руската вакцина. Министерот за здравство во телефонскиот разговор на 10 септември нѐ информира дека нивниот сектор за вакцини и имунизација го следи процесот за руската вакцина и има некои прашања во врска со тоа. Се договоривме дека тие прашања ќе бидат разгледани во контакт меѓу стручни лица на двете земји“, ни одговорија од руската амбасада.
Оттаму нѐ информираа дека кон крајот на јуни на министерот за здравство му биле понудени хуманитарни испораки од Русија на тест системи и реагенси за дијагностика на коронавирусот. „Овие тестови веќе се испорачуваат на комерцијална основа и се покажаа мошне ефикасни. Вчера добивме одговор дека Македонија веќе има набавени тест-системи. Ја почитуваме ваквата одлука и, се разбира, им посакуваме успех на сите во борбата против коронавирусот“, се вели во одговорот на Амбасадата на Русија во Македонија.
На 11 август научноистражувачкиот институт за епидемиологија и микробиологија „Николај Ф. Гамалеја“ ја регистрира првата вакцина против новиот коронавирус.
Според резултатите од првите две фази на клиничките испитувања на вакцината извршени врз волонтери, кои беа претставени и во независното медицинско списание Лансет, вакцината се покажа ефективна и безбедна за луѓето.
Сепак, таа беше одобрена пред вообичените тестирања што се спроведуваат на илјадници луѓе, познати како фаза 3 и клучни за добивање зелено светло од регулаторот.
Научниците на Западот изразија загриженост поради брзината на развој на руската вакцина, посочувајќи дека истражувачите би можеле да прескокнуваат важни процеси под притисок на властите за испорака на вакцината. Некои руски виролози, објави Москва тајмс, исто така предупредија дека вакцината може да биде опасна за луѓето што имаат антитела против вирусот.
Русија, која е на четвртото место во светот по бројот на заразени со коронавирусот, е една од неколкуте држави што се натпреваруваат да развијат вакцина за запирање на болеста од која починаа повеќе од 740.000 луѓе и која ѝ нанесе голем удар на светската економија.